• петок, 18 октомври 2024
МИА Радио флеш

18 октомври 2024

Скопје – На почетокот од истрагата сметавме дека девојчето доброволно влегло во некое возило и дека го напуштила домот, дека едноставно сакала да ги казни родителите. Немаше логика дека е киднапирана, немаше ниту откуп, ништо, изјави началник на единица за насилен криминал во СВР Скопје, кој сведочеше на денешното рочиште за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, во Основниот кривичен суд Скопје.

Сведокот Дејан Димовски, кој во тоа време работел како началник на единица за насилен криминал во СВР Скопје, за настанот бил известен на 27 ноември 2023 година, што како што вели било невообичаено, иако надлежноста за постапување по исчезнатото девојче било под ПС Центар.

-Во текот на вечерните часови добив повик од помошник началник на СВР Скопје дека ќе треба да се вклучиме и ние, бидејќи има изјави од родителите дека девојчето може да е киднапирано. Се собравме во СВР Скопје. Имаше доста нелогичности и нас не ни беше јасно. Ги повикавме родителите, наставничката, директорката, педагогот... нас ни беше доста нејасно како може веднаш да се алармира дека е киднапирано девојчето. Нормално би било прво да видат дели е кај некоја другарка или друго, изјави сведокот.

Скопје - Во споредба со 2022 година кога просекот на отвореност на општините изнесувал 27 отсто, годинава тој достигнал 37 отсто, што е пораст за 10 отсто во две години. Иако овој процент е видливо зголемен, сепак претставува индикација за ниско ниво на отвореност во работењето на локалната власт, покажуваат ги претставија наодите од Процената на доброто владеење во единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија изготвена преку Индексот на отвореност за 2024 година на тематскиoт форум „Вклучена заедница за отпорност на корупција“ на Фондација Метаморфозис и Рурална Коалиција. 

Во 2024 година, наодите од Индексот на отвореност покажале дека најотворените единици на локална самоуправа се Битола (67%), Делчево (66%), Демир Хисар (64%), Велес (60%), Валандово (59%), Прилеп (58%), Крива Паланка (58%), Берово (58%), Василево (56%), Кочани (55%), Градско (54%), Гевгелија (54%), Охрид (53%), Кавардарци (52%) и Гази Баба (52%).

Најзатворени општини, според наодите се Сопиште со (7%), Кривогаштани (13%), Студеничани (13%), Росоман (14%), Чучер Сандево (15%), Шуто Оризари (16%), Лозово (17%), Боговиње (18%), Ранковце (18%), Врапчиште (19%) и Чаир (19%).

Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во гостување на емисија на ТВ Алфа истакна дека борбата со организираниот криминал и корупција е еден од главните приоритети на министерството а криминалот нема никаква етничка, национална или било каква припадност освен криминална.  

„Во текот на вчерашниот ден се апсеа група од 15 цариници и еден полицаец за коишто во рамки на една оперативна акција спроведена по насока на Обвинителството за гонење на организиран криминал и висока корупција во кој има силни докази за поткуп и злоупотреба на службена положба и овластување. Денес имавме друга опсежна акција во неколку градови во западниот дел на државата на разбивање на криминална група која 20 години оперирала и никој не ја пипнал. Делата на таа група се бројни од трговија со дрога, трговија со луѓе, злоупотреба на службена положба и овластување. Ние мора да покажеме јасна цврста и силна волја против организираниот криминал и корупцијата. И тоа го покажуваме. Вчера со акција против корупција денес со акција против организиран криминал од највисоки размери. И така и ќе продолжиме.“, потенцираше министерот Тошковски.

Белград - Во околината на српската фабрика „Слобода“ во Чачак се случи експлозија, а како што јави Радио телевизија на Србија (РТС), едно лице е повредено.

Според првите информации повредениот бил пренесен во болницата во Чачак.

На терен е брза помош.

Приштина – Укинувањето на визите за Шенген-зоната за косовските граѓани, кое стапи во сила на 1 јануари годинава, значително влијаеше на зголемувањето на работата на Меѓународниот аеродром во Приштина, така што во деветте месеци од годинава, во однос на истиот период минатата година, бројот на патници и летови е зголемен за над 11 отсто, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според податоците на управата на аеродромот „Адем Јашари“, кои ги објави порталот „Газета експрес“ (gazetaexpress.com), бројот на патници од косовската престолнина од 1 јануари до 30 септември 2024 надминал три милиони.

Арта Мехмети од Канцеларијата за медиуми на аеродромот во Приштина за порталот вели дека во споменатиот период е зголемен и бројот на летови. Конкретно, од почетокот на годинава до минатиот месец нивниот број е зголемен на над 20 илјади, додека бројот на летови во истиот период лани изнесувал нешто над 18 илјади.

Атина – Во овие години, миграциската политика на Европа се промени и многу повеќе се приближи до грчките позиции. Ова, веќе е очигледен заклучок, кој произлегува и од самите заклучоци на Европски совет. Надворешната димензија на миграцијата, заштитата на европските граници, Пактот за миграција и азил се успеси на Европа и се позиции блиски до грчките позиции, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на прес-конференцијата во Брисел по Самитот на ЕУ, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис нагласи дека Европа донесе одлука, која им служи и на грчките интереси дека „не може криумчарите да одредуваат кој ќе влезе во Европската унија“.

Будимпешта - Војната во Украина не може да се добие со „планот за победа“ предложен од украинскиот претседател Володимир Зеленски, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан.

„Со ова можеме само да загубиме, а Унгарија нема да биде дел од тоа“, изјави Орбан за јавниот сервис Кошут радио.

Орбан истакна дека ЕУ е поделена на две групи по прашањето за војната: „Тука сме ние и останатите“.

„Унгарија на почетокот на војната рече дека нема да учествува во воените напори, додека другите земји на ЕУ се во неа. ЕУ се однесува како воинствена страна“, рече Орбан, додавајќи дека Унгарија на почетокот јасно ставила до знаење дека тоа е погрешна стратегија.

Анкара - Најмалку шест лица загинаа, а 25 се повредени кога туристички автобус се преврте во Аксарај, Турција.

Туристичкиот автобус, од засега непозната причина, се превртел на локацијата Аџипинар на автопатот Аксарај - Анкара. На местото на несреќата се испратени бројни возила за итна помош, полиција и пожарникари.

Гувернерот на Аксарај, Мехмет Али Кумбузоглу, изјави дека туристичкиот автобус патувал од Баликесир кон Кападокија.

„За жал, во оваа сообраќајна несреќа животот го загубија шест наши граѓани. Според првите информации, имаме 25 повредени лица. Покрената е истрага, додаде Кумбузоглу. 

Брисел - Шефовите на држави или влади на земјите членки на ЕУ на средбата во Брисел што заврши доцна синоќа, постигнаа договор за изработка на нова легислатива за репатријација на илегалните мигранти од Унијата.

Во завршната декларација, која беше усогласена по неколку неделни преговори меѓу земјите членки, се повикува на „разгледување нови начини за спречување и спротивставување на илегалната миграција, во согласност со ЕУ и меѓународното право“, а од Европската комисија се бара итно да предложи нов законски предлог за „решителна акција на сите нивоа за олеснување, зголемување и забрзување на депортирањето од Европската Унија, со помош на сите релевантни политики, инструменти и алатки“. 

Брисел - НАТО ќе продолжи со промоција на стабилноста и безбедноста надвор од своите граници преку своите мисии и операции, како КФОР и Мисијата во Ирак, порача денеска генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте во воведното обраќање на заседанието на Северноатлантскиот совет на ниво на министри за одбрана, на кое учествува и македонскиот министер Владо Мисајловски. 

- Значително ја зголемивме нашата поддршка за Украина, со цел, прво, таа да може да се одбрани од руската агресија сега и, второ, да се спротивстави на идните руски закани во иднина, додаде Руте 

Тој нагласи дека на состанокот ќе се разговара и за имплементација на одлуките од јулскиот Самит на НАТО во Вашингтон за зајакнување на одбраната, преку инвестиции во вооружените сили и капацитети, со цел справување со предизвиците со кои се соочува Алијансата. 

Берлин - Германија има одговорност да се погрижи војната меѓу Русија и Украина да не се претвори во војна меѓу Русија и НАТО, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц, повторувајќи го своето „наин“ („не“) за испраќање оружје со долг дострел во Киев, пренесе ДПА.

-Не сметам дека е тоа исправна испорака - и така ќе остане, рече Шолц вчера по самитот на Европската унија во Брисел.

Тој ги отфрли клучните точки од „планот за победа“ на украинскиот претседател Володимир Зеленски поради стравувањата од идна ескалација.

Зеленски на средбата го претстави својот „план за победа“ и уште еднаш го повика Шолц да му испрати крстосувачки ракети Таурус.

Женева - Светската здравствена организација (СЗО) е вознемирена од првиот потврден случај на колера во Либан по избувнувањето на актуелната криза и соопшти дека итно работи на спречување на поголема епидемија.

Либанските здравствени власти неделава го потврдија првиот случај на колера во услови на ескалација на конфликтот меѓу Израел и Хезболах, поддржан од Иран.

Колерата е заразна болест придружена со дијареа и повраќање и се шири преку контаминација на вода, на пример кога залихите на вода се загадени со измет. Ризикот од појава секогаш постои кога многу луѓе мора да живеат заедно во недоволно хигиенски услови.

Во Либан повеќе од милион луѓе се раселени поради израелските напади во борбата против Хезболах. Многумина живеат во несоодветни услови во засолништата или на отворено и немаат пристап до чиста вода.

Тел Авив - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху подоцна денеска ќе свика специјален безбедносен состанок на кој ќе учествуваат владини министри и безбедносни претставници во воениот штаб Кирја во Тел Авив, по убиството на лидерот на Хамас Јахја Синвар, јавуваат израелските медиуми.

На средбата ќе се разговара за можноста за напредок во преговорите за договорот за заложници, наведуваат медиумите.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) вчера официјално објавија дека Синвар, кој се смета за организатор на нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година, бил убиен од израелската армија во Појасот Газа. 

Вашингтон - Американскиот претседател Џо Бајден, коментирајќи го израелското убиство на лидерот на Хамас, Јахја Синвар, рече дека „е време оваа војна да заврши и затворениците да се вратат дома“.

Тој најави нова посета на државниот секретар Ентони Блинкен на Израел и рече дека му се јавил на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за да му честита за операцијата, но исто така ја истакна важноста да се стави крај на конфликтот.

„Време е оваа војна да заврши и заложниците да се вратат дома. Тоа е она што сме подготвени да го направиме“, рече Бајден, додавајќи дека мора да се преземат чекори за да се обезбеди прекин на огнот во Појасот Газа.

Пекинг - Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами денеска, за време на неговата прва посета на Пекинг откако лабуристите ја презедоа власта во јули, го оцени ангажманот со Кина како прагматичен и неопходен.

Лами се состана со кинескиот потпретседател Динг Ксујајанг, а подоцна денеска има средба и со министерот за надворешни работи Ванг Ји.

Неговото дводневно патување е обид да ги обнови врските со Пекинг откако односите се заладија во последниве години поради обвинувањата за шпионирање, поддршката на Кина за Русија во војната во Украина и задушувањето на граѓанските слободи во Хонг Конг, поранешна британска колонија која сега е дел на Кина.

Њујорк - Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус изјави дека речиси сите во Појасот Газа се гладни, нарекувајќи ја оваа ситуација „нехумана.

„СЗО повикува на итен пристап до целата хуманитарна помош, започнувајќи од храна и лекови за тешко неисхранети деца, на кои им е потребен итен третман,“ напиша Тедрос Аданом Гебрејесус на социјалната мрежа Икс.

СЗО продолжува да повикува на прекин на огнот, бидејќи „најдобриот лек е мир,“ додаде тој.

Од 2006 година, Израел ја Газа под блокада, претворајќи го регионот во тоа што многумина го нарекуваат најголемиот отворен затвор во светот.

Остани поврзан