• четврток, 17 октомври 2024
МИА Радио флеш

   16 октомври 2024

 

Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Финска, Никлас Линдквист.

На средбата, како што соопшти Кабинетот на претседателката, било истакнато дека двете земји во изминативе 30 години изградија силни партнерски односи и одржуваат активен политички дијалог, промовирајќи заеднички цели и стратешки интереси за траен мир, стабилност и просперитет во регионот и пошироко.

Скопје - Законот за правична застапеност мора да биде согласно Уставот, правото на загарантирана работа на секој граѓанин и правото на Бадентер. Владината коалиција има демократски механизам како да го реши тоа прашање, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања на која со министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски информираа за Националната стратегија за информатичко-комуникациски и телекомуникациски развој.

Скопје - На денешната седница на Владата на Република Северна Македонија ќе се доносе одлука и формално процесот на селекција на проектите од општините е завршен за користење на парите од заемот од Унгарија, истакна на денешната прес-конференција премиерот, Христијан Мицкоски, кој одговараше на новинарско прашање, кога општините ќе можат да ги искористат овие средства за инфраструктурни проекти.

Мицкоски истакна дека до крајот на месецот надлежните институции ќе ги потпишат договорите со општините, со што ќе почне имплементацијата на, како што наведе историскиот проект кој првпат се случува кај нас.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски по учеството на самитот на Берлинскиот процес и остварените средби е поголем оптимист во однос на очекувањата за евроинтегративниот процес на земјава и е во дилема дали ќе го испрати најавеното писмо до Европската унија со кое ќе даде нови идеи за продолжување на преговорите.

На денешната прес-конференција во Владата на која со министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на која информираа за Националната стратегија за информатичко-комуникациски и телекомуникациски развој, кажа дека имал исклучитлено квалитетна посета во Берлин.

Скопје - Постои една Академија на науките и уметностите и тоа е став на ВМРО-ДПМНЕ, Владата и на академиците од различни етнички заедници, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, откако вчера во Тетово беше објавено дека четири општини, со кои раководат кадри од „Вреди“ ќе го финансираат работењето на Здружението на граѓани - Албанска академија на науките и уметностите.

Мицкоски не очекува ваквиот потег на „Вреди“ да влијае негативно на владината коалиција. - Нашиот став е принципиелен и тоа го кажав во многу наврати во минатото дека етнички и национали теми не се мој приоритет, рече Мицкоски. 

Велес - Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски денеска во Велес, коментирајќи ја вчерашната изјава на шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок, која рече дека уставните измени се клучен чекор кон почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, истакна дека позицијата на Владата е јасна, директна и отворена, а тоа е дека нема уставни измени под бугарски диктат и оти единствен начин тоа да се реши е да се даде гаранција дека нема да има натамошни блокади од ваков тип.

Скопје - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија и шеф на Делегацијата во Интерпарламентарната унија (ИПУ), Африм Гаши, денеска остварил средбa со потпретседателот на Европскиот парламент (ЕП), Николае Штефануца, во рамки на 149. Собрание на ИПУ, што се одржува од 13 до 17 октомври 2024 година во Женева, Швајцарска Конфедерација.

На средбата станало збор за соработката меѓу двата парламенти и актуелните предизвици во процесот на евроинтеграција на нашата земја.

Скопје - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска има средба со Никлас Линдквист, нерезидентен амбасадор на  Финска во Северна Македонија, со седиште во Белград.  На средбата разговарале за билатералните односи меѓу двете земји, соработката во рамките на ЕУ и НАТО, како и за регионалната и меѓународната соработка.

Скопје - Висока воена делегација на Вооружените сили (ВС) на Република Турција, предводена од началникот на Генералштабот, генерал Метин Ѓурак во рамки на официјалната посета на Република Северна Македонија, денеска престојуваше во Генералштабот на Армијата.

По пречекот со високи воени почести, генералот Ѓурак оствари средба со својот домаќин, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски на која беше реафирмирана соработката која е на континуирано висок ниво со ВС на Република Турција, како еден од нашите најголеми стратешки партнери, соопшти армскиот ГШ.

Скопје – Членовите на собраниската Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање на денешната седница не ги усвоија Предлог дополнувањата на Законот за домување во прво читање, предложени од пратениците на политичката партија Левица.

Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ во образложението истакна дека оваа законско решение го поднесуваат од две причини – првата е да им се излезе во пресрет на студентите и втората е социолошка природа. 

Скопје - Во Основниот кривичен суд Скопје денеска сведочеше и поранешниот началник Ристе Самарџиев од Велес во врска со истрагата за исчезнувањето и убиството на Панче Жежовски.

На прашања од обвинителката Жаклина Лазаревска, тој одговори дека Жежовски го нашле на непристапно место до кое е тешко да се дојде, ако некој не посочи, а на нив, како што кажа, им посочил обвинетиот Велибор Манев.

Скопје - На судењето за убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски денеска сведочеше поранешниот помошник началник од Скопје, Музафер Каишиќ кој зборуваше за текот на истрагата за пронаоѓањето на Вања. Во својот исказ тој денеска кажа дека до местото на настанот, каде што го пронашле телото на Вања, ги однел обвинетиот Влатко Кешишов.

Каишиќ рече дека бил назначен да го координира активностите за потрагата по Вања. 

- Откако бевме известени се вклучивме доцна ноќта. Претходно бев избрифиран што сѐ е преземено. Одлучивме да се приклучиме како старешини да дадеме придонес, добивме насоки да се вклучиме и да помогнеме, рече тој.

Скопје - Министерството за образование и наука објави  Конкурс за доделување 150 стипендии на редовни студенти Роми запишани на студии од прв циклус на јавните и приватните високообразовни установи во Република Северна Македонија за студиската 2024/2025 година.

Месечниот износ на стипендијата е 6.000 денари и студентите Роми ќе ја добиваат девет месеци во текот на една студиска година.

Заинтересираните кандидати треба да се припадници на ромската етничка заедница, да се државјани на Република Северна Македонија и да не се корисници на стипендија од други установи, институции или компании.

Скопје - Шест моторни возила наменети за сообраќајната полиција му биле предадени денеска на Министерството за внатрешни работи од страна на Републичкиот совет  за безбедност во сообраќајот (РСПБСП).  Возилата во кругот на МВР на министерот Панче Тошковски му биле предадени од Гордана Кожуваровска, претседателка на РСПБСП.

МВР информира дека се работи за две моторни возила „дачија дастер“ (Dacia Duster) и четири моторни возила „дачија сандеро степвеј“ (Dacia Sandero Stepway, произведени во 2024, опремени со полициски ознаки и со дополнителна опрема. 

Скопје - Работната група денска ја почна изработката на Националната стратегија за информатичко-комуникациски и телекомуникациски развој. Оваа стратегија ќе биде темел и системски план кој ќе ја води дигитализацијата на државата, а се очекува нејзината финална верзија да биде подготвена за усвојување во првата половина на 2025 година.

Основните елементи на Нацоналната ИКТ стратегија се четирите столба - развојот на дигиталната инфраструктура, унапредувањето на дигиталните вештини на нашите граѓани, модернизација на јавните услуги и поддршка на дигиталната трансформација на бизнисите, иновациите и претприемништвото. Целта е да се создаде целосен дигитален еко систем.

Скопје – Поширокиот регион летово имал повисока цена на електричната енергија од остатокот на Европа поради високите температури и лошите меѓусебни интерконекции, вакво објаснување добиле во Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), информира денеска претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.

-Го добивме ние објаснувањето. Причините биле зголемување на температурата, имало високи температури што го прифаќаме. Заради зголемени температури била затворена нуклеарната електрана во Романија. Исто така, има и објаснување во однос на недоволни интерконекции помеѓу земјите во регионот, но сметам дека тоа што влијаеше во Македонија и во регионот не е произлезено од овој регион, туку на некој начин сме ние спотер заради други случувања надвор од овој регион, рече Бислимоски во одговор на новинарско прашање на паузата на состанокот на Експертската мисија TAIEX за транспонирање на законодавството на ЕУ за електрична енергија чиј коорганизатор е РКЕ. 

Скопје – Ако АД ЕСМ работи со загуби верувам дека Владата во одреден момент ќе им префрли одредени финансиски средства. Треба да се намалат трошоците, да се зголеми производството за да започне ЕСМ да се стабилизира, истакна денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски.

Скопје - Министерството за образование и наука ги известува сите студенти на додипломски студии за претстојниот натпревар на НАТО дивизијата за јавна дипломатија и Универзитетот „William & Mary University“ за справување со дезинформации „Countering Disinformation Challenge“.

Натпреварот ќе се одржи виртуелно на зум-платформата на 1 ноември 2024.

Скопје - Во просториите на ЕУ хаус денеска во рамките на МФФ Киненова се одржа работилница со аниматорите кои работеа на првиот долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ на Гоце Цветановски, со кој синоќа беше отворен фестивалот.

Филип Трајковски, Берта Милевска, Сара Петковска и Горан Менков говореа за процесот на создавање на едно долгометражно анимирано дело. Рекоа дека секој од нив во одреден дел од процесот се вклучил во работата и дека биле мошне мал тим, во однос на работата која требало да се заврши.

Белград - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се сретна денесka со претставници на конзорциумот на компаниите "Hyundai Engineering" и "UGT Renewables", со кои е потпишан Договорот за реализација на Проектот за изградба на соларни самобалансирани соларни електрани, кои ќе обезбеди еден гигават новоинсталирана моќност преку соларни панели, јави дописникот на МИА од Белград.

Атина – Не постои никаква опасност за Грција ненадејно да прими десетици илјади мигранти и сето она што се пишуваше и зборуваше во последните месеци, истакна портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис во интервјуто за државното радио ЕРТ, јави дописничката на МИА од Атина.

Маринакис објасни дека поради ситуацијата на Блискиот Исток потребна е будност не само во Грција, туку и во Европа и посочи дека од писмото на фон дер Лајен до членките на ЕУ се гледа „колку се оправдани грчките позиции формулирани во последните години од грчкиот премиер Киријакос Мицотакис“.

Берлин - Германскиот канцелар Олаф Шолц му вети на Израел натамошни испораки на оружје за тековните воени офанзиви на земјата во Појасот Газа и Либан.

„Има испораки и секогаш ќе има дополнителни испораки. Израел може да се потпре на тоа. Германија мора да го задржи Израел „во позиција да ја брани својата земја“. Израел може да се потпре на нашата солидарност - сега и во иднина, истакна денеска Шолц пред германскиот Парламент.

Тој рече дека палестинската милитантна група Хамас ги предводела бруталните и крвави напади против Израел пред нешто повеќе од една година.

Братислава - Словачкиот премиер Роберт Фицо изјави денеска дека гледа голема веројатност војната во Украина наскоро да заврши, јавија светските агенции, повикувајќи се на словачките медиуми.

Ова Фицо го изјави пред заминувањето на самитот на Европската унија, каде претседателот на Украина, Володимир Зеленски, ќе го претстави својот „План за победа“ во војната против Русија.

Москва - Кремљ денеска го отфрли „Планот за победа“ што украинскиот претседател Володимир Зеленски го претстави пред украинскиот парламент и ја повика Украина „да се разбуди“.

- Единствениот мировен план што може да постои е киевскиот режим да сфати дека неговата политика е без перспектива и дека е неопходно да се разбуди, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пред новинарите.

Киев – Украинскиот претседател Володимир Зеленски им нуди на западните сојузници пристап до вредните суровини на неговата земја, како дел од планот за победа што го откри денеска.

Во говорот пред пратениците во Киев, Зеленски рече дека Украина има скапоцени ресурси „вредни трилиони американски долари“, вклучувајќи ураниум, титаниум, литиум и графит.

Суровините или ќе паднат во рацете на Русија и нејзините сојузници, или ќе останат со Украина и демократскиот свет, рече тој, пренесува ДПА.

Исламабад – Десетина студенти се повредени во судирите со полицијата во пакистанската провинција Пакистан поради протестите поради силување на студентка во еден Универзитет.

Во пакистанскиот град Лахор понеделникот и вчера протестираа откако на социјалните мрежи се прошири вест дека на тамошниот приватен Универзитет е силувана студентка. Додека студентката, нејзиното семејство и управата на Универзитетот тврдат дека жртвата паднала во својот дом на 2 октомври и поради тоа била хоспитализирана до 11 октомври.

Бејрут - Премиерот на Либан, Наџиб Микати денеска ги осуди смртоносните ракетни напади на израелската армија (ИДФ) врз градот Набатиех на југот на Либан, во кои загина и градоначалникот на тој град, Ахмад Калил.

Тој оцени дека Израел намерно извршил напад врз зградата на општината каде се одржувала седницата на општинскиот совет.

Лос Анџелес – По големиот успех на документарните филмови за Битлси кои се емитуваа во изминатите години, оваа есен ќе пристигне уште еден, кој ќе го анализира нивниот пробив на американскиот пазар во февруари 1964 година.

На 29 ноември на платформата Дизни плус (Disney +) ќе се емитува документарниот филм „Битлси ’64“ (The Beatles ’64), кој го продуцираше легендарниот Мартин Скорсезе, а кој покрај новопронајдените снимки од тој период, ќе вклучува и интервјуа со преостанатите членови на групата Пол Макартни и Ринго Стар, како и разговори со оние на кои „инвазијата“ на англискиот бенд имала важно влијание во нивните животи.

Остани поврзан