• четврток, 26 декември 2024
МИА Општински пул

26 декември 2024 

Куманово - Здружението „Бадникови поворки“, денеска на градскиот плоштад ја постави ја постави пештерата. На овој начин сметаат претставниците од здружението граѓаните ќе имаат можност да ја почувствуваат и божиќната атмосфера. Децата со изработените ѕвездички ја пречекаа пештерата.

- Куманово е многу убаво украсено, се гледа новогодишниот сјај, сакавме да му дадеме и божиќен дух, заради што ја донесовме пештерата. Централното празнување е на 6 јануари бадник, поворката ќе тргне од „Соколански парк“, пеејќи ја песната Вечниот бог, најавувајќи го на достоинствен начин христовото раѓање, изјави, Ружица Денковска од здружението.

Поворката ќе заврши на плоштадот, ќе има богата уметничка програма, подготвени се подароците за најмалите. Пред централното празнување се одржуваат работилници, децата од основно и средно образование творат творби, најуспешните ќе добијат соодветни награди. Здружението организира работилници и покрај изработката на ѕвездички децата ја учат песничката Вечниот Бог, учат за значењето на Бадник и Божиќ.

- Пораката на бадниковата поворка е пренеси ај божиќната радост до секое срце. Ја донесовме преубавата пештера, сакаме да ја пренесеме пораката и во Куманово, рече Летка Филипова, регионален координатор на „Бадникова поворка“ од Охрид.

Подготовките за главниот настан се засилуваат последнава недела. 

Струга - Струга и годинава нема да има организиран пречек за Нова година. Во пресрет на новогодишните празници градот е украсен онака како што доликува на една туристичка дестинација. Светилки и новогодишни реквизити блескаат низ централното градско подрачје, Чаршијата, новото шеталиште и кејот на реката Црн Дрим. На Чаршискиот мост, традицинално е поставена новогодишната елка.

За најмладите предвидена е предновогодишна забава на 30 декември пред општинската зграда, забава со локални бендови, а Дедо Мраз ќе прошета и низ градските улици.

За првите три новороденчиња во Новата година Општината предвиде по 15.000 денари, а од општинскиот буџет предвидени се и средства за пакетчлиња за децата од социјално загрозени семејства и деца со попреченост.

Струга - Полициски службеници од Полициското одделение во струшкото село Велешта, во придружба на дефектолог и педагог во Oсновнотo училиште „Мурат Лабуништи“ во селото Лабуништа одржаа превентивно едукативни предавања за штетноста од пиротехничките средства, информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.

Пред учениците и родителите, како што појасни, низ интерактивен пристап ја потенцирале опасноста од користење петарди и други пиротехнички средства.

- Им се укажа на можните повреди и нарушувања на психо-физичкото здравје кое петардите можат да го предизвикаат кај луѓето, посебно кај младата популација. Секако, учениците и родителите беа запознаени и со казнените одредби со кои се санкционира нелегалната употреба и продажба на пиротехника, истакна Димоски.

Дебар – Полициски службеници од дебарското Одделението за внатрешни работи, во текот на вчерашниот ден лишиле од слобода жител на Дебар, кој претходно ја загрозил безбедноста на вработените во Општата болница со проширена дејност.

- Вчера во 17 часот, на улицата „Борис Кидрич“ во Дебар, лишен од слобода е Р.М.(51) од Дебар, кој претходно, во Општата болница во Дебар го нарушил јавниот ред и мир со викање и со остар предмет ја загрозил безбедноста на вработените. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, информираше денеска Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.

Од болницата го потврдуваат инцидентот, и додаваат дека лицето Р.М. во алкохолизирана состојба влегол во едно од одделенијата и од вработените барал одреден лек и им се заканувал.

- Полициска екипа изврши увид и издадено беше мислење од психијатар, по што лицето е однесено во соодветна институција во Скопје, додаваат од болницата.

Споменатиот дебранец е истото лице кое неодамна беше приведено во Полициската станица во Дебар, поради друг прекршок, каде насилно се однесуваше кон полициските службеници и искрши прозорци на влезната врата на објектот. 

Струга - Струшката полиција лиши од слобода 47-годишно лице под сомнение за сторено кривично дело измама, соопшти денеска СВР Охрид.

Според информацијата, вчера во 7 часот и 40 минути полициски службеници на улицата „Чеде Филипоски“ во Струга, го лишиле од слобода А.Н.(47) од Струга, кој се сомничи дека е сторител на кривичното дело „измама“.

- По наредба на судија на претходна постапка, припадници на криминалистичката полиција од СВР Охрид и ОВР Струга, извршија претрес во неговиот дом, при што пронајдоа и одзедоа повеќе налози, уплатници и други документи, значајни за расветлување на кривичното дело, стои во соопштението.

По целосно документирање на случајот, против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава. 

Гевгелија - Општина Гевгелија и годинава организира традиционален новогодишен дочек на Градскиот плоштад. Покрај украсувањето на градот со разновидни содржини и Новогодишен базар, новогодишната атмосфера ќе биде збогатена и со традиционалниот новогодишен дочек, информираа денеска од локалната самоуправа.

-За дочекот на новата 2025 година Општина Гевгелија и годинава подготви богата музичко-забавна програма. Граѓаните ќе имаат можност заеднички да ја испратат 2024 година со концерт на Ефто Пупиновски и „Милениум бенд“, „Либра бенд“, „Европорта Фест“ во организација на Здружението „Внимание“- Гевгелија на кој ќе настапат млади музички таленти од Гевгелија со изведба на домашна и странска музика и настапот на Ѓорге Митров. Помеѓу настапите на музичките изведби,за изнудување смеа кај присутните на новогодишната забава е задолжен гевгелискиот стенд ап комичар, Дејан Малзарков со неговото шоу „Диверзија“, а водител ќе е Никола Опров, се наведува во информацијата.

Според градоначалникот Андон Сарамандов, Гевгелија заслужува да биде урбано место со богата музичка содржина преку целата година, а традицијата треба да се негува. Тој ги покани граѓаните заедно да ја дочекаат новата година. 

Скопје - Советот на Општина Бутел денеска на седница го изгласа буџетот на општината за 2025 година во висина од 828 милиони денари.

Градоначалникот Дарко Костовски, објави дека е донесен најголемиот, рекордно проектиран буџет кој некогаш го имала општина Бутел. - Усвоивме развоен буџет, буџет кој е наменет и исклучиво во служба на граѓаните. Буџет кој значи реализирање на барањата на граѓаните, објави на Фејсбук, Костовски.

-За жал советниците од ДУИ не го поддржа буџетот, не го поддржаа проектот за вода во Љубанци и Љуботен, не поддржаа нови улици во Љуботен, Визбегово, Скопје Север, Бутел, не поддржаа нови проекти и не го поддржа развојот на Општина Бутел. 20 години без никаков интерес за граѓаните на општина Бутел! 178 милиони денари за капитални проекти! Со овој буџет одвоени се рекорден број на финансии за капитални проекти, напиша Костовски.

Со овој буџет, како што информираат од Општината Бутел, се издвоени финансиски средства за реализација на парк во населбата Радишани, пешачка патека покрај река Серава, детска градинка во Бутел 2, уредување на речното корито на река Серава, реконструкција на клучните сообраќајници во општина Бутел, реконструкција и ревитализација на голем број на помали сервисни улици, изградба на нова и реконструкција на постоечката атмосферска и фекална канализација, изградба на нови спортско-рекреативни центри, нови детски игралишта, нови спортски игралишта, нови пешачки и пристапни патеки, поддршка на спортски клубови, спортски стипендии, субвенционирање за кровови и фасади, парична помош за пензионерите, зголемен број на финансиски средства за помош на социјално-загрозени семејства и средства за културни и спортски настани.

Остани поврзан