• недела, 22 декември 2024

Руте: НАТО ќе се посвети на изградба на побезбеден свет за нашите граѓани (ДПЛ) 

Руте: НАТО ќе се посвети на изградба на побезбеден свет за нашите граѓани (ДПЛ) 

Брисел, 1 октомври 2024 (МИА) – Сојузниците во НАТО се соочуваат со сериозни предизвици и мора да работиме на справување со нив, согласно определбата за изградба на побезбеден свет за милијарда наши граѓани, порача новиот генерален секретар Марк Руте, на прес-конференција во Брисел по неговото денешно стапување на должноста.  

- Моја обврска ќе биде да работам на спроведување на ова и на приспособување на нашата Алијанса на се покомплексниот свет. Не постои ништо што не можеме да го постигнеме заедно, рече Руте.  

Тој посочи дека за време на неговиот мандат на чело НАТО ќе се посвети на три главни приоритети – обезбедување гаранции дека Алијансата ќе може да одговори на сите закани, поддршка на Украина во борбата против руската агресија и справување со растечките глобални предизвици поврзани со евроатлантската безбедност.  

- Основна цел на НАТО е да ја гарантира нашата безбедност. Во измината деценија постигнавме драматичен напредок во зајакнување на способноста на нашите сили за справување со која било закана, од кој било правец, рече Руте. 

Според него, за справување со новите предизвици, НАТО ќе мора да ја засили трансатлантската одбранбена индустрија и да ги зголеми нејзините производствените капацитети, да инвестира во иновации и да ги обезбеди синџирите за снабдување. 

- За да ја оствариме неопходната способност, потребни ни се поголеми трошоци за одбраната. Ќе работам со сојузниците да обезбедиме доволно инвестиции во потребните области и да ја зајакнеме нашата колективна безбедност, додаде Руте.    

Руте нагласи и дека поддршката за Украина претставува инвестирање во сопствената безбедност, бидејќи опстојувањето на независна и слободна Украина е гаранција за мирот и стабилноста на Европа. Тој посочи дека ја посетил Украина неколку пати од почетокот на војната и бил сведок на бруталноста на руска агресија, но и на храброста на украинскиот народ во неговата борба за слобода. 

- Цената на поддршката на Украина е многу, многу помала, од цената со која би се соочиле доколку му дозволиме на (рускиот претседател Владимир) Путин да го добие она што го сака, порача Руте. 

Тој потсети дека на последниот Самит на НАТО во јули годинава во Вашингтон, членките на Алијансата се обврзаа на долгорочна поддршка за Украина и за трасирање на нејзиниот пат кон членство во Пактот. 

- Ќе работам со сојузниците за целосно спроведување на нашите одлуки и за продолжување на напорите за приближување на Украина до НАТО, рече Руте. 

На новинарско прашање за неговиот став во однос на барањето на Киев за дозвола за користење на проектилите со голем дострел донирани од западните земји за напади на руска територија, Руте рече дека согласно меѓународното право Украина има право да се брани и таа одбрана не се ограничува само во рамки на нејзините граници, но нагласи дека одлуката за евентуално одобрување на користењето на тие ракети не е во надлежност на НАТО, туку за тоа решаваат земјите членки индивидуално.  

Во однос на заканите на Путин за можна употреба на нуклеарно оружје, Руте рече дека Западот редовно добива закани од Кремљ, но дека засега апсолутно нема показатели за опасноста од употреба на нуклеарно оружје од страна на Русија.   

Тој натаму посочи дека фокусот на НАТО мора да остане на евроатлантската безбедност и на сигурноста на неговите милијарда жители во услови на глобален раст на заканите. 

- Во таа насока ќе работам на зајакнување на нашето партнерство со голем број земји во поблиското и подалечното опкружување, кои ги споделуваат нашите вредности. Европската Унија е наш уникатен и суштински партнер. Постојат многу области за зајакнување на нашата соработка, од поддршката на Украина, до справување со хибридните закани, истакна Руте. 

Новиот генерален секретар на НАТО најави и засилување на соработката со земјите од Блискиот Исток, северна Африка и регионот на Сахел со цел зајакнување на стабилноста во јужното соседство на Алијансата.  

- Мора да направиме повеќе за справување со заканите од тероризмот по нашите држави и население, порача Руте и во тој контекст ја нагласи соработката со властите на Ирак и ирачкиот регион Курдистан во борбата против терористичките групи и пред се против организацијата Исламска држава. 

Руте нагласи дека посебно внимание ќе посвети на зајакнување на соработката со земјите од Индо-пацифичкиот регион во справувањето со заедничките предизвици, па затоа на претстојниот состанок на министрите за одбрана на НАТО кон средината на овој месец во Брисел, првпат ќе бидат поканети да учествуваат и нивните колеги од Австралија, Јапонија, Јужна Кореја и Нов Зеланд. 

- Со својата поддршка на руската воена индустрија, Кина ја овозможува руската војна против Украина. Кина не може да продолжи да го овозможува најголемиот конфликт во Европа по Втората светска војна, без да се соочи со последици по нејзините интереси и репутација, истакна Руте, нагласувајќи дека за својата „илегална војна против Украина“, Русија добива поддршка и од Северна Кореја и Иран. 

Тој им се заблагодари и на сите, како што рече, мажи и жени во униформа кои и служат на Алијансата, затоа што секојдневно во пракса ја штитат слободата на земјите членки, често пати и во услови на големи ризици по нивните животи. 

Руте воедно му се заблагодари и на досегашниот генерален секретар Јенс Столтенберг за неговата работа, како и на сите земји членки на НАТО за нивната поддршка при неговиот избор на новата должност во раководењето со, како што рече, најуспешната воено-политичка алијанса во историјата. сп/

Фото: ЕПА/скриншот

Остани поврзан