• недела, 22 декември 2024

Зеленски: Покана за членство во НАТО ќе ја донесе Украина до реален и праведен мир 

Зеленски: Покана за членство во НАТО ќе ја донесе Украина до реален и праведен мир 

Брисел, 17 октомври 2024 (МИА) - Упатувањето покана до Украина за приклучување кон НАТО, ќе ја зајакне земјата политички и она што е уште поважно ќе ја донесе до реален и праведен мир, порача од Брисел украинскиот претседател Володимир Зеленски. 

- Украина постигна нешто што до неодамна се чинеше невозможно – успеа да го запре рускиот масовен напад и да се одбрани од инвазијата. Останавме обединети и  ја зајакнавме нашата одбранбена способност и производството на оружје, истакна вечерва Зеленски на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, одржана пред заседанието на Советот за соработка НАТО-Украина во рамки на состанокот на министрите за одбрана на Алијансата, што денеска и утре се одржува во Брисел. 

Зеленски се заблагодари за доставеното оружје и опрема, како и за глобалната поддршка за Украина од целиот свет, како и за поддршката за обнова на нејзината инфраструктура уништена во руските напади во пресрет на зимата, потенцирајќи дека зајакнувањето на земјата не зависи само од доставеното оружје, туку и од искажаната волја и зачувувањето на единството за нејзина поддршка. 

- Украина заедно со своите партнери знае како да ги постигне своите цели и тоа е најважно, рече Зеленски, додавајќи дека иако Украина се уште чека на целосно исполнување на ветувањата дадени на Самитот на НАТО во јули, таа им е благодарна на своите партнери за досега доделената поддршка, од која зависат животите на украинските војници на теренот. 

Тој истакна и дека Украина еден ден сака да стане членка на НАТО и мора да се направи се за тоа да се случи, затоа што би било погрешно земјата да се остави надвор од Алијансата каде што и е местото. 

- Затоа еден од главните точки во Планот за победа е покана за членство во НАТО. Ние Украинците покажавме дека можеме да се браниме, да споделуваме вредности и да се спротивставиме на Русија – најголемата закана за Европа и глобалниот мир, рече Зеленски, додавајќи дека според Повелбата на НАТО, секоја земја што може да се брани себеси и другите и ги споделува заедничките вредности може да се приклучи на НАТО. 

Според Зеленски, тоа што денешнава е негова трета средба со Руте откако тој ја презеде должноста генерален секретар на НАТО на 1 октомври, претставува показател за нивото на односите меѓу Алијансата и Украина. 

Руте, од своја страна, истакна дека со нетрпение го очекува денот кога Украина ќе стане членка на НАТО, а дотогаш Алијансата ќе стори се што е во нејзина моќ со цела земјата да надвладее на теренот, што е од витално значење за заедничката безбедност. 

Тој додаде дека вработените во Командата на НАТО за координирање на безбедносната помош и обука за Украина со седиште во германскиот град Визбаден, прават се за да ја обезбедат потребната помош и поддршка за Украина. 

- НАТО работи со Украина, доведувајќи ја се поблиску до Алијансата, но работиме и со останатите наши партнери за да ја зајакнеме безбедноста на сите нас, додаде Руте, потсетувајќи дека министрите денеска одржаа заеднички состанок со колегите од азиско-пацифичкиот регион – Австралија, Јапонија, Јужна Кореја и Нов Зеланд и со претставници на ЕУ посветен на зајакнување на соработката во заедничките одбранбени напори.  

Според него, војната во Украина покажа дека нестабилноста во Европа, има далекусежни последици ширум светот и земји кои се илјадници километри далеку, како Иран, Кина, дури и Северна Кореја можат да бидат „безбедносни потпкопувачи во нашиот двор“.  

Руте истакна дека во современиот свет кој е блиску поврзан, поврзана е и безбедноста, посочувајќи дека сите ме сведоци како Кина со своите постапки ја овозможува војната во Украина, додека Иран и Северна Кореја ја поддржуваат со доставувањето на проектили и оружје за руските сили и со поддршка на нејзината воена индустрија. 

- Затоа мораме да направиме јасна проценка на предизвиците со кои се соочуваме и да работиме со нашите партнери за справување со тие предизвици и за одбрана на нашите заеднички вредности, потенцира Руте, додавајќи дека од тие причини и ЕУ и партнерите на НАТО од азиско-пацифичкиот регион ја поддржуваат Украина, одбраната на демократијата и изградбата на свет базиран на владеењето на правото, а не на владеење на силата. сп/ 

Фото: Скриншот 

 

Остани поврзан