• среда, 16 октомври 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

16 октомври 2024

Охрид – Полицијата ги известува граѓаните на Охрид дека во врска со симулациската вежба на припадниците на МВР закажана за утре, заради изведување подготвителни активности денеска од 10 до 14 часот за движење ќе биде затворена пешачката патека од мостот кај каналот „Студенчишта“.

На посочениот простор забрана за движење ќе има и утре, на денот на изведување на показната симулациска вежба, во периодот од 10 до 13 часот.

Активности поврзани со симулациската вежба, ќе се изведуваат и на одредени точки во водите на Охридското Езеро поради што Полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“ во соработка со Капетанија на пристаништа, од 5 до 13 часот ќе вршат ограничување на внатрешната пловидба на дел од пловниот пат од каналот „Студенчишта“ до комплексот „Инекс“.

Од СВР Охрид се упатува апел до граѓаните да ги почитуваат ограничувањата и насоките на полициските службеници кои преземаат мерки од областа на безбедноста. 

Скопје - Поради планирани прекини во електроснабдувањето, утре без електрична енергија ќе бидат корисници од општините Илинден, Сопиште, Чаир, информираат утрово од Регионалниот центар за управување со кризи - Скопје.

Од осум до 15 часот, без струја ќе бидат „Пјурели плант“, „фотоволтаци Нордик“, „Еуровиа“, „Енерџи груп“ во индустриска зона Чојлиа, општина Илинден.

Од 8:30 до 11:30 часот,  дел од корисниците од улиците „Крсте Асенов“, „Добри Даскалов“, дел од булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ во општина Чаир. Додека, од 11:30 до 14:30 часот, дел од корисниците од улиците „Ресенска“, „Втора македонска бригада“, „Кемал Сејфула“.

Од девет до 15 часот пак, дел од корисниците од село Сопиште - улицата „134“ кај гробиштата. 

Битола - Актерката Соња Михајлова вечер во Битола на матичната сцена ќе ја одигра авторската монодрама „Куфер.МК“ во режија на Благој Мицевски.

Станува збор за проект инспириран од личните искуства на Михајлова во театарот, почнувајќи од првите денови на штитиците што живот значат, се до нејзиното пензионирање.

-Во текот на овие 40 години како актер сум доживеала многу турболентни моменти и немирни времиња кои сите ние во оваа земја ги доживуваме и преживуваме. Културата, театарот, уметноста се дел од културниот идентитет на Македонија кои многупати се напаѓани на различни начини, а тие рани оставаат траги кај секој човек. Во таа смисла, претставата се однесува на она што останало како емотивен внатрешен белег од тоа што поминало во минатото, посочи Михајлова.

Народен театар-Битола паралелно со овој театарски проект се подготвува за претстојното одбекежување на јубилејот 80 години од формирањето.

Остани поврзан