• четврток, 17 октомври 2024
МИА Општински пул

17 октомври 2024

Кавадарци - Согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, Oпштина Кавадарци презема мерки и активности за промоција и унапредување на еднаквоста и превенција од дискриминација, информираа попладнево од кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев. 

- Една од основните мерки е запознавање на локалното население преку едукативна содржина „Еднaквoст за сите“, со цел подигање на јавната свест и препознавање на концептот на недискриминација и еднаквост, појаснија од кабинетот на градоначалникот. 

Оттаму истакнаа дека граѓаните имаат право да бидат информирани за своите права и подеднакво да учествуваат во општествениот, социјалниот и економскиот живот. 

Кавадарци - Во Кавадарци се одбележува меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата, настан во организација на Банката за храна и регионалниот центар „Еко живот“.

Во рамките на одбележувањето на овој ден, кавадарчани согласно своите можности може да донираат храна за своите сограѓани во социјален ризик, пред неколку маркети во градот, каде што се позиционирани млади волонтери на Банката за храна. 

- Одбележувањето на меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата се следи од 17 октомври 1987 година. На тој ден, над сто илјади луѓе се собрале на Парискиот Трокадеро, каде што била потпишана Универзалната декларација за човекови права во 1948 година, за да им оддадат почит на жртвите на екстремната сиромаштија, насилство и глад, потсетија организаторите на денешниот настан.

Велес  - Полициски службеници од Отсекот за недозволена трговија со дрога при СВР Велес вчера  ги ги привеле  34 годишниот М.Ц. и малолетник, двајцата од Велес, затоа што биле затекнати при купопродажба на зелена растителна материја. Подоцна, со судска наредба бил извршен и претрес во домот на М.Ц., при што биле пронајдени и одземени зелена растителна материја и две дигитални ваги.

Како што информираат од МВР, М.Ц. бил задржан во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на настанот против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

Куманово - „Принцип на квадрат“ е насловена изложбата на академската уметница Валентина Илијевска која што ќе биде отворена вечерва во 20:00 часот во салонот на Уметничката галерија Куманово.

- Станува збор за продукција од 20 ликовни дела, слики, работени во техника акрил на платно, во актуелната 2024 година, кои тематски се надоврзуваат на нејзиниот претходен ликовен наратив. Изложбата е дел од програмските активности на музејот во Куманово, поддржана од Министерството за култура и туризам. За јавноста ќе биде отворена до крај на месец октомври, изјави Драгана Спасковска од Уметничката Галерија при НУ Музеј Куманово.

Илијевска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ)-Скопје, оддел графика и графички техники со насока на конзервација и реставрација. Таа е магистер по конзервација и реставрација на ѕидно сликарство. 2021 Моментално е на трет циклус на студии-докторски студии при Институт за македонска литература-Скопје на катедрата на културолошки студии. Илијевска е член на ДЛУМ и на ИКОМОС. Учествувала на бројни групни изложби во земјава и странство и реализирала самостојни изложби.

Живее и работи во Куманово како конзерватор и реставратор при кумановско-осоговска епархија во дел за заштита на културното наследство. 

Велес - На денешната редовна 55. седница, Советот на Општина Велес донесе едногласна одлука, утрешниот ден, 18 октомври 2024 година, да го прогласи за Ден на жалост поради трагичната смрт на тројцата сограѓани во сообраќајната несреќа што се случи вчера, на 16 октомври 2024 година, на автопатот Скопје-Велес.

Како што информират од Општина Велес, на Денот на жалост, знамињата во Општина Велес ќе бидат истакнати на половина копје, сите културни и спортски манифестации закажани за утре, се одложуваат. Угостителските објекти кои се на територијата на Општина Велес ќе емитуваат сериозна музика.

Велес - Вондерленд театар од Скопје во соработка со Младински образовен форум (МОФ) и УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци, вечер во 20 часот на малата сцена на театарот„Јордан Хаџи Константинов-Џинот во Велес  ќе ја изведе  претставата „Види, летам!“. Претставата е бесплатна, а поради малиот број на седишта само 100, карти треба навреме  да се резервираат, телефонски или на касата од театарот, информираат за МИА од велешкиот театар.

„Види, летам!“ е претстава која е правена по вистински приказни на лица бегалци, баратели на азил и лица без државјанство. Овие луѓе на посебни работилници водени од тимот на претставата, храбро ги споделија своите животни искуства со актерите, авторот и режисерот. Нивните идентитети во текот на целиот процес остануваат заштитени и анонимни. Раскажаните приказни авторот на претставата Ана Ристовска Трпеноска ги преточи во емотивен текст кој што говори за трауматичните настани низ кои овие лица поминувале но и за нивните детства, соништа, емотивни потреби, љубовни искуства и потребата да бидат дел од задницата која често ги отфрла. Проектот е во режија на Ивана Ангеловска, а под креативно водство на уметничкиот координатор Нела Витошевиќ. Во претставата играат актерите Никола Настоски, Исмет Шабановиќ, Ана Димитрова, Леонардо Лазов и Сара Спиркоска.

Кавадарци - Работник бил тешко повреден синоќа во компанија во Кавадарци, информираа денеска од СВР - Велес.  

- Синоќа во 20:20 часот во ОВР - Кавадарци, од кавадаречката болница било пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен С.И.(45) од Кавадарци. Според пријавеното, тој се здобил со повредите при извршување работни задачи во фирма во Кавадарци. Увид бил извршен и за настанот бил известен трудов инспектор, соопштија од СВР - Велес. 

Раководителот на Итна медицинска помош - Кавадарци, Антоан Паракеов, појасни за МИА дека повредениот бил земен од компанијата со возило на Брза помош и пренесен во кавадаречката болница. Имал тешки повреди на главата и по дадената прва медицинска помош и востановени дијагнози, бил соодветно транспортиран до скопската Клиника за неврохирургија.

Гевгелија - Територијалната противпожарна единица и Општина Гевгелија упатуваат апел до граѓаните од општините Гевгелија, Богданци и Дојран за поголемо внимание од пожари во текот на грејната сезона, која започна на 15 октомври.

Се апелира до граѓаните за преземање соодветни мерки и активности за одржување на оџаците на зградите и куќите и димоводните уреди преку редовни прегледи и чистење од саѓи, а пепелта од грејните тела да не се фрла во контејнерите за одлагање отпад, поставени на јавно-прометните површини.

-Да се избегнува неправилно складирање на запалливи течности, гасови и цврсти запалливи материи, да се врши проверка на електричната инсталација, грејните тела, апаратите и уредите во домаќинствата и институциите, како и да се избегнува преоптовареноста на електричните инсталации, премостување на осигурувачи и да се внимава на кратки споеви и електрично искрење. Потоа, редовно да се контролира исправноста на хидрантите, да се одржуваат противпожарните апарати и да се врши примена на другите мерки за заштита од пожари во институциите како што се училишта, болница, градинки, спортски сали, индустриски и станбени објекти, но и да се одржува проодноста до станбените згради и проодноста на скалите за брза интервенција на ТППЕ- Гевгелија доколку има потреба, стои во апелот на Општина Гевгелија и ТППЕ Гевгелија.

Куманово - Кумановци вечер со почеток во 19 часот во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“  ќе имаат можност да ја разгледаат изложбата на дела подготвени на Меѓународната ликовна колонија „Ѓуриште“, во периодот 2023/2024.

На изложбата ќе бидат презентирани дваесетина дела. Љубителите на уметноста ќе имаат увид во креативниот творечки ппроцес на талентираните уметници од различни делови на светот.

-Овој групен творечки опус  што ќе биде презентиран пред кумановската публика е резултат на напорите на организаторот, Домот на културата „Крсте Мисирков“ - Свети Николе да одржи континуитет во работата на колонијата, како  и интензивната работа и соработка на учесниците на оваа манифестација коишто создадоа уникатни уметнички дела инспирирани од околината и локалната култура на локалитетот Ѓуриште. Изложбата ќе прикаже разновидност на стилови и техники, демонстрирајќи ја воедно моќта на уметноста како дисциплина која има можност да поврзува луѓе, велат од НУЦК „Трајко Прокопиев“.

Остани поврзан