• среда, 02 октомври 2024
МИА Радио флеш

2 октомври 2024

-Не смееме да се задоволиме со досега постигнатото на полето на родовата еднаквост, иако напредокот е евидентен. Должни сме да продолжиме со заложбите за рамноправност и еднаквост на правата не само де јуре, туку и де факто, зашто женските права се човекови права и степенот на демократијата се оценува и низ нивната реaлизација. Особено е важно да се елиминираат бариерите за економска партиципација и лидерство на жените. Секогаш постои простор за подобрување. Суштински предизвик е да се препознае и признае улогата на жената во процесите на одлучување и обликувањето на општеството, да се зголеми женското влијание врз и во различни сфери, вклучувајќи ги бизнисот, политиката, администрацијата, академската заедница и граѓанското општество, порача денеска претседателката Гордана Сиљановска Давкова пред учесничките на Женскиот економски форум - Балкан 2024. Сиљановска Давкова се осврна и на актуелните светски случувања, потенцирајќи дека жените треба да ја преземат реформаторска улога.

-Собраниска делегација предводена од претседателот Африм Гаши,  од денеска до 5 октомври ќе престојубваат во Анкара, Туција. Во состав на делегацијата, како што информира собраниската прес-служба, се Бејџан Иљас, претседател на пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на Република Турција,  членовите на оваа група Никола Мицевски и Мерита Колчи Коџаџику, како и пратениците Оливер Спасовски и Беким Сали. Денеска делегацијата од македонското Собрание ќе има средба со проф. д-р Ерол Озвар, претседател на Советот за високо образование. За утре, според собраниската прес-служба, планирана е средба со проф. д-р Селим Аргун, вршител на должноста претседател за верски прашања, тет-а-тет средба на Африм Гаши, претседател на Собранието на Република Северна Македонија и Нуман Куртулмуш, претседател на Големото национално собрание на Турција, како и средба помеѓу делегациите со која ќе претседаваат претседателите на собранијата, Нуман Куртулмуш и Африм Гаши.

 

-Министерството за надворешни работи и надворешна трговија го осудува синоќешниот ирански ракетен напад врз Израел, како и терористичкиот напад во Тел Авив, при што беа убиени шест цивили. Амбасадата во Тел Авив веќе стапи во контакт со надлежните институции на Израел, со цел потврда дека меѓу жртвите и повредените нема државјани на нашата земја. Како што се наведува во соопштението, имајќи ја предвид влошената безбедносна состојба на Блискиот Исток, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, апелира до македонските граѓани да ги одложат патувањата кон Израел, Иран и Либан, додека државјаните кои се наоѓаат на територијата на овие држави да ги следат упатствата на локалните власти и движењето да го сведат на минимум. Потсетуваме на СОС дежурните телефони на Министерството +389 75 273 732 и +389 75 268 736, како и дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив +972-54-926-7378, која е целосно екипирана и ставена на располагање за нашите граѓани.

-Министерот за европски прашања и национален ИПА координатор Орхан Муртезани, утрово ја потпиша Спогодбата за финансирање на ИПА 2024 Годишната акциска програма помеѓу Европската комисија и Владата на Република Северна Македонија. Оваа програма е во вкупен износ од 61.795.000 евра, од кои за ЕУ кофинансирање се предвидени 58.600.000 евра, за Национално кофинансирање 2.895.000 евра, за трета страна - корисници на грантова шемад 300.000 евра, за поддршка на секторите: здравство, социјала, правда, внатрешни работи, конкурентност и иновации, енергетика, земјоделство, локален и регионален развој, соопшти Министерството за европски прашања. Овие финансиски средства, распределени во три години, (почнувајќи од 2025), ќе бидат наменети за успешна имплементација на проекти кои се од суштинско значење за европската интеграција на земјата и зајакнување на институционалните капацитети.

-Корисниците на стипендии на странски државјани кои се од интерес за Република Северна Македонија (студенти со македонско потекло кои живеат во државите на Балканскиот Полуостров), а кои правото на студентска стипендија го оствариле во некоја од изминатите академски  години, правото на стипендија во академската 2024/2025 година можат да го продолжат од 1 до 15 октомври 2024 година. Според известувањето на МОН, корисникот на стипендија треба да достави до Министерството за образование и наука. Потврда за запишан нареден семестар, односно година на студирање; Уверение со положени испити; Уверение за предвидени и положени испити (УППИ образец) со успех од претходните години и Индекс (копија) од прв запишан семестар до последен заверен семестар.

-Основното јавно обвинителство Струга поднесе Обвинителен предлог против градоначалникот на Општина Струга, Рамиз Мерко, за „несовесно работење во службата“,  за како што информираат повреда на законските прописи при именување вршител на должност – директор на општинско основно училиште во селото Радолишта. Како што соопштуваат од ОЈО, обвинетиот свесно ги повредил законските прописи при именување на в.д. директорот. - Иако Законот за основно образование предвидува дека вршител на должноста директор се избира од редот на вработените во училиштето кои ги исполнуваат условите за директор, обвинетиот на 12.01.2022 година за вршител на функцијата во училиштето во Радолишта именувал лице кое не ги исполнувало таквите услови, односно немало работно искуство од најмалку пет години во воспитно-образовна работа, стои во соопштението од ОЈО. Дополнуваат дека именуваната ја вршела функцијата директор на училиштето во периодот од 12.01.2022 до 31.07.2023 година, за кој период ѝ биле исплатени плата и придонеси како в.д. директор со што му била нанесена штета на училиштето.

-Лимко Бејзароски е нов претседател на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД). Како што информира КСЗД, по принципот ротирање на претседателското место, на 18-та седница одржана на 1 октомври 2024 година, членовите го избрале Лимко Бејзароски за нов претседател на КСЗД. За заменик-претседател на Комисијата назначена е членката Флора Кадриу. Досегашен претседател на КСЗД беше Игор Јадровски. 

-Голем пожар утрово избувнал во зграда во скопската населба Чаир. Според информациите на ЦУК, еден пожарникар бил однесен на Токсикологија поради големо количество вдишан чад. Од Центарот за управување со кризи пренесуваат дека според информациите на Територијална противпожарна бригада на Град Скопје во периодот од 01:50 часот гаснеле запален магацин на неутврдена површина на улица „Прохор Пчински“ во Скопје. - Интервенцијата ја извршувале со 7 возила и 20 пожарникари. На лице место освен единици од БППЗ кои ко гасат пожарот биле и полиција и Итна медицинска помош. Според утринскиот службен извештај од БППЗ, еден пожарникар бил однесен на токсикологија поради големо количество вдишан чад (Општина Чаир), стои во соопштението од ЦУК. Дополнуваат дека во тек е интервенција за евакуација на станарите на зградата каде што е магацинот, а каде што потоа гореле и дуќани. 

-Во судар меѓу автобус и патничко возило што се случи утринава на стариот пат меѓу Нови Сад и Инџија, едно лице го загуби животот, а 27 се повредени, од кои четворица имаат тешки телесни повреди, јави дописникот на МИА од Белград. -Околу 7 часот и 30 минути на патот меѓу Инџија – Нови Сад, кај Инџија, во сообраќајна незгода учествувале автобус на редовна градска кружна линија и патничко возило, соопштија од Полициската управа Сремска Митровица. Според информации на српски медиуми, младо лице на возраст од 18 години возел диво и престигнувал возила, а возачот на автобусот се обидувал да го избегне. Двете возила од силината на ударот завршиле во ендек, а лицето што го управувало патничкото возило загинало. При судирот градскиот автобус се превртел на страна.

-Министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, на маргините на министерскиот состанок на Берлинскиот процес во Берлин, на средбата со министерот за надворешни работи на Србија Марко Ѓуриќ изјави дека владеењето на правото, ЦЕФТА и нормализацијата на односите со Приштина се централни точки на патот на Србија кон Европската унија, јави дописникот на МИА од Белград. -Интензивниот дијалог е основата на дипломатијата. Владеењето на правото, ЦЕФТА и нормализацијата со Косово се централни точки на патот кон ЕУ. Германија останува партнер за понатамошни реформи, соопшти синоќа германското Министерство за надворешни работи на „Х“. Ѓуриќ претходно вчера изјави дека на средбата со Бербок се разговарало за соработката меѓу двете земји, како и за економските резултати на Србија и дијалогот меѓу Белград и Приштина, нагласувајќи дека за Србија членството во ЕУ претставува стратешка определба и приоритет на надворешната политика.

-Лидерите на пратеничките групи во Европскиот парламент денеска треба да го усвојат планот според кој парламентарните комитети ќе ги одржат сослушувањата на кандидатите за нови еврокомесари. По неколкудневни преговори меѓу претседателите на комитетите, доцна синоќа беше усогласен предлог-планот за сослушувањата, по кој денеска треба да се произнесат првите луѓе на пратеничките групи. Со планот се предвидува голем дел од кандидатите за комесари да бидат сослушани од повеќе комитети на заеднички седници, што не е вообичаена пракса. Досега, како што е предвидено и со Деловникот на Европарламентот, одреден комитет спроведуваше сослушување на кандидатот или кандидатите за еврокомесари чии ресор е во сферата на областа која тој ја покрива и за која е одговорен. Доколку ресорот на некој кандидат опфаќа области за кои е надлежен повеќе од еден комитет, тогаш сослушувањата се вршат на заедничка седница. 

-Руските сили имаат целосна контрола врз градот Вухледар во областа Доњецк во источна Украина, објави утринава каналот Шот на комуникациската платформа Телеграм и проруските воени блогери. Руското Министерство за одбрана се уште не го потврди заземањето на градот. Регионален украински функционер синоќа изјави дека руските сили стигнале до центарот на градот, стратешка тврдина која повеќе од две години се спротивставувала на руските напади. На снимките од руските сили кои го веат свое знаме на покривот на административната зграда во центарот на градот денеска се може да се види зграда со скршени прозорци делумно претворена во урнатини.

-Европската Унија ја потврдува својата посветеност на безбедноста на Израел и најостро ги осудува нападите на Иран врз Израел, кои претставуваат сериозна закана за регионалната безбедност, се наведува во реакцијата на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел на иранските балистички ракетни напади врз израелска територија. - Опасниот циклус на напади и одмазди уште еднаш претставува ризик за поттикнување на неконтролирана регионална ескалација која не е во ничиј интерес. ЕУ останува целосно посветена на намалување на тензиите и на свој придонес за деескалација, со цел да се избегне опасен регионален конфликт, наведува Борел во писмената изјава упатена во името на ЕУ. Тој нагласува дека за остварување на ваквите свои заложби, ЕУ ќе остане во близок контакт со сите актери.  

-Германскиот канцелар Олаф Шолц ги повикува Иран и Хезболах веднаш да ги прекинат нападите врз Израел и предупреди дека Иран ризикува да го запали целиот регион. Германија и нејзините партнери ќе продолжат да работат на прекин на огнот, додава тој. -Иран ризикува да го запали целиот регион - тоа мора да се спречи по секоја цена. Хезболах и Иран мора веднаш да престанат со нападите врз Израел, рече тој.

-Иран го продолжи затворањето на својот воздушен простор бидејќи очекува израелска одмазда по неговиот вчерашен напад врз непријателската земја. Сите летови се откажани до 5 часот наутро в четврток за да се одржи безбедноста на воздухопловството, соопшти портпаролот на воздухопловната управа. Иран првично го затвори воздушниот простор над Техеран, откажувајќи ги сите летови до средата наутро, откако вчеравечер лансираше низа проектили кон Израел. Иранската исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) соопшти дека нападот бил одмазда за убиствата на лидерот на Хамас, Исмаил Ханије, началникот на Хезболах, Хасан Насралах и на иранскиот генерал, соопшти моќниот елитен огранок на иранските вооружени сили. Според Иран, цели на нападот биле три израелски воздушни бази и седиштето на израелската служба за надворешно разузнавање Мосад. 

-Лидерот на израелската опозиција Јаир Лапид повика на „цврст“ одговор на синоќешниот напад со балистички ракети од Иран. - На нашите непријатели треба да им биде јасна една работа: Израел ќе биде победник, вели тој во изјавата. - Со нашите воени капацитети, нашите одбранбени индустрии, поддршката на нашите сојузници и особено силата на нашиот неверојатен народ, знаеме дека дури и кога цената е висока, ќе победиме, продолжи Лапид. Според него, Техеран „ќе плати значајна и висока цена за синоќешниот напад“.

-Израелските власти за порталот „Аксиос“ изјавија дека во рок од неколку дена Израел ќе започне „значителна одмазда“ за иранскиот ракетен напад и дека цели може да бидат нафтени постројки, но и други стратешки локации. Иран се закани дека повторно ќе го нападне Израел доколку оваа земја одговори на речиси 200 проектили кои Иран ги лансираше синоќа. Израелските власти проценуваат дека доколку тоа се случи, „сите опции ќе бидат на маса“, вклучувајќи ги и нападите врз иранските нуклеарни постројки. „Големото прашање е како Иранците ќе одговорат на нападот, но ја земаме предвид можноста тие да се подготвени на се, што значи дека ќе следи многу поинаква игра“, изјави израелскиот функционер. Многу израелски официјални лица ги посочуваат иранските нафтени постројки како веројатна цел, но некои велат дека се можни и точно избрани убиства и уништување на иранските системи за противвоздушна одбрана. 

-Судот во аргентинскиот град Сан Исидро дозволи телото на легендарниот фудбалер Диего Марадона да биде преместено во мавзолеј во изградба во центарот на Буенос Аирес, пренесува „Clarin“. Дозвола за пренесување на телото побарале ќерките на Марадона, Далма и Џанина. - Бидејќи пренесувањето на телото се бара од хуманитарни и емоционални причини, а тоа е да им се дозволи на роднините и другите да дојдат и да изразат сочувство или да му оддадат почит на некој близок, освен ако пренесувањето на посмртните останки на кој било начин би ја загрозило нивната безбедност, нема причина да се одбие барањето, се вели во соопштението на судот. Диего Марадона почина на 25 ноември 2020 година на 60-годишна возраст. Причината за смртта е акутна срцева слабост. Марадона е погребан на приватни гробишта во предградието на Буенос Аирес, кои се затворени за јавноста. Изградбата на мавзолејот во кој се планира да биде пренесена пепелта на фудбалерот треба да заврши во 2025 година.

-Новиот министер за надворешни работи на Јапонија, Такеши Иваја, денеска изјави дека во наредниот период треба да се разгледа идејата за „азиско НАТО“, која ја претстави новиот премиер Шигеру Ишиба. „Мислам дека тоа е идеја за иднината, но треба да размислиме за тоа некое време“, им рече Иваја на новинарите на прес-конференција во Токио. Ишиба вчера повика на создавање „азиско НАТО“, во кое јапонските трупи ќе бидат стационирани на американско тло и каде што ќе има заедничка контрола на нуклеарното оружје на Вашингтон што ќе служи како пречка против нуклеарните соседи Јапонија, Кина, Русија и Северна Кореја. Тој тврди дека промените ќе ја одвратат Кина од употреба на воена сила во Азија. 

vranec_world_day_2024_300x250

Остани поврзан