• петок, 17 мај 2024
МИА Радио флеш

8 април 2024

-Народната банка ги објави податоците за „зелените кредити“ за четвртиот квартал од 2023 година, каде што се забележува раст на квартално ниво од 5 проценти, додека на годишна основа од 29,1 проценти. Во споредба со крајот на 2019 година, кога почнале да се прибираат податоците, „зелените кредити“ се зголемени за 2,8 пати. Станува збор за заеми наменети за проекти коишто поддржуваат одржливи, еколошки цели, или цели коишто придонесуваат за зелената транзиција во општеството, како што е развивање нова еколошка технологија, информираат од Народната банка. Според податоците на со кои таа располага, на крајот од 2023 година, банкарските побарувања врз основа на зелени кредити изнесуваат 19.863 милиони денари. За споредба, на крајот на 2019 година тие изнесувале 7.176 милиони денари. Растот на зеленото кредитирање се должи најмногу на кредитите земени од фирмите, додека најмногу зелени кредити давале големите банки. 

-Балансерот не е темелна вредност на уставот. Алатката балансер се употребуваше за да се операционализира вработувањето на лицата во јавната администрација заради почитување на темелната вредност, соодветна и правична застапеност на припадниците на сите заедници, но таа достигна апсурд" , вели дополнителниот заменик на министерот за информатичко општество и администрација, Стефан Андоновски. Апсурдот кој што го напомена Андоновски се однесува на институциите. -Се изигрува законот за вработените во јавниот сектор, со доцнење на одговорот од МИОА, по основ на годишните планови, по автоматизам се дава позитивно мислење на секоја институција, па така имате институции како министерството за политички систем, каде што 95% од вработените се Албанци, а помалку од 5% се Македонци, со што добиваме комплетен дисбаланс, појасни Андоновски. 

-Рамковниот си ја заврши својата работа, ако сакаме понатаму треба да се соочиме и еднаш мора да излеземе од стравот да разговараме за Рамковниот договор и 2001 година, вели во интервју за МИА професорката Билјана Ванковска, кандидат за претседател на Левица.  Прво што би направила е раскинување на договорот со Бугарија, како и отворање на уставна дебата и процедура за промена на целиот Устав, не, како што вели „овде ќе закрпиме, овде ќе залепиме или ќе додадеме“, туку комплетно нов Устав. Главна цел, Ванковска вели е да покаже колку сме различни и да го деконструира концептот на „сите се исти“. Смета дека главен адут и фактор на изненадување се луѓето кои одбиваат јавно да кажат која е нивната политичка преференца, а кои, како што вели, се препознаат во она што тие го говорат.

-Пронајдени се двајцата велосипедисти кои се загубиле вчера на планината Беласица, некаде над село Банско, информира Центарот за упрување со кризи (ЦУК).  Вчера во 16.50 часот во Регионалниот ЦУК Струмица на Единствениот број за итни повици 112 било пријавено дека велосипедистите се изгубиле. -Веднаш била пратена патрола од гранична полиција и стапиле во контакт со двајцата велосипедисти. Околу 19.30 часот биле спуштени велосипедистите со помош на гранична полиција на безбедно и пред да настапи ноќта, се вели во соопштението. ЦУК информира дека поголем број неексплодирани убојни средства, конкретно 80 минофрлачки гранати од 60 милиметри од Првата светска војна биле пронајдени во село Рибарци, Општина Новаци.

-Санкционирани се 332 возачи во текот на вчерашниот ден во спроведената акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, соопштија денеска од МВР.  Од нив, 25 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а четири возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 172 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 160 надвор од населено место.

-Германското Сојузно здружение на компании за безбедност во воздухопловството (БДЛС) и претставниците на синдикатот Верди постигнаа начелен договор за платите, откако ангажираа независни посредници за да најдат решение за нивниот долгогодишен спор, пренесуваат британските медиуми. Според соопштението на БДЛС, начелниот договор предвидува зголемување на платите меѓу 13,1 и 15,1 отсто во рок од 15 месеци за околу 25.000 работници на аеродромското обезбедување. Дополнително, надлежните комисии во здружението на работодавачи БДЛС и синдикатот имаат рок до вторник напладне да ја прифатат или отфрлат арбитражната препорака, а синдикатот Верди е должен до тој рок да не ги повикува поддржувачите на штрајк.

-Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон и неговиот француски колега Стефан Сежурне повикаа на јакнење на поддршката за Украина. „Апсолутно ни е јасно дека Украина мора да ја добие оваа војна. Ако Украина изгуби, губиме сите ние. Трошоците од недостигот на поддршка за Украина сега ќе биде далеку поголем од трошоците од одбивањето на (рускиот претседател Владимир) Путин. Светот гледа и ќе не суди ако не успееме, се вели во заеднички текст на Камерон и Сежурне за британскиот „Телеграф“, а по повод одбележувањето на 120-годишнината од сојузот „Срдечна антанта“, со кој двете нации на 8 април 1904 година ги разграничија сферите на интерес во поранешните колонии и ставија крај на вековните војни и непријателства.

-Цените на нафтата се зголемија за повеќе од четири отсто минатата недела, достигнувајќи го највисокото ниво во последните пет месеци, што најмногу е последица на зголемените тензии на Блискиот Исток. На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела скокна за 4,2 отсто, на 91,17 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 4,5 отсто, на 86,91 долар. Трговците се загрижени и за нападите на украинските беспилотни летала врз рафинериите во Русија, кои, според пресметките на Ројтерс, можеби блокирале околу 15 отсто од рускиот капацитет за преработка на нафта.

-Со неселективниот напад на 7 октомври минатата година Хамас целосно се дисквалификува себеси и оваа криминална група не може да го претставува палестинскиот народ, порача високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел, по повод шест месеци од нападот на исламистичкото движење врз Израел. -Ужасот од терористичкиот напад на Хамас врз Израел, со масакрот врз 1.200 Израелци и киднапирањето на стотици други, го шокираше светот и го втурна регионот во хуманитарна и политичка трагедија. Каде стоиме шест месеци подоцна?, наведе Борел во објава на Икс. Борел посочува дека го поддржува ставот на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш во изразувањето на „целосната осуда на бруталноста што не може да се оправда со ниту една причина“.

-Повеќе од 10.400 домови во Русија се поплавени, објави државната новинска агенција. Како што е наведено, ситуацијата е најсериозна во регионот на планината Урал. Нивото на реката Урал, која извира од планината Урал и се влева во Каспиското Море, во петокот за само неколку часа порасна за неколку метри поради топењето на снегот, што предизвика пробивање на насипот на браната во градот Орск, 1.800 километри источно од Москва.

-Русија во текот на ноќта ја нападна Украина со 24 дронови, главно насочени кон критичните инфраструктурни локации на југот и на истокот на земјата, соопштија украинските воени воздухопловни сили. Украинските ВВС уништија 17 од иранските дронови Шахед кои Русија ги користеше во нападот над регионите Одеса, Николаев, Кировоград, Хмељницки и Житомир, соопшти украинската армија на Телеграм. Над реонот на Дњепропетровск е уништен руска наведувана ракета воздух-земја Кх-59. Четири дронови се уништени над регионот Одеса, изјави регионалниот гувернер Олег Кипер.

-Германија денеска се соочува со обвиненијата од Никарагва пред највисокиот суд на ОН во Хаг дека „овозможила извршување на геноцид“ врз Палестинците со давање воена и политичка поддршка на Израел. Никарагва ја тужи Германија пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), барајќи од судиите да преземат итни мерки за да го спречат Берлин да го снабдува Израел со оружје и друга помош. Себастијан Фишер, портпарол на германското Министерство за надворешни работи, пред сослушувањето ги отфрли обвинувањата на Никарагва. - Германија не ја прекрши ниту Конвенцијата за геноцид, ниту меѓународното хуманитарно право и тоа целосно ќе го докажеме пред Меѓународниот суд на правдата, изјави Фишер.

-Јужна Кореја го лансираше во орбитата својот втор воен шпионски сателит, што самата го произведе. Сателитот беше лансиран со ракета „Фалкон 9“ (Falcon 9) на компанијата „Спејс Икс“ (SpaceX), соопшти јужнокорејското Министерство за одбрана, цитирано од француските медиуми. Во декември, Јужна Кореја го потврди успешното лансирање на својот прв воен шпионски сателит, исто така лансиран во вселената со ракета на „Спејс Икс“, што беше лансиран од вселенскиот центар Џон Ф. Кенеди во Флорида. „Вториот разузнавачки сателит на нашата војска успешно се одвои од ракетата-носач приближно во 09:02 часот (00:02 часот по Гринич) и влезе во предвидената орбита“, се наведува во соопштението на Министерството за одбрана. 

-Судењето на дваесет и седум лица под обвинение за перење пари поврзани со скандалот за даночно затајување „Панамски документи“, кој откри колку од светските богаташи го криеле своето богатство во офшор компании, ќе започне денеска. Во 2016 година, скандалот ги потресе владите, разоткри високи личности, доведе до серија истраги ширум светот и ја наруши репутацијата на Панама како оф-шор финансиски центар. Меѓу обвинетите на кои ќе им се суди во кривичниот суд во Панама се Јирген Мосак и Рамон Фонсека Мора, основачите на сега веќе непостоечката панамска адвокатска фирма во центарот на скандалот. Повеќе од 11 милиони датотеки од нивната компанија „Мосак Фонсека“ (Mossack Fonseca) инкриминираа влијателни луѓе, вклучувајќи милијардери, политичари и спортски ѕвезди.

 

Остани поврзан