• четврток, 17 октомври 2024
МИА Општински пул

16 октомври 2024

Штип - Продолжуваат активностите за изградба на спортско - рекреативнот центар „Џексон“. Паузата од месец дена беше заради промената и измената во тек на изградба информираше на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Штип,  Иван Јорданов. Тој истакна дека денеска за шест месеца, со продолжување на активностите на терен треба да биде завршен проектот и граѓаните да го користат спортско- рекреативниот центар.

-Заради промена и измена во тек на градба со цел и во насока на зголемување на трибинскиот простор и рационално искористување на просторот на СРЦ „Џексон“ имавме одреден застој во активностите во изминатиот месец дена. Но, по измените се продолжува со активности, изјави Јорданов.

Во нареднта половина година ќе се работи на нови трибини, соблекувални, тоалети и се она што е неопходно за да се добие посакуваниот изглед. Освен натпреварувања од спортски карактер овде ќе се реализраат и манифестации, како што се концерти и слично.

Кавадарци - Лозаропроизводителите бараат зголемување на субвенциите за одржување на лозја, изјави денеска за МИА, Јован Златевски, претседател на Сојузот на здруженија на лозари со седиште во Кавадарци. Тој е претседател и на потсекторската група за лозарство и винарство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

-Всушност, производителите на грозје бараат зголемување на субвенциите за одржување на лозов насад. Само како споредба, тие субвенции сега кај нас изнесуваат 40 илјади денари за хектар, а во Косово се околу 60 илјади денари, појасни Златевски. 

Ќе се бара исто така младите земјоделци до 35 години да имаат предност при државното субвенционирање, за купување земјоделска механизација, мрежи за заштита од преголема изложеност на сонце на земјоделските производи и слично. 

Златевски истакна дека едно од барањата со кои ќе настапат на следниот состанок на потсекторската група, е и тоа, да се издејствува, обесштетување на лозарите, поради штети претрпени во лозјата, од  елементарна непогода суша, што го зафати регионот во текот на летото.

Делчево - Во просториите на фоајето на Спомен Дом АСНОМ, денеска во Делчево беше отворена изложбата насловена „Ромскиот геноцид низ очите на младите”. Изложбата се реализира во рамки на проектот „Моето право да се сеќавам – Меморијализација на Ромскиот геноцид’’ организирана од РРОМА во соработка со  Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), како дел од Младинскиот културен фонд на Западен Балкан, во соработка со Министерството за надворешни работи на Германија и ЕРГО мрежата, Белгија.

Изложбата ја отвори Урмета Арифовска, заменик директор на РРОМА, која по поздравниот говор и воведното обраќање ја водеше и турата низ изложбата.

- Геноцидот над околу 500.000 Синти и Роми за време на Национал-социјализмот се уште се смета за „заборавен Холокауст". Изложбата се фокусира на прогонството на Синтите и Ромите, преку призмата на дехуманистичките перспективи на сторителите кои се спротивставуваат на сведочењата на жртвите. Старите фотографии и зачуваните податоци нудат увид во реалноста на нивните животи, истакна Арифовска.

Изложбата е поделена на три дела од кои  првото поглавје го истражува потеклото на прогонството на Ромите, „Вовед на геноцид пред Втората светска војна", второто поглавје го опфаќа Геноцидот на Ромите нацистичките злосторства за време на Втората светска војна, а третото поглавје се занимава со повоената историја и современите предизвици на Ромскиот геноцид. 

Струмица - Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов денеска беше домаќин на амбасадарот на Црна Гора во нашата земја, Зоран Миљаниќ, информираа од Општината.

Костадинов му посакал на Миљаниќ упешна дипломатска мисија како новоименуван амбасадор во нашата држава од пред еден месец, а гостинот покажал посебен интерес за Струмица.

-Со задоволство му ги презентирав капацитетите и можностите коишто Струмица ја прават посебна и различна од останатите општини во државата и регионот, особено со воведувањето на целосно електричен јавен превоз. Разговаравме и за соработката меѓу двете држави и како да ја зајакнеме и на локално ниво затоа што таква желба има и од двата народа кои имаат многу заеднички интереси, взаемно почитување и искрено пријателство, стои во пренесената изјава на Костадинов.

Штип - Оптимизам владее дека меѓународниот тендер за изградба на современ систем за управување со отпад, односно регионалната фабрика за отпад кај Светниколското село Мечкуевци може да се распише и наредната недела, бидејќи во тек е преведувањето на тендерската документација на јазиците на сите земји членки на Европската унија (ЕУ) беше истакнато во Штип на денешнатa  jавна расправа за ревизија на „Регионалниот план за управување со отпад (РПУО) и Стратешката оцена на животната средина (СОЖС) “.

Ана Мазнева-Карафиновска од Министерството за животна средина и просторно планирање истакна дека тендерската документација веќе е готова, во неа не недостасува ништо и нивните очекувања се дека крајниот рок  за распишување на тендерот за изградба на регионалната фабрика за отпад за општините од Источниот и Североисточниот регион од страна на ЕУ   е до Нова година.

Таа посочи дека потребна е поголема посветност од страна на општините од Источниот и Североисточниот плански регион за да се реши проблемот со депонирањето на отпадот и изградбата на оваа инсталација. Забележа дека општините и комуналните претпријатија мора максимално да го искористат максимално знаењето на експертите кои работат на овој проект и кои се во земјава за нашите граѓани и општини. Таа додаде дека изградбата на клучката и реконструкцијата на патот до современиот систем за депонирање на отпадот од двата региони во близина на селото Мечкуевци ќе се гради, во исто време со депонијата, а нејзиниот рок за изградба е од година и пол до две.

Куманово - Државното средно училиште, Регионален центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ“ денеска во училиштето организираше настан по повод 16-ти октомври, Меѓународниот ден на храната кој годинава се одбележува под мотото „Право на храна за подобар живот и подобра иднина: Никој да не биде изоставен“. Учениците и јавноста имаа можност да слушнат за потребата за разновидност, квалитетна исхрана, достапност и безбедност на храната што се консумира. Манифестацијата се организира по десетти пат.

– Ние како училиште кое продуцира храна, коешто произведува и преработува храна сме една од институциите која го одбележува денот. Учениците и наставниците направија колорит од различна храна, презентирајќи ги континентите. На овој начин ја подигаме свеста за употреба на различна храна, но и упатуваме порака дека сè уште има гладни луѓе за кои треба сите да се грижиме како заедница. Наставната програма се грижи да се крене свеста кај младите, нашите ученици за начините како да се произведе и преработи храната, внимание се посветува и на влијанието на климатските промени врз производството на храна, како и на заштита на ранливите, да не биде изоставен никој, изјави директорката на училиштето Весна Трајковска.

Во училиштето има прехранбена насока и ова е добра можност да се презентира работата на стручниот кадар и на образованието кое го нуди училиштето за овој речиси дефицитарен кадар. Од училиштето нагласуваат дека годинава е поголем интересот кај учениците за прехранбената струка. Оттаму се задоволни што расте интересот кај младите за запишување во прехранбената струка. Професорите сметаат дека е многу важно што расте интересот кај младите за консумација и производство на здрава храна.

Куманово - Адвокатски тим од Куманово собира документација и бесплатно ќе го застапува семејството на родилката, која при породување почина во кумановската болница, соопштија на денешната прес-конференција од адвокатската канцеларија Георгиевски. Тие веќе поднеле барање до надлежните институции, Министерството за здравство, државниот санитарен и здравствен инспекторат, јавното обвинителство Куманово, МВР, матичен лекар.

-Нашите првични сознанија се дека навистина има лекарска грешка и затоа ќе најдеме и стручни лица кои тоа нешто ќе го потврдат. Од друга страна сметам дека е премногу рано да се излегува со какви било заклучоци во услови кога сите неонатолошки тестови и пренатални тестови кои биле извршени за време на бременоста не покажале апсолутно никаква аномалија ниту кај родилката ниту кај бебето. За изненадување е како може нешто во последните 36 часа толку да се искомплицира што ќе заврши со овој трагичен настан. Нашата адвокатска канцеларија се понуди бесплатно да го застапува семејството сметајќи дека во услови на оваа семејна трагедија им е потребна бесплатна правна помош и адвокатска канцеларија која ќе застане зад нив и бебето, изјави адвокатот Христијан Георгиевски.

Вчера пристигнала обемната медицинска документација која се разгледува и тимот ќе ангажира стручни лица кои ќе ја разгледуваат медицинската документација.

Виница – Професорите и другите вработени во СОУ „Ванчо Прке“ во Виница втор ден ја бојкотираат наставата поради разрешувањето од функцијата на досегашниот директор и назначувањето нов в.д. директор, оценувајќи дека се работи за незаконска постапка.

За време на бојкотот сите професори се присутни во училиштето во текот на работното време, но воспитно-образовниот процес не се изведува во знак на протест Просветни инспектори веќе направиле вонреден увид во состојбата и разговорале со претпоставените и со вработените.

Новоназначената в.д. директорка нема интегритет да ја извршува функцијата поради мобингот врз нас, во што е поддржана од страна на нејзината сестра, како  секретар и архивар во училиштето, и нејзиниот сопруг, наставник по историја во истото училиште. Веќе почна да врши притисоци, да има агресивни испади и закани за парични казни кон вработените кои бојкотираат, иако сè уште официјално нема депонирано потпис и не е извршено примопредавање на функцијата со претходниот директор. Бидејќи увидовме дека градоначалникот на Виница, Миле Петков, нема слух за нашите проблеми и барања, иако сме веќе скоро 90 отсто од вработените, денеска до него доставивме барање за итно распишување оглас за нов директор. Во моментот кога ќе биде распишан огласот бојкотот ќе биде ставен во мирување и ќе продолжиме со држење на наставата, истакнуваат вработените во писменото известување до МИА.

Босилово - Во Општина Босилово денеска се одржа хуманитарно-еколошка акција за собирање облека и текстилен отпад.

Како што информираше градоначалникот Ристо Манчев, целта на акцијата е старата и износена облека наместо да завршува на депониите каде тешко се распаѓа, истата да се собере и преработи, а таа со подобар квалитет ќе се подели на социјално ранливи категории граѓани.

Одзивот на граѓаните за учество во акцијата беше голем и притоа донесоа поголеми количини облека на собирните пунктови, каде беа поставени и контејнери за текстил.

Акцијата ја организираа Општина Босилово и „Таксо Мак“. 

Македонска Каменица - По повод 16 октомври - Светскиот ден на храната, во Македонска Каменица се одржа традиционалниот Базар на храна. На настанот присуствуваше и градоначалникот на Општината, Димчо Атанасовски кој изрази одушевување од креациите на учениците од деветолетката  ,,Св.Климент Охридски" која го организираше настанот.

-Во позитивна атмосфера, полна со детска ведрина, ентузијазам и енергија, денеска се одржа традиционалниот Базар на храна во ООУ „Св. Кирил и Методиј“ во Македонска Каменица. Со своето присуство, изразив поддршка на оваа убава иницијатива спроведена од учениците и наставниците. Ваквите настани се од големо значење за развој на заедницата и имаат особена важност во поттикнувањето на младите луѓе да бидат активни и социјално одговорни, истакна Атанасовски.

Собраните средства од продажбата на домашните специјалитети подготвени со помош од нивните родители и наставници, ќе бидат наменети за финансирање различни активности во училиштето, меѓу кои културни и други забавни настани.

Куманово - Почна обновата на хоризонталната сигнализација во Куманово, информираа денеска од јавното претпријатие „Чистота и зеленило“. Екипите на претпријатието работат на улиците во поширокото градско подрачје и во Куманово. Програмата на претпријатието за оваа дејност, како што информираа надлежните изнесува скоро два милиони денари.

-Претпријатието редовно ја реализира програмата со општина Куманово за хоризонтално обележување на јавно прометни површини согласно годишниот план за 2024-та година. Објавивме тендер како претпријатие и склучивме договор со компанија за набавка на бои и репроматеријали. Имаме работна машина за реализација, изјави директорот на ЈП „Чистота и зеленило“, Ненад Стојановски.

Досега, реализирано е обележување на сообраќајници во поширок опфат на централното градско подрачје со акцент на обележување на пешачките премини во непосредна близина на сите образовни институции, детски градински, здравствени установи и институции, автобуски постојки. Граѓаните изминативе години реагират дека бојата со која се обележуваат пешачките премини брзо избледува и не се постигнува ефектот на обележувањето.

Скопје - Цената на парното греење во Скопје ќе биде стабилна до следното лето, освен ако не се случи драматична промена на цената кај природниот гас, порача денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски и додаде дека сепак не очекува да има никакви промени. 

- Сега ние во пресметките сме влезени со цена на природниот гас од околу 40-ина евра за мегават час, ако отиде екстремно високо тогаш може да разговараме за зголемување на цената на парното, но, не верувам дека ќе имаме такви драстични промени, така што за цената на парното не очекувам никакви промени, изјави Бислимоски на паузата на состанокот на Експертската мисија TAIEX за транспонирање на законодавството на ЕУ за електрична енергија чиј коорганизатор е РКЕ.

Смета дека земјава нема да има никаков проблем во снабдувањето на природен гас. 

- Во Македонија природниот гас доаѓа преку т.н. Турски тек, доаѓа од Турција, така што нема никаков проблем за да дојде гасот. Во овој момент некаде нешто помалку од половината од постојниот гасовод е искористен, а во план е да се направи нова интерконекција со Грција која што ќе има далеку поголем капацитет од постојната, така што обезбедувањето на природниот гас во наредниот период нема да биде проблем, посочи Бислимоски.

Остани поврзан