• понеделник, 07 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски
МИА Радио флеш

Скопје - Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова денеска и утре ќе престојува во работна посета на Бугарија каде што ќе учествува на состанок на шефови на држави и влади на „Акаба Процес Балкан III“ во Софија.

Како што соопшти Кабинетот на Сиљановска-Давкова, посетата се реализира на покана на претседателот на Бугарија, Румен Радев, и кралот на Јордан, Абдула Втори.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче денеска ќе имаат средба во Владата, но претходно тие „ќе се соочат“ и во пленарната сала во Собранието каде премиерот и министрите ќе одговараат на опозициски прашања. Се очекува Филипче на средбата во Владата да му го образложи на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ неговиот план за долгорочна стратегија на државата која би се изготвила со политички дијалог. Ова е прва средба меѓу нив по стапувањето на премиерската функција на Мицкоски и преземањето на претседателската позиција во СДСМ од страна на Филипче.  

Од Владата вчера попладне соопштија дека имајќи ја предвид меѓусебната подготвеност за средба, таа е закажана за 14 часот. - Согласно јавната комуникација и упатените иницијативи и демонстрираната подготвеност од двете страни, за утре во 14 часот е закажана средба меѓу премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на СДСМ, Венко Филипче, посочија од Владата.

Белград - Србија е меѓу земјите за кои САД, со одлука на претседателот Доналд Трамп, воведоа највисоки царини, јави дописникот на МИА од Белград.
Бидејќи Србија, според тврдењата на администрацијата на Трамп, ги оптоварувала американските производи со царини од дури 74 отсто, во иднина извозот на производи од Србија во САД ќе подлежи на царини од 37 отсто. Таа цифра е највисока меѓу балканските држави. 

Како што може да се види од табелите објавени синоќа, американската администрација најмногу се водела по математичка логика при одредувањето на висината на царините што треба да се воведат за секоја земја или територија.

Атина – Седум од десет анкетирани (69,8 отсто) сметаат дека грчката Влада се обидува да ги прикрие причините за железничката несреќа кај Темпи пред две години во која загинаа 57 лица, а исто толку (70,7 проценти) сметаат дека опозициските партии се обидуваат политички да ја искористат трагедијата, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење на агенцијата „MARC“ за телевизијата „Антена“, јави дописничката на МИА од Атина.

Во однос на реконструкцијата на Владата што пред 20 дена ја направи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, 60,8 отсто сметаат дека промените нема (46,3 проценти) или веројатно нема (14,5 отсто) да донесат подобрување на работата на Владата.

Атина – Четири лица го загубија животот откако чамец со бегалци и мигранти се превртел во морскиот дел северно од грчкиот остров Лезбос, спасени се 23 лица, додека во тек е акција на Крајбрежната служба на Грција за пронаоѓање на исчезнати, јави дописничката на МИА од Атина.

Од Крјабрежната служба информираа дека во спасувачката акција во вода, на копно и од воздух што се спроведува од рано утрово, вклучени се три патролни бродови, еден брод што плови во близина, четири возила и хеликоптер на военото воздухопловство.

Тирана - Високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Каја Калас, на 8 април ќе допатува во посета на Албанија.

По средбата со премиерот Еди Рама ќе одржат  заедничка прес-конференција.

Ова ќе биде нејзина прва посета откако ја презеде функцијата висок претставник за надворешна политика и безбедност.

Париз - Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ќе одржи средба во Елисејската палата со претставници на сите економски сектори погодени од новите американски царини.

Американскиот претседател Доналд Трамп објави воведување на основна царинска стапка од 10 отсто за сите увозни производи, со дополнителна стапка од 20 проценти за Европската Унија. Ова отвори нова трговска војна, со потенцијално сериозни последици за глобалната економија, инфлацијата и економскиот раст.

Брисел – Приоритетните безбедносни предизвици, поддршката и перспективите за Украина, зајакнувањето на партнерствата и одбранбените капацитети и подготовките за јунскиот Самит на НАТО во Хаг, ќе бидат главни теми на дводневната средба на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Алијансата што започнува денеска во Брисел и на која ќе учествува и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. 

Средбата ќе започне со заседание на Северноатлантскиот совет, по кое на шефовите на дипломатиите на членките на НАТО ќе им се придружат и нивните колеги од четирите земји партнери од Азиско-пацифичкиот регион – Австралија, Јапонија, Јужна Кореја и Нов Зеланд. 

Брисел - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во видео-обраќање на повеќе јазици – англиски, германски и француски – ги коментираше новите царини воведени од страна на американскиот претседател Доналд Трамп.

Американските трговски мерки претставуваат „тежок удар“ за светската економија, предупреди таа, нагласувајќи дека Европската Унија подготвува контрамерки доколку не успеат преговорите.

- Веќе го финализираме првиот пакет контрамерки како одговор на царините за челик, изјави Фон дер Лаен во Самарканд, Узбекистан, каде што учествуваше на самитот за партнерство меѓу ЕУ и Централна Азија.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп и Белата куќа ги објавија реципрочните царински стапки на САД што ќе ги почувствуваат повеќе од 180 земји и територии според неговата нова сеопфатна трговска политика. Во графикони објавени на социјалните мрежи, Белата куќа ги прикажува ефективните царински стапки за кои тврдат дека другите земји ги наметнуваат на американските производи, вклучувајќи ги и оние преку „манипулација со валутите и трговски бариери“.

Од информациите на графиконот се гледа, дека според пресметките на администрацијата на Трамп, Северна Македонија има 65 отсто царини за САД, а сега се воведуваат царини од 33 отсто за македонскиот извоз во САД.

Вашингтон - Рејтингот на американскиот претседател Доналд Трамп падна на 43 проценти, најниско ниво откако тој се врати на власт. Американците се незадоволни од неговата царинска политика и од активностите на владата околу воените напади во Јемен, покажува истражувањето на Ројтерс/Ипсос.

Тридневното истражување, кое заврши вчера, покажува пад за четири поени од рејтингот од 47 отсто измерен веднаш откако тој ја презеде функцијата за втор мандат на 20 јануари. Од друга страна, најниско ниво на неговиот рејтинг за време на неговиот прв престој во Белата куќа е забележано во декември 2017 година - 33 отсто. Севкупно, позитивните оценки за него остануваат повисоки отколку што беа во поголемиот дел од неговиот прв мандат.

Вашингтон - Американскиот Сенат изгласа закон со кој се укинуваат новите царини наметнати на Канада од страна на претседателот Доналд Трамп. Гласањето се одржа само неколку часа откако Трамп воведе опсежни тарифи за увозните производи од најголемиот дел држави во светот.

Законскиот акт беше усвоен со 51 гласа „за“ и 48 „против“, по што беше испратен на разгледување во Претставничкиот дом, каде што најверојатно ќе остане блокиран.

Вашингтон - Цените на акциите на Волстрит вчера пораснаа, но откако американскиот претседател Доналд Трамп објави реципрочни царини повисоки од очекуваните, индексите нагло паднаа. Индексот Доу Џоунс (Dow Jones) вчера зајакна 0,56 отсто, на 42.225 поени, додека СиП 500 (S&P 500) порасна за 0,67 отсто, на 5.670 поени, а индексот Насдак (Nasdaq) за 0,87 отсто, на 17.601 поен.

Откако тргувањето беше нестабилно цел ден, кон крајот на тргувањето, индексите вчера завршија во позитива благодарение на надежта на инвеститорите дека Трамп ќе биде попустлив по прашањето за новите царини.

Вашингтон - Белата куќа синоќа објави дека Илон Маск ќе ја напушти функцијата во Одделот за владина ефикасност (ДОГЕ) како што е планирано подоцна оваа пролет, кога „неговата неверојатна работа“ ќе биде завршена. -Илон Маск и американскиот претседател Доналд Трамп јавно кажаа дека Илон ќе ја напушти јавната служба како посебно вработен во американската влада кога ќе заврши неговата неверојатна работа во ДОГЕ, објави на својот „X“ профил портпаролката на Белата куќа, Керолин Левит.

Таа ги критикуваше медиумите, повикувајќи се на написот објавен вчера на Политико, во кој се наведува дека Трамп им рекол на својот поблизок круг и на членовите на неговиот кабинет дека „Маск ќе се повлече од сегашната позиција во администрацијата во наредните недели“.  

Вашингтон - Компанијата Амазон практично понуди да ја купи платформата ТикТок, на која в сабота и се заканува забрана на територијата на САД бидејќи е кинеска, изјави синоќа функционер на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

Официјалниот претставник, кој побара анонимност, рече дека Амазон ја дал понудата во писмо до американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и министерот за трговија Хауард Лутник.

Тел Авив - Висок палестински функционер, кој не беше именуван од Тајмс оф Израел, изјави дека Хамас е подготвен да ги ослободи сите заложници во замена за траен прекин на огнот во Појасот Газа.

Хамас наводно е подготвен да ослободи голем број заложници како дел од обновениот привремен прекин на огнот, но бара гаранции од посредниците дека Израел ќе се согласи последователно да влезе во преговори за ставање крај на војната, изјави палестински претставник, нешто што израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху досега одбиваше да го направи.

Остани поврзан