• среда, 02 октомври 2024
Миа Радио флеш

2 октомври 2024 

-Собранието на денешната 16. седница донесе одлука за усогласување на составот на Државната изборна комисија (ДИК) по смената на власта во земјата а во согласност со изборното законодавство со кое, меѓу другото, се предвидува претседателот на ова тело да биде од редот на опозицијата. Со усогласувањето претседател на ДИК е досегашниот член Борис Кондарко, кој доаѓа на предлог на СДСМ, а потпретседател Абдуш Демири, на предлог на Беса. Членови се досегашните претседател Александар Даштевски (ВМРО-ДПМНЕ) и потпретседателката Дитмире Шеху (ДУИ) и Оливер Ристевски (СДСМ), кој исто така беше член на ова највисоко изборно тело.

-Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Република Албанија во Република Северна Македонија, Денион Мејдани, на која што беа разгледани прашања од заеднички интерес, вклучувајќи ја европската интеграција, билатералната соработка, Планот за раст на ЕК за Западен Балкан, како и значењето на ИПА проектите за двете земји, информираат од кабинетот на министерот. Министерот Муртезани истакнал дека Северна Македонија и Албанија се исклучително блиски партнери и сојузници со заеднички стратешки цели, во контекст на патот кон членството во Европската Унија.

- Вкупно 43 лица се хоспитализирани по пожарот во зграда во Чаир што избувна утрово. На Клиниката за токсикологија биле примени 31 пациент, од кои пет се задржани на болничко лекување. На Детската клиника биле примени 12 деца, од кои две се задржани на лекување. Сите пациенти се во стабилна состојба. Како што информира за МИА директорот на Клиниката за токсикологија, Андон Чибишев, таму денеска имало 31 пациент од кои пет се задржани на болничко лекување. - Од 3:30 по полноќ, до 14 часот, низ нашата клиника се поминати 31 пациент од кои пет се задржани на болничко лекување. Ја примија соодветната терапија, сите се стабилни, рече тој. На Детската клиника, според информациите на директорот, Реџеп Мемеди, денеска биле примени 12 деца на возраст од 5 месеци до 11 години.

-Амбасадорот на САД во Белград, Кристофер Хил денеска изјави дека конечната одлука за експлоатација на литиумот во рамките на проектот „Јадар“ ќе ја донесат граѓаните на Србија, јави дописникот на МИА од Белград. Хил истакна дека за следната недела (7 октомври) е закажана седница на Народното собрание на која ќе се разменуваат мислења на оваа тема, но оти верува дека на крајот граѓаните на Србија ќе одлучат дали се за ископување на литиум во Србија. Секој што е заинтересиран за тоа прашање нека ја слуша и следи дебатата во Собранието, но во секој случај народот ќе одлучи за тоа. Тоа е до српскиот народ, рече Хил, повторувајќи дека за прашањето за експлоатација на литиумот треба да одлучуваат исклучиво граѓаните на Србија. 

- Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер) денеска избра девет судии и еден бранител во Судот на правдата на Европската Унија. Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Судот на правдата на ЕУ се состои од Општ суд, како прва инстанца, и Судот на правдата, како повисока инстанца. Согласно денешната одлука на Корепер, за судии во Судот на правдата беа именувани омбудсманот на данскиот Парламент, Нилс Фенгер, со мандат до 6 октомври 2027 година, и актуелниот судија во Трибуналот, Австриецот, Андреас Кумин, со мандат до 6 октомври 2030 година. За членови на Општиот суд беа именувани актуелниот судија, Словакот Јуриј Шварц и советникот за правда во Европскиот совет, Луксембуржанецот, Рафаел Мајер, и двајцата со мандат до 31 август 2028 година, како и францускиот државен советник Ерве Касањабер, со мандат до 31 август 2025 година. 

-Италијанскaтa премиеркa Џорџa Мелони денеска изјави дека нејзината земја ќе биде домаќин на состанокот на Групата седум (Г7) на кој тема ќе биде кризата на Блискиот Исток. Мелони денеска му кажа на својот кабинет дека има „длабока загриженост“ поради најновите случувања, вклучително и ракетниот напад на Иран врз Израел и растечката нестабилност во Либан, соопшти нејзиниот кабинет, пренесе италијанската новинска агенција Анса. Состанокот на Г7 ќе се одржи, како што е најавено, попладнево преку видео врска.

-Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров денеска имаше средба со арапските амбасадори во Москва поради тензиите на Блиски Исток. Средбата на Лавров, како што истакна портпаролката на руското МНР, Марија Захарова била на барање арапските амбасадори. - Изразена е длабока загриженост поради зголемените ризици од избувнување на војна од големи размери на Блискиот Исток со разорни последици за целиот регион, наспроти заднината на одмазднички ракетен напад на Иран на израелска територија на 1 октомври, наведе Захарова. Иранската револуционерна гарда синоќа објави дека лансирала повеќе од 100 ракети кон Израел како одговор на неодамнешните убиства на лидерот на Хамас, Исмаил Ханија, лидерот на Хезболах Хасан, Насрала и заменик-командант на иранската Револуционерна гарда, Абас Нилфорушан.

-Истрели се испукани во израелската амбасада во Стокхолм, потврдија полициските сили во шведскиот главен град за новинската агенција ТТ. Како што пренесува ДПА, нема информации за повредени, а се уште никој не е уапсен. Приближно во исто време со првите повици за истрели во областа на амбасадата, дошле и првите информации дека Иран извршил голем ракетен напад врз Израел. Шведската полиција соопшти дека ги зголемила безбедносните мерки околу еврејските и израелските локации во земјата по претходните инциденти во амбасадата. Во мај беше пукано во близина на амбасадата, а во јануари беше фрлена рачна бомба кон зградата, но не се активираше.

-Израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац изјави дека на генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш му е забранет пристапот во земјата поради, како што тој смета, неговата антиизраелска пристрасност. Кац рече дека го прогласил Гутереш за „персона нон грата“ во Израел. „Секој кој не може недвосмислено да го осуди грозоморниот напад на Иран врз Израел, како што тоа го направи речиси секоја земја во светот, не заслужува да стапне на израелска почва“, напиша тој на мрежата Икс. Гутереш вчера го осуди „проширувањето на конфликтот на Блискиот Исток, со ескалација по ескалација“ и повика на прекин на огнот во изјавата во која конкретно не се спомнува Иран.

-Армијата на Либан соопшти дека израелските сили навлегле 400 метри на либанска територија и се повлекле. - Израелските непријателски сили ја пробија Сината линија за околу 400 метри на либанска територија во подрачјето на Кирбет Јарун и Адејсех, а потоа се повлекле по кратко време период“, соопшти армијата. Сината линија е референца за демаркациска гранична област што ги дели Израел и Либан.

-Саудиска Арабија изрази надеж за деескалација на тензиите и за дијалог на Блискиот Исток, изјави саудискиот министер за економија и планирање Фаисал бин Фадел ал-Ибрахим на конференцијата во Берлин за ситуацијата на Блискиот Исток по ракетниот напад врз Иран против Израел. „Се надеваме дека ќе надвладее мудроста, дека ќе има деескалација на тензиите и дијалог и дека ќе се забележи поголема соработка и на глобално и на регионално ниво, за да можам да се справам со овие предизвици“, рече Ал Ибрахим. Стравувањата дека Иран и САД ќе бидат вовлечени во регионална војна се зголемија со ескалацијата на нападите на Израел против Либан во последните две недели, вклучително и започнувањето копнена операција таму во понеделникот, заедно со годишниот конфликт на работ на Газа.

-Индија изрази „длабока загриженост“ поради ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и Иран и ги повика двете страни на воздржаност. Индија соопшти дека е „длабоко загрижена“ поради ескалацијата на конфликтот во Западна Азија и повика на воздржаност и заштита на цивилите додека Израел се подготвува да одговори на вчерашните ракетни напади на Иран. „Важно е конфликтот да не добие поширока регионална димензија и бараме сите прашања да се решаваат со дијалог и дипломатија“, се вели во соопштението на индиското Министерство за надворешни работи. Покрај тоа, Њу Делхи ги повика сите свои граѓани да се воздржат од патување во Иран, освен ако немаат убедливи причини.

 

vranec_world_day_2024_300x250

Остани поврзан