• понеделник, 23 декември 2024
МИА Општински пул

20 ноември 2024

Струмица - Со поставување нов асфалтен слој на џеб на улицата „Васил Сурчев“ на површина од 330 метри квадратни, Општина Струмица целосно ја релизираше програмата за асфалтирање со втор слој на улиците во градот и населените места, информираа денеска од локалната самоуправа.

Како што се наведува во информацијата, со програмата за оваа година се асфалтирани вкупно 18 улици, од кои 13 во градот и пет во селата Куклиш и Просениково и со тоа целосно е исполната програмата за годинава.

Куманово - Заврши изградбата на локалниот пат во село Младо Нагоричане, општина Старо Нагоричане, соопштија денеска надлежните. Тие очекуваат подобра поврзаност на ова населено место со останатите во руралната општина.

- Заврши изградбата на локалниот пат во село Младо Нагоричане, маала Бузинци во должина од 1.500 метри. Очекуваме подобра поврзаност внатре во селото каде претходно заврши изградбата на патот во Мариевци. Инаку, учениците од ова населено место ќе имаат подобра поврзаност со школскиот превоз до локалното училиште, изјави заменик-градоначалникот на општината, Бобан Цветановски.

Дојран - До крајот на годината се очекува да заврши изградбата на Пречистелната станица и колекторот во Дојран со средства обезбедени од Владата и Амбасадата на Словенија, информираше градоначалникот на Дојран, Анго Ангов.Според него, забрзано тече изградбата на новата Пречистителна станица.

-Заеднички решаваме децениски проблем и го реализираме најголемиот проект за заштита на Дојранското Езеро и животната средина. Очекувам набргу да добиеме нова и модерна Пречистителна станица, која на почетокот на идната година ќе биде ставена во функција на заштита, пред се, на Езерто, изјави Ангов.

Скопје - Децата со атипичен развој од Кисела Вода ќе добиваат бесплатна стручна поддршка од Институтот за специјална едукација и рехабилитација при Филозофскиот факултет на Скопскиот универзитет. Градоначалниот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, деканот на Филозофскиот факултет на УКИМ, проф. д-р Оливер Бакрески, и Институтот за специјална едукација и рехабилитација, денеска потпишале  меморандум за соработка.

Договорено е во сензорните соби во основните училишта во општината да се одвива стручна пракса на студентите и наставниот кадар од Институтот, што ќе овозможи поддршка, згрижување и стручна помош за децата со атипичен развој вон наставата и во попладневните часови.

Скопје - Во текот на вчерашниот ден и минатата ноќ, екипите на ЈП Комунална хигиена - Скопје интервенирале на повеќе локации во општината Ѓорче Петров, каде што се отстранети приближно 30 кубни метри отпад од неколку диви депонии лоцирани на улиците Лихнида, Ѓорче Петров и Никола Пушкаров - во непосредна близина на објектот на старата општина.

Како што информираат од ЈП Комунална хигиена - Скопјем воедно, подигнати се и околу 10 кубни метри непрописно одложен кабаст и мешан комунален отпад од сообраќајна површина на улицата Цветан Димов во скопската општина Чаир.

Скопје - Градежната експанзија продолжува во Општина Илинден. Деновиве започна реконструкција на локалниот пат Кадино – Мралино, во рамки на програмата за Реконструкција, рехабилитација и изградба на локални улици и патишта, соопштуваат од Општина Илинден. 

Оттаму велат дека станува збор за реализација на капитална инвестиција предвидена со стратешкиот план за развој на Општината за 2022-2026. Во рамки на проектот ќе се реконструира и санира локалниот пат во должина од 500 метри, широчина 5 метри. Дополнително во наредниот период ќе се гради примарна фекална канализација покрај локалниот пат и изградба на нов тротоар. Со градежните работи покрај асфалтирањето ќе биде воспоставен и систем за одведување на атмосферските води од коловозот на локалниот пат.  

Кавадарци - „Невестински соништа, касели и ковчези од Битола и Битолско“ е изложбата што денеска беше отворена во Куќа на мирис и вкус Кавадарци, под покровителство на кавадаречката Музеј галерија и Националната установа, Музеј на град Битола.  

Автор на изложбата е Мери Стојанова, кустос советник, а куратор, виш кустос Томе Крстевски.  Изложбата содржи фотографии и реплики на предмети, што во минатото биле дел од внатрешното уредување на традиционалната македонска куќа.

Тетово - Општина Тетово во соработка со Општинската организација на Црвен крст Тетово во просториите на средното општинско училиште „Никола Штејн“ денеска организираше крводарителна акција. Вработените во општинската администрација, како и градоначалникот Биљал Касами беа меѓу дарителите на крв.

-Учествуваме во акцијата за донирање на крв која се организира од Црвен крст на Македонија, Трансфузиологија, Општина Тетово и средното медицинско училиште. Се работи за една многу важна акција за донирање крв, која може да спаси живот во одредени моменти, затоа ги повикувам сите вработени во општината, во јавните општински претријатија, во училиштата, дури и учениците кои ги исполнуваат условите за да бидат дел од оваа хумана акција за дарување на крв. Да бидете свесни дека вашата крв може да спаси нечиј живот и затоа јас сум сигурен дека нема подобро чувство да бидете дел од оваа акција и да бидете свесни дека сте спасиле нечиј живот.Затоа ве молам бидете дел од оваа хумана акција за да бидеме дел од луѓето кои спасуваат нечии животи, истакна Касами пред медиумите.

Берово - Во беровското село Буинарци денес започна третата сезона од акцијата за пошумување на опожарени површини Боренка. Во денешната акција која се реализира во соработка со Национални Шуми, се вклучија ученици од гимназијата „Ацо Русковски“ од Берово, извидници од повеќе градови во државава, вработени во Комерцијална Банка и други институции и волонтери. 

Акцијата како што истакна Снежана Јанковиќ, генерален секретар на Сојуз на извидници на Македонија и координатор на Боренка е 14-та по ред од нејзиниот почеток.

Скопје - Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево до Основното јавно обвинителство Кочани, поднела кривична пријава против правно лице – рудник од Македонска Каменица и против К.Б.К.(57) од Велика Британија, со дозвола за привремен престој во Македонска Каменица, одговорно лице во правното лице, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „загадување на животната средина и природа“ по член 218 и „загадување на добиточна храна и вода“ по член  223 од Кривичниот законик.

Во периодот од 01.08.2024 до 04.08.2024, соопштија денеска од МВР, при процесот на флотација, од правното лице во река Каменичка, која се влева во акумулацијата Калиманци, испуштени се отпадни води, односно тешки метали (цинк, олово, кадмиум и жива) во двојно поголеми количини од дозволените, со што на подолг рок предизвикале опасност по животинскиот и растителниот свет во Каменичка река и акумулацијата Калиманци.

Скопје - За интензивирање на соработката, особено за промоција на францускиот јазик во училиштата во Центар, разговарале денеска градоначалникот на оваа скопска општина, Горан Герасимовски, и амбасадорот на Франција во државава, Кристоф Ле Риголер.

Како што информира Општина Центар, Герасимовски и Ле Риголер имале пријателска и конструктивна средба на која разговарале за интензивирање на соработката помеѓу Северна Македонија и Франција и за застапеност на францускиот јазик во наставата. Засега, во Центар, францускиот се изучува само во ООУ „Димитар Миладинов”.

Битола - Јавната општинска установа Културно-информативен центар-Битола, во својот објект, Офицерски дом, ќе отвори Музичка соба.

Станува збор за проект за чија реализација упатуваме јавна покана за соработка со граѓаните и колекционерите кои можат да дадат свој придонес кон овој проект. Доволно е само да ги споделат своите спомени, фотографии, раритети, изјави за МИА, Тоше Ивановски, координатор на проектот.

Скопје - Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски упатува честитки по повод Светскиот ден на детето, 20 Ноември, датум утврден во 1989 година кога е усвоена Конвенцијата на Обединетите нации за правата на децата.

„Светот што го создаваме денеска за децата е свет што ќе го наследат. Да создадеме свет во кој децата ќе растат со многу љубов, грижа и поубави можности. Среќата и насмевките на дечињата се наш главен приоритет во Општина Центар. Нека е честит Светскиот ден на детето!”, истакнува Герасимовски.

Дебар – Дебарската секција, на Јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта, е подготвена за претстојната зимска сезона, како со потребната механизација, така и со абразивен материјал.

- На подрачјето кое потпаѓа под наша надлежност, традиционално зимската сезона бара максимална подготовка за да се обезбеди безбедно одвивање на сообраќајот. Моментно во пунктот кој се наоѓа во село Долно Косоврасти имаме 80 тони сол и 100 кубни метри ризла. Сметаме дека се доволни, но во случај на потреба ќе набавиме дополнителна количина абразивен материјал, рече за МИА, Деар Лиманоски, раководител на единицата.

Велес - Во Територијалната Противпожарна Единица Велес, вчера попладне во 15:56 часот била примена дојава за запалена плинска боца во село Отовица.

- Територијалната Против Пожарна Единица Велес излезе на лице место со едно противпожарно  возило и 3 пожарникари спасители. Благодарение на брзото пристигнување и брзата интервенција на пожарникарите  не е дозволено боцата да експлодира и направи поголема штета, информираа денеска од ТППЕ Велес.

Куманово - Екипите на кумановската подружница на „Национални шуми“ пошумуваат на површина во атар на село Степанце, над Кокино, соопштија денеска надлежните од подружницата. Годинава и заинтересираноста на граѓаните е на високо ниво, во акциите ќе се вклучат планинарските друштва од Куманово, извидници. Пошумувањето се одвива на површина која во 2021 година беше опожарена. Предвидено е да се пошуми површина од 51 хектар. Во 2021 година изгоре висококвалитетна шума во пожарот кој беснееше неколку дена.

- Пошумувањето е веќе започнато вработените на подружницата Куманово интензивно работат на пошумување. Оваа година има голема заинтересираност и од граѓаните, да ни помогнат. Под надзор на вработените наредниот период ќе пошумуваат повеќе планинарски друштва од општина Куманово како и волонтерите од „Боренка“. На површината во 2021 изгоре поголема количина на бор, така што ќе се пошумува со истиот вид на дрво, црн и бело бор, изјави раководител-директор на подружницата, Катица Станковска Ристовска.

Скопје - Приватните превозници во Град Скопје „Јофи Бус“, „Вестор Транс“, „Радос Компани“ денеска преку соопштение апелираат до надлежните веднаш да се направи проширен состанок со цел решавање на проблемот со јавниот градски превоз.

- Сведоци сме на состојбата со јавниот градски превоз во Градот Скопје која се влошува од ден на ден. Повторно упатуваме јавен апел до надлежните веднаш да се направи проширен состанок со цел решавање на проблемот со јавниот градски превоз. Приватните превозници располагаат со 200 автобуса кои не се максимално искористени и со кои можеме да го надополниме недостатокот на автобуси на ЈСП, се вели во соопштението.

 

Остани поврзан