• петок, 22 ноември 2024
МИА Радио флеш

18 октомври 2024

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски не очекува општините да достават нови проекти во дополнителниот рок што им е даден да аплицираат на повикот за доделување 100 милиони евра за реализирање на капитални инфраструктурни проекти, туку да ја достават ажурираната проектна документација што им недостигала за да добијат средства на јавниот повик.

-Не очекувам нови проекти, туку оние општини коишто не доставија навреме ажурирана подлога да ја достават. Тоа е разумен период и не се такви многу. И во другите општини коишто добија проекти да речеме можеби конкурирале со пет проекти, добиле три па за овие два недостасува ажурирана подлога итн. За оние кои воопшто немаат добиено проект, бидејќи не доставиле проектна документација и подлога согласно јавниот повик, очекувам да ги достават, изјави Мицкоски во одговор на прашање по поставувањето камен-темелник на новото основно училиште „Крсте Мисирков“ во скопската населба Ченто.

Скопје - Се уште правиме анализи, избрзани чекори се лош потег, изјави премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање во однос на писмото што беше најавено дека ќе се испрати до ЕУ со предлог-решенија за деблокада на процесот на евроинтеграциите.

-Замолувам за малку трпение. Избрзани чекори се секогаш би рекол лош потег, можеби треба малку да исдигестираат работите за да можеме со ладна глава да отспиеме и да донесеме вистинска одлука. Се е во оптек. Патувам викендов во Австрија, ќе бидам дел од еден настан во Салцбург, потоа ќе имам средби со високи претставници на австриската Влада и австриското општество, претседателот, министерот за надворешни работи. Таму знаете имаше скоро и избори па во тек е формирање на нова влада, ќе видиме како ќе биде со актуелниот премиер, потоа доаѓа претседателката на ЕК, па имаме Европска политичка заедница состанок во Будимпешта на 7 ноември, така што нека се направи една анализа да видиме како сето ова ќе функционира. Ако успееме на овој начин да ја постигнеме целта јас не би брзал со носење, рече Мицкоски.

Скопје - На денешниот втор ден од состанокот на министри за одбрана на Северно-атлантскиот совет кој се одржува во седиштето на Алијансата во Брисел, Кралството Белгија, се разговарало за достигнувањата, развојот на способностите, логистиката, операциите, капацитетите во однос на Концептот за одвраќање и одбрана на НАТО во рамки на Евроатлантската област, информираат од Министерството за одбрана

Министерот за одбрана Владо Мисајловски, кој учествува на состанокот, потенцирал дека прагот за Буџетот за одбраната да биде минимум 2 отсто од БДП е приоритет.

-Македонската влада е решителна во однос на инвестициите за развој и модернизација на одбранбените капацитети и затоа веќе е предложен Буџетот за 2025 година кој ќе обезбеди стабилно финансирање на проектите. Посветени сме на исполнување на националните и обврските кои произлегуваат од нашето членство во НАТО. Само со стабилно финансирање ќе успееме да ги развиваме одбранбените способности, истакнал министерот Мисајловски.

Скопје - Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски се обрати на 3. Регулаторен дијалог меѓу Европската Унија и Западен Балкан во Брисел, на кој присуствуваа генералниот директор на Директоратот за поврзување (DG Connect), Роберто Виола, како и министрите задолжени за дигитализација од Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово.

Како што информираат од Министерството за дигитална трансформација, Андоновски ја истакна важноста на формирањето на новото Министерство за дигитална трансформација во Македонија.

-Неодамнешното формирање на нашето Министерство за дигитална трансформација означува значајна пресвртница во патот на Македонија кон безбедна и сеопфатна дигитална трансформација. Ова министерство го нагласува огромното значење што нашата влада и го придава на дигиталната трансформација како клучен приоритет за напредокот на државата, истакна Андоновски.

Новаци - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски отвори подрачни канцеларии на Министерството во општините Новаци и Могила.

Нашата цел е да продолжиме да го отвораме Министерството кон земјоделците, изјави министерот Трипуновски за време на посетата на Општина Новаци.

-Во Општина Новаци има околу 1000 земјоделци кои досега патуваа до Битола, а отсега сите апликации и следење на мерките на МЗШВ ќе може да ги следат од својата општина и да бидат советувани од претставници на Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството. Сакаме да бидеме подостапни за услугите што ги даваме и земјоделците да бидат поинформирани. Со овие канцеларии потврдуваме дека се грижиме за земјоделците и овозможуваме повеќе да работаат на полињата, а помалку време да губат на бирократијата, истакна Трипуновски.

Во изјава зе медиумите, минстерот Трипуновски посочи дека за есенската сеидба е во постојана комуникација со земјоделските здруженија.

Скопје - Сомневањето кон таткото на Вања, Александар прво потекна од Велибор и Боре, кои ни кажаа дека и таткото е инволвиран. Со тие нивни искази и разумно согледување може да се види. Ние само фактите ги гледаме, изјави сведокот началник на единица за насилен криминал во СВР Скопје, кој сведочеше на денешното рочиште за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, во Основниот кривичен суд Скопје.

На прашање од адвокатот на обвинетиот Боре Видевски, во каква состојба бил Видевски кога им кажал за поврзаноста на Александар, и дали врз него била вршена тортура, сведокот Дејан Димовски, кој во тоа време работел како началник на единица за насилен криминал во СВР Скопје рече: „на столица, седеше на столица кога го кажа тоа".

На вкрстено прашање од адвокатот на таткото на Вања, Владимир Туфегчиќ како го извеле заклучок дека девојчето не е киднапирано и дека можеби како што рече „сака да ги казни родителите", сведокот рече дека во разговорите со родителите направиле профилирање на нивниот социјален и приватен живот.

Сараево - Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина најостро ги демантира и отфрла неоснованите медиумски наводи кои се однесуваат на наводна обука на молдавски државјани во БиХ.

„Станува збор за неточни и целосно непоткрепени тврдења кои немаат апсолутно никаква врска со Босна и Херцеговина“, соопштија од Министерството.

До Министерството за безбедност на БиХ не пристигнале никакви официјални барања од молдавските власти, ниту се доставени какви било докази кои би ги потврдиле наведените тврдења. Спомнувањето на Босна и Херцеговина во овој контекст е очигледно обид за манипулација во екот на вжештената политичка кампања во Молдавија, која на 20 октомври избира претседател на Републиката, се наведува во реакцијата.

Париз - Огромни поплави предизвикаа сериозна штета во делови од југоисточниот регион на Франција по повеќедневни дождови. Метео Франс издаде црвено предупредување за шест делови јужно од Лион, но денеска предупредување е намалено на портокалово, што укажува дека нивото на водата повторно ќе се намалува.

- На одредени места во регионот Ардеш паднаа до 700 милиметри дожд за 48 часа. Тоа е повеќе од годишната количина на врнежи во Париз, изјави министерката за животна средина Агнес Паније-Рунашер за БФМ ТВ.

Берлин - Американскиот претседател Џо Бајден денеска пристигна во Берлин на разговори со германските лидери за поддршката на Западот кон Украина и нестабилната ситуација на Блискиот Исток.

Бајден се среќава со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер и канцеларот Олаф Шолц, а се очекува нивните разговори да се фокусираат на зајакнување на трансатлантските врски и одржување на воената помош за Украина.

Германија моментално е втор најголем донатор на воена помош за Украина, по САД, и има обезбедено напредно оружје, како што се борбените тенкови Леопард 2, ракети Патриот и системи за противвоздушна одбрана IRIS-T.

Москва - Русија е загрижена за последиците за ситуацијата на Блискиот Исток откако Израел го ликвидираше лидерот на „Хамас“ Јахја Синвар, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

-Главната работа за нас се последиците за цивилното население што ги гледаме, рече тој како одговор на прашањето како Кремљ реагира на акциите на Израел, додавајќи: „Имаме сериозна загриженост за ова“.

„Хуманитарната катастрофа што се забележува и во Појасот Газа и во Либан предизвикува сериозна загриженост во нашата земја“, додаде портпаролот на шефот на руската држава.

Вашингтон - Демократката Камала Харис по првпат ќе води кампања заедно со Барак и Мишел Обама на одвоени настани следната недела, со цел да внесе политичка енергија во последниот налет пред изборите во ноември, изјави висок претставник на нејзината кампања.

Поранешниот претседател и неговата сопруга сè уште се исклучително популарни меѓу демократите и се очекува да бидат ефикасни во поддршката на Харис во последниот дел од кампањата пред претседателските избори на 5 ноември.

Анкетите покажуваат дека претседателската трка меѓу Харис и републиканскиот противкандидат Доналд Трамп сè уште е многу тесна.

Њујорк - Хуманитарната канцеларија на ОН го осуди израелскиот начин на дејствување против Палестинците на окупираниот Западен Брег, опишувајќи ја тактиката како воена.

-Израелските сили користат смртоносни тактики слични на војна на Западниот Брег, предизвикувајќи сериозна загриженост за прекумерната употреба на сила и ги продлабочуваат хуманитарните потреби на луѓето, рече портпаролот Јенс Лаерке, додавајќи дека девет лица биле убиени во периодот од 8 октомври до 14, вклучувајќи и дете.

Лаерке додаде дека израелските сили ги обвинија повеќето од убиените за учество во напади врз Израелци.

Бејрут - Портпаролот на мировната мисија УНИФИЛ, Андреа Тененти, денеска изјави дека мисијата, која брои 10.000 луѓе, ќе остане во Либан и покрај неколкуте директни напади од страна на израелските сили во последните денови, кои ги опиша како намерни.

- Мораме да останеме, побараа од нас да се преместиме. Пустошењето и уништувањето на многу села долж Сината линија, па дури и подалеку, е шокантно, рече Тененти преку видео врска од Бејрут.

На прашањето за вчерашното соборување на дрон во близина на брод на УНИФИЛ кај либанскиот брег, тој изјави дека дронот доаѓал од југ, но кружел околу бродот и се приближил многу блиску, на само неколку метри од бродот.

Пекинг - Кина денеска повторно повика на „итен“ прекин на огнот во Газа, ден по објавата на Израел дека е убиен Јахја Синвар, лидерот на палестинската група Хамас.

- Приоритет е итно постигнување примирје во Газа, заштита на цивилите, обезбедување на хуманитарна помош и избегнување на понатамошна ескалација на конфликтот и конфронтацијата, изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи Мао Нинг пред новинарите во Пекинг, пренесува Анадолија.

Мао реагираше на тврдењата на Израел дека телото на Синвар е пронајдено откако областа била пребарана вчера. 

Сеул - Северна Кореја го распореди првиот контингент од 1.500 војници од своите специјални единици во Владивосток, на рускиот Далечен Исток, и наскоро ќе испрати уште повеќе, соопшти денеска јужнокорејското разузнавање, цитирано од светските агенции.

Јужнокорејската разузнавачка служба „установи дека од 8 до 13 октомври Северна Кореја транспортирала војници од нејзините специјални единици во Русија со транспортен брод на руската морнарица, што го потврдува почетокот на борбеното учество на Северна Кореја“, се вели во соопштението на разузнавањето, во кое се објавени и детални сателитски снимки.

Остани поврзан