• четврток, 19 декември 2024

Мисајловски: Поголемо издвојување за одбраната ќе биде еден од приоритетите на Владата  

Мисајловски: Поголемо издвојување за одбраната ќе биде еден од приоритетите на Владата  

Брисел, 18 октомври 2024 (МИА) - Едно од главните прашања за кои се разговараше на дводневниот состанок на министрите за одбрана на НАТО, што вчера и денеска се одржа во Брисел, беа одбранбените трошоци, изјави за МИА министерот за одбрана Владо Мисајловски по завршувањето на средбата. 

- Колку проценти ќе одвоиме од нашиот буџет е навистина важно прашање за мала земја како Македонија. Знаете дека нашиот буџет за (одбраната) треба постојано да расте. Иако сме над два проценти од бруто домашниот производ, ние гледаме како да го зголемуваме буџетот, посочи Мисајловски. 

Како дел од напорите за справување со новите предизвици, земјите членки на НАТО се обврзаа трошоците за одбраната од нивните буџети да бидат најмалку два проценти од националниот БДП. Според податоците на НАТО, земјава годинава за потребите на одбраната издвои 263 милиони долари, што претставува  2,22 отсто од БДП, со што ја надмина зацртаната цел, заедно со уште 23 други членки на Алијансата. 

Според Мисајловски, приоритет на Владата во наредниот период ќе биде да имаме повеќе за средства модернизација, но и за се она што ќе ни биде поставено како цели и обврски од НАТО. 

-Не чека многу работа, бидејќи постојано треба да се надградуваме, постојано треба и да ги следиме сите примери на нова модернизација и нови иницијативи, додаде Мисајловски. 

Тој нагласи дека на состанокот имал можност да разговара со неговите колеги министри за различни теми, како и за продлабочување на соработката со сите наши партнери. 

- Ќе покажеме дека и ние како земја членка сме еден од добрите контрибутори на помош, но и во она што ќе го развиваме за модернизацијата на земјата, потенцира министерот за одбрана.    

Тој нагласи дека сепак главна тема на ваквите собири останува помошта за Украина, се она што се случува таму и предизвиците со кои се соочува земјата. Според Мисајловски, на синоќешното заседание на Советот за соработка НАТО-Украина, министрите имале можност од прва рака од украинскиот претседател Володимир Зеленски да слушнат каква е состојбата на теренот, но и да разговараат за заедничката поддршка од Алијансата и нејзините членки за земјата. 

Мисајловски истакна дека кога станува збор за помошта на Украина, ни сме четврта земја според обемот на донациите по глава на жител, но сега е важно и што ќе биде тоа што ќе се одвои во наредниот период. 

- Неколку пати кажав дека подготвуваме нов пакет за помош. Се она што е важно и што и треба на македонската Армија ќе го зачуваме, но од друга страна ќе гледаме да помогнеме колку што можеме. Слушнавме и најразлични барања од украинската страна за се што им треба во наредниот период, рече Мисајловски. 

Тој нагласи дека во услови кога состојбата во Украина е критична, на земјата и требаа нова воена помош и опрема и ние како земја членка на НАТО и како пријател ќе помагаме колку што можеме. 

- Имаше и различни сесии на кои учествував и можеме да ги кажеме нашите ставови за одделни прашања. Една од клучните теми за сите партнери беше Инфо-пацификот, но од друга страна и за сите наши способности и за она што ние треба да го направиме како НАТО членка, додаде Мисајловски. сп/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан