• петок, 22 ноември 2024
МИА Општински пул

2 октомври 2024 

Скопје - Вкупно 43 лица се хоспитализирани по пожарот во зграда во Чаир што избувна утрово. На Клиниката за токсикологија биле примени 31 пациент, од кои пет се задржани на болничко лекување. На Детската клиника биле примени 12 деца, од кои две се задржани на лекување. Сите пациенти се во стабилна состојба.

Како што информира за МИА директорот на Клиниката за токсикологија, Андон Чибишев, таму денеска имало 31 пациент од кои пет се задржани на болничко лекување. 

Делчево - Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски денес направи увид во изградбата на новата детска градинка. Работите на градинката која се наоѓа во населбата Расадник како што информираше тој се одвиваат според предвидената динамика и се во понапредна фаза. 

-Извршив увид во градежните работи на уште еден голем капителен објект кој се гради во Делчево. Новата детска градинка  ќе биде современ и уникатен објект кој ќе го краси Делчево, а неговата намена – да згрижува и воспитува дечиња од најмала возраст ќе значи и анулирање на листата на чекање за прием во детската градинка, истакна Трајковски.

Куманово - Националната установа Музеј Куманово денеска ги повика академските уметници од Куманово да учествуваат со дела на традиционалната изложба „Кумановски ликовни уметници 2024“. Изложбата ќе се одржи и годинава во рамки на ноемвриските денови во градот. Крајниот рок за пријавување за учество е 15 октомври годинава.

- Секој учесник на изложбата потребно е да пријави едно ликовно дело по можност неизложувано, од неговата најнова продукција. Со делото треба да бидат приложени податоци од авторот (биографија), насловот и димензиите. Изложбата ќе се реализира на 10 ноември годинава, при што ќе биде испечатен и каталог. Во текот на декември делата ќе бидат вратени на авторите, изјави Драгана Спасковска – виш кустос, историчар на уметноста од НУ Музеј Куманово.

Штип - Нова пешачка патека ќе ги поврзува приградските населби Балканска и Чардаклија во Штип. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција рече дека започнаа активностите за изградба на пешачката патека, а која ќе се работи во две фази. Во наредниот месец се очекува да завршат градежните активности, патеката д биде поплочена со павер елементи, но и ецелосно осветлена. За овој потег Општина Штип  издвои нешто помалку од два милиони денари.

-Потребата ја нотиравме од овдешните жители кои транзитираат на овој потег. Првата фаза предвидува поплочување со павер елементи, уредување на соодветна пешачка патека, а втората фаза и целосно осветлување. Овој потег е доста небезбеден, но и користен од жителите од овој дел од градот, вели Јорданов.

Дебар - Македончињата од селото Смолник, област Голо Брдо, настава следат во објект кој е во катастрофална состојба, и секојдневно постои опасност да  се сруши и да предизвика трагедија.

- Ученици немаат ниту минимални елементарни услови за следење на наставно-воспитниот процес. Објектот во кој следат настава, кој нема ниту влезна врата, прозорци, е отстапен од жител на селото и се наоѓа во горниот дел на ова населено место, што претставува дополнителна грижа на родителите, бидејќи до него се стигнува низ бујна вегетација, па постои опасност и од диви животни, објави телевизија Булќиза.

Струмица - Градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов предложил на менаџментот на комуналното претпријатие цената на водата за потрошен метар кубен да се намали од сегашните 33 денари на цена на техничка вода во износ од 7,85 денари за кубен метар.

Костадинов ова го соопшти на денешниот брифинг со новинарите и притоа истакна дека иако оваа одлука е храбра, сепак, е прилично тешка во овој период и, како што што рече, тој е должен да носи такви одлуки во интерес на граѓаните.

Македонска Каменица - Општина Македонска Каменица го избра најповолниот понудувач за изградба на фекална канализација за дел од село Моштица и за дел од Македонска Каменица - Крак 3. Информацијата денеска ја соопшти градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски кој информираше дека за реализација на активноста е одбрана најниската понудена цена. 

-Друштво за производство трговија и услуги ВОД - ВАР ИНЖЕНЕРИНГ ДООЕЛ Скопје, со најниската понудена цена од 4.603.176,90 денари, ќе ја реализира оваа важна инфраструктурна инвестиција.
Со оваа одлука, општината остварува заштеда на финансиски средства од 583.264,00 денари, информираше Атанасовски.

Свети Николе - Здружението „Операција Флоријан“ од Велика Британија донира три пртотивпожарни возила на општините Штип, Радовиш и Македонски Брод. Во Свети Николе денеска се изврши примопредавањето на возилата за територијалните противпожарни единици на Штип и Радовиш. Рој Бараклу од „Операција Флоријан“ вели дека соработката со пожарникарите и доброволците пожарникари од нашата државата е од 2007 година и до денеска од нивна страна се донирани 31 противпожарно возило.

-Големо задоволство е што сме овде за да извршиме примопредавања на противпожарни возила за Територијалните противпожарни единици Штип и Радовиш. Ова е продолжение на соработката со Македонија, која што трае од 2007 година и до сега имаме донесено 31 противпожарно возило, вклучувајќи ги и двете позади, изјави Бараклу.

Куманово - Комисијата за одбележување на празници и манифестации и доделување на награди и признанија од општина Куманово денеска ги повика кумановци да се пријават за општинската награда која се доделува по повод 11 Ноември, Денот на ослободување на Куманово.

- Општината Куманово и оваа година ќе ја додели традиционалната „Ноемвриска награда“, како израз на највисоко општествено признание што се доделува за посебни постигнувања во одделни области. Според Одлуката, Ноемвриската награда се доделува на поединци, претпријатија и други организации, установи, здруженија и заедници чие дело, односно резултати во работењето и делувањето претставуваат посебно остварување во областите на стопанството и вонстопанските дејности, во текот на едногодишен и повеќегодишен период. Делото, односно постигнувањата да бидат достапни на јавноста до 11 Октомври годинава, а авторот на делото да е жител на Општината Куманово, организацијата или заедницата да е од Општината Куманово, односно делото и постигнувањата да се тематски врзани за Општината Куманово, информираше претседателката на Комисијата, Невена Величковска Зиројевиќ.

Куманово - Во кумановските основни и средни училишта ангажирани се 69 образовни и двајца лични асистенти, информираа денеска од секторот за образование од општината. Дополнителни барања засега нема, но се чека на проценка на МКФ комисијата. Во Куманово има пет средни и седумнаесет основни училишта.

- Имаше реакции од страна на родителите и до нас како сектор и до училиштата зашто образовните асистенти за основните училишта се организираат преку Министерството за образование и наука, поточно ресурсниот центар, училиштето Иднина од Скопје, преку МОН ангажирани се образовни асистенти во основните и средните училишта и од општинскиот проект кој се спроведува преку секторот за социјална заштита и дополнително согласно законот и за основно и за средно образование преку МОН. Сега во овој период задоволени се потребите, изјави раководителот на секторот за образование, Александар Јовановиќ.

Демир Хисар - Во Општина Демир Хисар заврши изработката на мурал со наслов „Книгите – паметници на македонското слово“, поставен на северниот дел од зградата на Домот на културата „Илинден“ во Демир Хисар.

Муралот е дело на ликовниот уметник и професор по ликовна уметност Дијана Колонџоска и нејзините ученици, членови во ликовната секција на ООУ „Гоце Делчев“ и членови на ликовно творечките активности во ООУ „Крсте Петков Мисирков“.

Штип - Ова ќе биде една од најголемите „Текстилијада 8“ и по обем на настани, број на активнисти, истакна на денешната прес-конференција Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“. „Текстилијадата“ почнува од утре, кога гостите од Шведска ќе имаат можност да се запознаат со капацитетите на Штип како текстилен и универзитетски град.

Официјалното отварање на „Текстилијадата“ е во петок, на кое ќе присуствува Претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, истиот ден на дебата ќе присуствува и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска. Ампева посочи дека во петок че се откриие и скулптурата кај ООУ „Ванчо Прќе“, кое е дело на познатиот македонски вајар Никола Смилков. Во програмата се планирани панел дискусии, гости од државата и странство и можост да се подигне свеста кога е во прашање текстилната индустрија.

Тетово - Во Тетово ќе има намалени колични на вода, информира Општинското јавно претпријатие „Шар“, и потенцираат дека тоа е поради дефект.  Случајот е пријавен во полиција поради сомневање дека е намерно оштетен дел од водоснабдителниот систем.

- Поради голем дефект на пругата Лешница ќе имаме недостиг на вода од 15-20 литри во секунда. Полицијата од Тетово ќе излезе на лице место за да го расчисти случајот бидејќи има сомнежи дека штетата ја направил случаен минувач во автомобил или намерно, информираат од јавното претријатие.

Кочани - Над 30 дечиња на предучилишна возраст кои ја посетуваат ЈОУДГ „Бисерчиња", како и ученици во ООУ „Синиша Стоилов" од Зрновци во иднина ќе имаат секојдневен пристап и поддршка од стручно лице - логопед. 

Согласно Стратегијата и политиката за социјална и детска заштита на локално ниво, Општина Зрновци потпиша договор со логопед, за чие работење се обезбедени буџетски средства, а со што ќе се надминат проблемите и финансиските трошоци на кои се изложуваа родителите на овие деца. 

Скопје - ЈП Паркинзи на Општина Центар ги предупредува граѓаните дека денеска било пријавено оти е поставена лажна Дневна Паркинг Карта (ДПК) при која се злоупотребени дизајнот и логото на јавното претпријатие.

-На неа стои QR код кој треба да се скенира и да се изврши онлајн уплата за истата, а тој води кон веб-адреса која нема поврзаност со ЈП ПОЦ  и е со цел преку измама да се извлечат парични средства, информираат од ЈП ПОЦ.

Скопје - Градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски денеска ја промовираше новата мерка „Кисела Вода - адреса за заеднички дом“ преку која брачните парови до 40-годишна возраст, кои немаат друг имот во своја сопственост, од Општината ќе добијат можност за ослободување од плаќање надомест за уредување на градежно земјиште.

Покрај тоа, како што нагласи, овој проект овозможува полесен пат до сопствен дом и значаен чекор напред во борбата за демографска обнова на Македонија, во борбата против депопулацијата и одливот на млади и образовани луѓе.

Остани поврзан