МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
26 декември 2024
Скопје - Претседателот на Собранието, Африм Гаши на денешниот брифинг со новинарите нагласи дека би ја поддржал идејата на претседателот на СДСМ Венко Филипче, кој повика на заедничка, натпартиска стратегија со која би се гарантирал долгорочниот развој на државата.
-Да, ќе поддржам. Јас поддржувам такви идеи кога се работи за државнички пристап кон работите, но ќе видиме како ќе реагираат. Сепак, како претседател на Собранието не сакам да се инволвирам во вакви прашања. Јас би поддржал, би учествувал ако мислам дека можам да помогнам. Но, не мислам дека треба да коментирам политички изјави на други политички актери во државата, рече Гаши.
Скопје – Не постои никаков ризик за безбедноста, за безбедноста на државата. Државата е во сигурни раце, се води сметка да нема би рекол дополнителни изненадувања, да нема никакви изненадувања, коишто би можеле да ја нарушат безбедноста на една суверена, европска демократска држава, каква што е нашата држава во 21 век, истакна претседателот на Владата Христијан Мицкоски, кој денеска одговараше на пратеничките прашања поставени од пратеникот, Блерим Беџети од Европскиот фронт.
Премиерот, Мицкоски истакна дека оваа Влада, во којашто се коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО ДПМНЕ, коалицијата ВРЕДИ или ВЛЕН, политичката партија ЗНАМ се грижи за безбедноста на целата територија, како и за сите граѓани без разлика од тоа дали се дел од политичкиот живот или не се дел од него, како и без разлика на етничките и верски различности.
Скопје – Премиерот Христијан Мицкоски денеска од говорницата во Собранието укажа на незаконско работење на дел од агенциите и службите задолжени да се грижат за безбедноста на граѓаните и државата, истакнувајќи ја неопходноста од реформи во работењето на службите.
Одговарајќи на прашање на пратеникот Јован Јаулески за нови моменти од спроведените истраги внатре во рамки на безбедносните структури, премиерот посочи дека претходната власт физички го следела него како лидер на најголемата тогаш опозициска партија, но и членови на неговото потесно семејство, неговата сопруга и синовите.
Скопје – Сериозно работиме за надминување на проблемот со нашите европски интеграции, а уставни измени ќе има кога ќе бидеме сигурни дека нема да имаме потенцијално вето од Бугарија и кога ќе изнајдеме решение кое ќе го гарантира завршетокот на овој процесот, порача денеска министерот за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Орхан Муртезани.
- И на македонски јазик имам изјавено дека никогаш не сум велел дека ќе излеземе од Владата ако нема уставни измени на крајот од годината. Кога ја формиравме Владата не го направивме тоа со една нога надвор, а со една внатре и не со уцени дека ќе ја напуштаме Владата, рече Муртезани во одговор на прашање на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања.
Скопје - Директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски, за МИА потврди дека Финансиската полиција спроведува акција за апсење на лице поврзано со случајот „Државна лотарија“ кое треба да биде спроведено во обвинителство.
На прашање дали има сознанија во врска со изјавата на министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочовска, која на денешната собраниска седница кажа дека поради злоупотреба на буџет е уапсено едно лице, Ивановски одговори потврдно.
Скопје – Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) при разгледување на предметите фактите ги утврдува преку информации кои ги прибавува од други надлежни институции и при носењето на одлуките постапува исклучиво во рамките на законските надлежности, информираат од Антикорупциска, посочувајќи дека во однос на предметот за директорот на АНБ, што се однесува на оспорената факултетска диплома, надлежна институција која ги утврдува фактите е Државниот просветен инспекторат врз основа на чиј записник од спроведен инспекциски надзор е донесена одлуката на ДКСК.
Скопје - Од мониторингот кај трговците на мало (маркетите) е утврдено дека цените на производите од „новогодишната кошница“ се намалени за 10 отсто, но се додадени и околу 30 нови производи (млеко и млечни производи, месо и месни производи, масло и јајца) каде се бележи намалување од 10 до 20 отсто, соопшти Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).
Оттаму додаваат дека од вчера пазарниот инспекторат е на терен низ цела Македонија и врши контроли кај добавувачите, производителите и маркетите.
Скопје - Конститутивна седница на Советот за социјална сигурност се одржала денеска, на која за негов претседател бил избран Фиданчо Стоев од Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија.
Министерството за социјална политика, демографија и млади соопшти дека целта за формирање на Советот е заштита и промоција на социјалните права и интереси на корисниците на пензија и преземање мерки за унапредување на социјалната положба и интеграција и подобрување на животниот стандард на корисниците на пензија.
Скопје - Во просториите на Судскиот совет на Република Северна Македонија, новоизбраните судии на Апелациониот суд Гостивар, Јетмир Хамзаи и Абдула Азари, денеска дадоа свечена изјава.
Пред заменик претседателот и членовите на Судскиот совет, судиите ја потврдија својата посветеност кон правдата и законитоста во својата нова улога.
Хамзаи и Азари беа избрани на оваа позиција на 504-та седница на Судскиот совет на Република Северна Македонија, одржана на 6 ноември 2024 година.
Скопје - Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје поднел кривична пријава против Б.З., поранешен вработен во МВР, на работно место началник на Одделение за обезбедување на Влада на РСМ, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба“ по член 353 од КЗ.
Од МВР денеска соопштија дека пријавениот, како началник на Одделение за обезбедување на Влада на РСМ, ја злоупотребил службената положба и овластување на начин што на полициски службеник вработен во Одделението со кој што раководел, му овозможил да се стекне со право за исплата на бонус плата за 2023 година, иако не го исполнил условот утврден во Законот за работните однос, односно да нема отсуство од работа повеќе од 21 ден во текот на годината.
Скопје - Полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје, по претходно добиена судска наредба од Основен кривичен суд Скопје, денеска во 10:15 часот извршиле претрес во домот на З.В. (34) во скопското село Волково.
Како што соопшти МВР, З.В. претходно на подрачјето на Центар бил лишен од слобода од страна на полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје, поради тоа што кај него биле пронајдени и одземени амфетамин, дигитална вага и нож, а при претресот исто така биле пронајдени и одземени амфетамин и дигитална вага. По целосно документирање на случајот, за З.В. ќе следува кривична пријава.
Скопје - Пријавувањето за 21. издание на Виз Ер Скопски Маратон, кое ќе се одржи на 5 октомври, 2025 година почна денес. Заинтересираните можат да се пријават преку официјалната веб-страница на маратонот на линкот http://skopskimaraton.com.mk.
Повторно ќе има четири трки: маратон, полумаратон, трка на 5 километри и штафетен маратон.
Рим - Папата Франциск денеска посети еден од најголемите италијански затворски комплекси и ја отвори специјалната „света врата“ за 2025 година, што според Ватикан е првиот таков чекор што го презема поглаварот на Католичката црква.
Папата стана од инвалидската количка, тропна на вратата од затворската капела и помина низ вратата, повторувајќи ја церемонијата што беше извршена во базиликата „Свети Петар“ пред два дена, на Бадник.
Анкара – Турција одлучи да дозволи делегација на Партија за еднаквост и демократија на народите (ДЕМ) да го посети лидерот на Курдск работничка партија (ПКК) Абдулах Оџелан во затвор, објави турскиот весник Сабах.
Тоа би била прва посета на Оџелан по речиси една деценија, кој отслужува доживотна затворска казна на островот Имрали.
Тирана - Албанската вицепремиерка, воедно и министерка за инфраструктура и енергетика, Белинда Балуку денеска соопшти дека е повторно отворен меѓународниот повик за изградба на новото пристаниште Порто Романо кај Драч.
- Изградбата на пристаништето Порто Романо е стратешка инвестиција за Албанија и регионот. Рокот за доставување на понудите е 7 февруари идната година а завршувањето на првата фаза од работите планирано е да трае 40 месеци, објави Балоку на Фејсбук.
Каиро - Каиро ќе биде домаќин на клучен трилатерален самит на почетокот на јануари кој ќе одбележи десет години соработка меѓу Египет, Грција и Кипар, oбјави „Ал Ахрам“.
На средбата ќе се истакне трајната посветеност на медитеранските земји за регионална стабилност и партнерство.
На форумот треба да учествуваат египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис и кипарскиот претседател Никос Христодулидис.
Хелсинки – Поправката на вчера прекинатиот подводен кабел „Естлинк 2“ (Estlink 2) за пренос на електрична енергија, што ги поврзува Финска и Естонија, најверојатно ќе трае неколку месеци, соопшти финскиот оператор „Фингрид“ (Fingrid).
Електричниот кабел што ги поврзува Финска и Естонија под Балтичко Море вчера беше прекинат. Тоа е последниот во серијата инциденти кои вклучуваат оштетување на телекомуникациските кабли и енергетските цевководи во Балтичкото Море.
Владата на Финска и на Естонија во текот на денот ќе имаат вонредна седница на која ќе ја оценат сериозноста на ситуацијата.
Баку – Неименувани претставници на Владата на Азербејџан денеска за „Еуроњуз“ (Euronews) изјавија дека патничкиот авион на „Азербејџан ерлајнс“, што вчера се урна во близина на казахстанскиот град Актау, бил погоден од руска ракета земја-воздух.
Руската ракета била истрелана поради дроновите над главниот град на Чеченија, Грозни, а шрапнели ги погодиле патниците и екипажот откако експлодирале покрај авионот.
Исто така тие тврдат дека на оштетениот авион не му било дозволено да слета на ниту еден руски аеродром иако пилотите побарале итно слетување. Пилотите добиле наредба да го прелетаат Касписко Море и да слетаат во Актау.
Вашингтон - Светската банка денеска ја зголеми својата прогноза за економскиот раст на Кина на 4,9 отсто во 2024 година и 4,5 отсто во 2025 година, но предупреди дека пониската доверба на домаќинствата и бизнисите, заедно со тешкотиите во секторот на недвижности, ќе продолжат да претставуваат проблем за економијата.
Во претходната јунска прогноза, Светска банка очекуваше кинеската економија да порасне за 4,8 отсто во 2024 година и за 4,1 отсто во 2025 година, но сега ја ревидираше проценката поради силата на кинескиот извоз и неодамнешните мерки на владата во Пекинг за стимулираат потрошувачка, пренесува CNN.
Предвидено делегација на ДЕМ денеска или утре да го посети Оџелан.
Дамаск - Сириските безбедносни сили спроведуваат операција во западниот дел на земјата против милициите кои го поддржуваат соборениот претседател Башар ал Асад, пренесоа светските агенции, повикувајќи се на државната новинска агенција.
Операцијата е во тек во западната провинција Тартус, населена со малцинството на Алаутите, од каде што потекнува Асад, кој беше соборен на 8 декември од бунтовничките групи.
Пекинг – Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг денеска изјави дека Пекинг нема да чека да и бидат загрозени безбедносните интереси, алудирајќи на соработката помеѓу Филипини и САД.
- Соработката на Филипините со САД, вклучувајќи го и распоредувањето на американскиот ракетен систем Тајфун, носи ризик од геополитичка конфронтација и трка во вооружување во регионот, истакна Мао.
Кинеското МНР ги повика Филипини да се придружат на стратешката автономија и мирниот развој.
Карачи - Пакистанскиот воен суд осуди 60 цивили на затворска казна од две до 10 години во врска со нападите врз воени објекти по апсењето на поранешниот премиер Имран Кан во 2023 година, соопшти денеска канцеларијата за медиуми на пакистанската армија.
Од истите причини пред неколку дена беа изречени затворски казни за група од 25 цивили.
Апсењето на Кан во мај минатата година предизвика протести низ целата земја, при што неговите приврзаници напаѓаа и ограбуваа воени објекти.