• петок, 17 мај 2024
МИА Радио флеш

27 март 2024 

- Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска примил делегација на ад-хок комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа за набљудување на претседателските и парламентарните избори во Република Северна Македонија, кои престојуваат во предизборна мисија во земјава.

Како што соопштија од кабинетот на Пендаровски, на средбата било разговарано за текот на подготовките на претседателските и парламентарните избори во Република Северна Македонија.

- Во последното деноноќие нема пријавено пожари на отворено, а имало вкупно 1.849 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК). 

Од ЦУК потсетуваат дека е потребно редовно чистење на оџаците и на локалните одводни канали. Апелираат да не се пали вегетација на отворено.

Во последното деноноќие од вкупно 1.849 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112, „реални“ повици биле 44,35, а 55,65 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.

- Претседателот на САД Џо Бајден победи на демокартските прелиминарни избори во Мисури. Огранокот на Демократската партија во оваа држава соопшти за тоа синоќа, неколку денови по затворањето на гласачките места во саботата.

Победата на Бајден не беше ставена под знак прашање, но аналитичарите се уште внимателно ја следат излезноста и бараат признаци на протестно гласање на демократските првични избори.

Гласањето во Мисури во саботата беа првите претседателски привични избори што партијата ги организираше по стапувањето во сила на новиот закон во Мисури лани во август. Партијата соопшти дека на гласањето учествувале 20.000 избирачи.

- Првиот заменик на постојаниот претставник на Русија во ОН, Дмитриј Пољански, изјави дека Москва побарала состанок на Советот за безбедност на ОН за агресијата на НАТО врз Југославија во 1999 година, но оти руските дипломати се уште го чекаат одговорот на претседавачот со Советот.

Како што јави РТС, Советот за безбедност на Обединетите нации во понеделникот ја отфрли расправата за 25 години од почетокот на НАТО бомбардирањето на СРЈ, бидејќи за дневниот ред не гласаа доволно амбасадори на земјите-членки.

– Коринтскиот канал што го одвојува Пелопонез од континентална Грција, од 1 мај 2024 година ќе биде достапен за пловидба во пресрет на туристичката сезона, соопштија од надлежната компанија, јави дописничката на МИА од Атина. 

Коринтскиот канал најчесто во текот на зимскиот период е затворен за пловидба и се изведуваат работи на падините на каналот за да се избегнат одрони, но и за биолошко чистење, како што беше случај во изминатите месеци, откако беше затворен по ланската туристичка сезона.

Лани каналот беше отворен од 1 јуни до крајот на септември.

- Полициската агенција на ЕУ (Европол) е погодена од голема криза откако исчезнаа чувствителните досиеја на највисоките полициски функционери.

Според интерната белешка, до која имал пристап порталот Политико, тие податоци, кои се чуваат под клуч во седиштето на Европол во Хаг, исчезнале во септември минатата година, а меѓу досиејата што недостасуваат се и печатените досиеја на извршната директорка на Европол, Кетрин де Бол, нејзините тројца заменици и други високи функционери.

– Украинскиот амбасадор во Германија ги нарече „апсурдни“ руските наводи дека неговата земја е вмешана во нападот кај Москва во кој загинаа најмалку 139 луѓе.

- Да, го исклучувам тоа, рече Олекси Макеиев утрово на јавното радио Дојчландфунк, додавајќи дека тоа се „апсурдни обвинувања“.

Според него, „Русија се обидува да ја обвини Украина за тероризам со цел да го оттргне вниманието од сопствениот терор“, јави ДПА.

 

Остани поврзан