• петок, 18 октомври 2024
МИА Радио флеш

   18 октомври 2024

 

Скопје - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски денеска ќе присуствува на поставување камен-темелник на ново ООУ „Крсте Мисирков“ во Ченто, Општина Гази Баба.

Вредноста на проектот е 169 992 752 денари, а опфаќа 30 кабинети со вкупен капацитет за настава во две смени за 713 ученици.

Брисел – Во Брисел денеска продолжува дводневниот состанок на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО, на кој учествува и македонскиот ресорен министер Владо Мисајловски. 

На денешното продолжение на министерската средба е предвидено одржување на заседание на Северноатлантскиот совет на ниво на министри за одбрана, на кој ќе се говори за зајакнувањето на одбраната и отпорноста на НАТО, за одбранбените трошоци и за состојбите на Западниот Балкан. 

Скопје - Во Europe House во Скопје денеска ќе се одржи церемонија за доделување на наградата на ЕУ за истражувачко новинарство 2024 година за најдобра истражувачка сторија во Северна Македонија, во организација на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Томсон медија и Делегацијата на Европската Унија во Скопје. 

Како што најавија организаторите, официјално обраќање на церемонијата ќе има амбасадорот на Европската Унија во Скопје, Михалис Рокас и претседателот на жири-комисијата за ЕУ наградата за истражувачко новинарство, Валентин Нешовски.

Скопје - Во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на поправки во Скопје, денеска АРНО, во соработка со Општина Кисела Вода, ќе го најави отворањето на првиот Центар за поправки, кој ќе биде достапен за јавноста од јануари. 

- Поправките играат важна улога во зачувувањето на ресурсите и намалувањето на отпадот, што придонесува кон заштита на животната средина и одржливост. Овој настан има за цел да ја подигне свеста и да ги поттикне граѓаните да станат дел од оваа значајна иницијатива, се наведува во соопштението од АРНО.

Скопје - Ветеринарната комора на РСМ годинава одбележува јубилеј, 30 години од формирањето. По тој повод, од денеска до 20 октомври во Охрид ќе бидат одржани повеќе настани.

Одбележувањето ќе почне попладнево со Свечена академијa на која ќе бидат доделени плакети и благодарници на институции и личности кои имаат дадено значаен придонес во развојот на Комората.

Скопје - Со проекција на филмот „Виорник од работ“, во режија на Игор Вртачник, Словенија, во Домот на АРМ во Скопје денеска официјално ќе биде отворено 15 - то издание на Ехо Фестивал на планински филм 2024 година. Фестивалот ќе трае од 18-25 октомври 2024, а следните седум денови ќе продолжи програмата во Кинотеката.

Како што е најавено од организаторите, на отворањето на фестивалот обраќање ќе има и режисерот на филмот Игор Вртачник.

Скопје - Во организација на Фондацијата КАНТАРОТ денеска и утре во Меѓународното училиште НОВА ќе се одржи третата конференција „Наука за деца“. Целта на конференцијата е популаризација на науката кај децата и подигање на интересот за истражување на научните концепти.

Оваа година мотото е „Надгради ја твојата реалност“, а конференцијата првпат ќе биде поделена во два дена. Ќе почне со свечено отворање во вечер, во 19 часот. Потоа ќе следуваат пет кратки предавања од децата финалисти на минатогодишниот конкурс за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“. Секое од овие предавања е под менторство на врвен македонски научник што работи во странство, со што ќе се истакне и разновидноста на научниот талент од Македонија.

Битола - Универзитетскиот професор д-р Даниела Андоновска Трајковска избрана е за нов претседател на Македонско научно друштво-Битола, најстарата научна асоцијација во земјава, формирана во 1960 година.

На синоќешното изборно собрание, Андоновска Трајковска освен едногласна поддршка за нејзината кандидатура и програма за работа, доби поддршка и за нејзините соработници, новиот потпретседател, членовите на управниот, надзорниот одбор, етичката комисија и уредувачкиот совет на МНД-Битола.

Крива Паланка - Оперските композиции од Моцарт, Пучини, Доницети, Верди и многу други во изведба на Камерата опера на Благоевград, Бугарија, синоќа ја импресионираа публиката во градот на културата - Крива Паланка, со маестралната изведба на врвните солисти кои на сцената на НУ Центар за култура ја изведоа операта "Трите тенори и уште нешто..."

Публиката имаше можност да ужива во првиот настап на камерната опера со настап на оперски пејачи, оркестар и балетски играчи. На сцената блеснаа врвните тенори:  Јуриј Николов, Михаил Михајлов и Георги Динев, во придружба на оркестарот од Камерната опера од Благоевград под диригентска палка на маестро Георги Еленков и концерт-мајсторот Стоил Богданов.

Скопје - Во КСП Центар Јадро денеска ќе биде отворена изложба на дела пристигнати на конкурсот „Кон родовата еднаквост преку уметност“ на тема „Кое е твоето чудо?!“, организирана од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) и Мрежата „Стела“.

На изложбата ќе бидат прогласени победниците и ќе бидат доделени сертификати и дипломи на сите учесници. Наградите ќе ги додели британскиот амбасадор во Скопје, Метју Лосон.

Скопје - На овогодишното 9. издание на МФФ Киненова синоќа прв пат е претставена финската современа кинематографија пред македонската публика. 

-Традиционално МФФ Киненова претставува една кинематографија преку програмата „Фокус на...“ Оваа година тоа е за нас далечната, северна и студена земја, но според филмовите кои се прикажуваат на Киненова, прилично потентна кинематографија, финската, рече директорот на фестивалот Киненова, Небојша Јовановиќ при претставувањето на финската кинематографија на кое присуствуваше претседателката Гордана Сиљановска Давкова и амбасадорот на Финска во земјава, Никлас Линдквист, како и бројни љубители на филмската уметност.

Тел Авив - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во изјава на англиски јазик го нарече убиството на лидерот на Хамас, Јахја Синвар, „почеток на крајот“ на војната во Газа.

-Имам едноставна порака до жителите на Газа - оваа војна може да заврши уште утре. Може да заврши доколку Хамас го положи оружјето и ги врати нашите заложници. Израел ќе ја гарантира безбедноста на сите оние кои ќе ги вратат нашите заложници. Ако некој им наштети на заробениците Израел ќе ги лови и ќе ги изведе пред лицето на правдата, рече Нетанјаху.

Вашингтон - Републиканскиот кандидат на претседателските избори во САД, Доналд Трамп го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски дека помогнал да се започне војната со Русија, навестувајќи радикална промена на политиката кон Украина доколку победи на изборите на 5 ноември.

Поради милијардите долари американска воена помош за Украина од почетокот на војната во 2022 година, поранешниот американски претседател редовно го критикуваше Зеленски за време на кампањата, постојано нарекувајќи го „најголемиот трговец во светот“.

Вашингтон – Шефот на американската дипломатија, државниот сектретар Ентони Блинкен, изјави дека Вашингтон во наредните денови двојно ќе ги зголеми напорите за прекин на конфликтот во Појасот Газа по смртта на водачот на палестинската вооружена група Хамас, Јахја Синвар, пренесоа британските медиуми.

-Во последниве месеци Синвар постојано ги отфрлаше напорите на САД и нашите партнери за прекин на оваа војна преку договор што ќе ги врати заложниците кај нивните семејства и ќе ги олесни страдањата на палестинскиот народ, рече Блинкен.

Вашингтон - Американската војска денеска соопшти дека нејзините сили немале никаква улога во израелската операција во која беше убиен лидерот на Хамас, Јахја Синвар, иако американското разузнавање му помогнало на Израел да ги лоцира лидерите на Хамас кои земаа заложници минатата година.

-Ова беше израелска операција. Американските сили не беа директно вклучени, рече портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер.

Вашингтон - Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ги олесни извозните ограничувања на американските комерцијални вселенски компании да испраќаат одредени производи поврзани со сателити и вселенски летала до сојузниците и партнерите.

Американските вселенски компании како Спејс Икс (SpaceX) на Илон Маск и големите одбранбени изведувачи со вселенски производи како што се Локед Мартин (Lockheed Martin), Л3 Харис Технолоџис (L3Harris Technologies) и Боинг (Boeing) би можеле да имаат корист од новите правила, кои беа објавени во Федералниот регистар во четвртокот попладне.

Брисел - Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изјави дека смртта на лидерот на Хамас, Јахја Синвар, кој се смета за клучен во организирањето на терористичкиот напад врз Израел на 7 октомври минатата година, „значително“ го ослабува Хамас.

„Синвар беше водач на терористичка организација, терористичката организација Хамас“, рече Фон дер Лајен на крајот од европскиот самит во Брисел.

„Без сомнение, неговата смрт значително ќе го ослаби Хамас“, додаде таа.

Бејрут - Еден од лидерите на Хамас, Калед Мешал е назначен за вршител на должноста лидер на ова милитантно движење по ликвидацијата на Јахја Синвар, јавува либанската телевизија ЛБЦИ, повикувајќи се на свои извори.

Машал сега е одговорен за сета комуникација со клучните страни вклучени во преговорите и прашањата за затворениците, пренесува либанската телевизија. 

Бејрут - Либанската милитантна група Хезболах денеска објави дека преминува во нова, ескалирачка фаза во војната против Израел по атентатот на лидерот на Хамас, Јахја Синвар, во која ќе користи наведувани проектили за да ги гаѓа израелските војници.

Хезболах во соопштение наведува дека од почетокот на копнената офанзива во Либан на 1 октомври израелската армија загубила 55 војници, а повеќе од 500 од нив се ранети, пренесуваат британските медиуми.

Пјонгјанг - Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун изјави дека Јужна Кореја е странска и непријателска земја, јавија државните медиуми.

Забелешките доаѓаат само еден ден откако агенцијата КЦНА соопшти дека националното собрание на Северна Кореја го изменило Уставот за да ја означи Јужна Кореја како „непријателска држава“, во согласност со ветувањето на Ким за отфрлање на обединувањето на двете Кореи како национална цел.

Нџамена - Неколку високи членови на одбранбените и безбедносните сили на Чад синоќа беа сменети од функцијата со указ издаден од претседателот Махамат Идрис Деби, неколку дена откако беше разрешен министерот за безбедност, пренесуваат француските медиуми.

Генералниот директор на полицијата, генералниот директор на жандармеријата, началникот на Генералштабот на вооружените сили и командантите на номадската национална гарда на Чад со одлука на претседателот Деби пред два дена биле „повикани да узвршуваат други должности“.

Ријад - Јаник Синер и Карлос Алкараз ќе се сретнат во финалето на егзибициониот тениски турнир „Сикс Кингс Слем“ во Саудиска Арабија.

Светскиот рекет број 1 го победи Новак Ѓоковиќ во маратонска битка со 6-2, 6-7 (0), 6-4, додека Шпанецот со 6-3, 6-3 го совлада својот идол и сонародник Рафаел Надал.

Денеска е ден за одмор, а в сабота покрај финалето ќе има и меч за третото место меѓу Ѓоковиќ и Надал.

Нион - Списокот со фудбалерите номинирани за наградата „Златно момче“, која се доделува секоја година, беше објавен денеска.

Голем фаворит за освојување на наградата е ѕвездата на Барселона, Ламин Јамал.

Во изминатите три години, наградата им припадна на талентите од Ла Лига – Педри и Гави од Барселона и Џуд Белингем од Реал Мадрид.

На листата има 25 имиња, а победникот ќе стане познат на 4 декември.

Во изминатите години, добитници на престижната награда беа Лионел Меси, Килијан Мбапе и Ерлинг Холанд.

Остани поврзан