• понеделник, 23 декември 2024
МИА Радио флеш

22 ноември 2024

Скопје - Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова денеска лично ќе и го честита на Радмила Шекеринска назначувањето за заменик-генерална секретарка на НАТО.

Како што објави претседателката на нејзината Фејсбук страница во средата остварила телефонски разговор со Шекеринска, во кој ја поканила на средба за да и го честита изборот.

-Беше остварен телефонски разговор со госпоѓата Радмила Шекеринска-Јанковска. Во разговорот ѝ е упатена покана за средба со цел да ѝ го честитам изборот за заменик-генерална секретарка на НАТО. На предлог на госпоѓата Шекеринска, средбата ќе се одржи во петок, во 10 часот, напиша Сиљановска Давкова.

Скопје - Денес, со почит се собравме заедно да го одбележиме Денот на албанската азбука – симбол на образованието, културното богатство и напредокот на еден народ, објави на неговиот фејсбук профил премиерот Христијан Мицкоски.

Овој ден, 22 ноември, нè потсетува на Конгресот во Битола, одржан во 1908 година. Таму, со мудрост и единство, интелектуалците донесоа одлука која ќе го трасира патот на албанскиот јазик кон иднината – создавањето на единствена и стандардизирана азбука. Оваа одлука не беше само лингвистичка, тоа беше акт на создавање на иднина и едно културно обележје. Писменоста и образованието не се луксузи – тие се основни права и најмоќни инструменти за трансформација на нашето општество. Нивната важност не може да се измери со бројки, но нивното влијание се гледа во подобриот живот на секој поединец и во напредокот на целата заедница, напиша на фејсбук Мицкоски.

Пекинг - Кинеското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека ќе ја прошири политиката на безвизен режим за уште девет земји, меѓу кои и Северна Македонија. Помеѓу 30 ноември 2024 година и 31 декември 2025 година, политиката за ослободување од визи ќе се применува за обичните носители на пасоши и од Бугарија, Романија, Хрватска, Црна Гора, Малта, Естонија, Летонија и Јапонија, соопшти на прес-конференција во Пекинг портпаролот на МНР на НР Кина, Лин Џијан.

Покрај тоа, Кина ќе го продолжи и периодот на безвизен престој од сегашните 15 на 30 дена, пренесе државната телевизија ЦЦТВ.

Почнувајќи од 30 ноември 2024 година, имателите на обични пасоши од 38 земји, вклучувајќи ги и дополнително додадените девет земји, ќе можат без виза да влезат во Кина  за бизнис, туризам, посета на роднини и пријатели, размена на посети и транзит, не подолго од 30 дена. 

Скопје - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска се обрати на свеченото одбележување на 30-годишнината од основањето на македонскиот национален комитет на CIGRE – МАКО СИГРЕ. Настанот, кој ги собра водечките имиња од инженерската и академската заедница, го истакна значењето на македонските инженери во развојот на енергетските системи, информираат денеска од Министерството. 

Во обраќањето, министерката нагласила дека инженерската професија е основен двигател на економскиот и технолошкиот напредок.

Скопје - Автобускиот сообраќај во Скопје денеска е нормализиран, потврди за МИА директорот на ЈСП „Скопје“, Драги Кушовски. Тој вели дека количините на нафта не се испорачани целосно, но испораката сега за сега е доволна.

-Нормализиран е јавниот превоз денеска. Сите линии сообраќаат, исто како и претходно, односно исто како пред да се појави проблемот со недостиг на горивото. Сите автобуси кои се во возна состојба редовно сообраќаат, рече Кушовски.

Прашан дали се испорачани сите количини на нафта, тој одговори дека не се испорачани целосно количините, туку се испорачуваат сукцесивно. Сепак, напомена, испораката сега за сега е доволна.

Скопје - Пресудата која Основниот Кривичен Суд во Скопје ја донесе против 13 лица за трговија со дете, полов напад и силување, и производство и дистрибуција на детска порнографија е огромно разочарување и несоодветно ја рефлектира тежината на извршените дела, смета Платформа за родова еднаквост.

Овие дела, сметаат, не се само сериозно нарушување на правата на жртвата, туку и директен напад врз основите на родовата еднаквост и заштита на децата.

Љубљана - Словенечкиот премиер Роберт Голоб изјави денеска дека неговата земја „ја почитува одлуката“ на Меѓународниот кривичен суд (МКС) во врска со налозите за апсење за наводни воени злосторства и злосторства против човештвото и дека целосно ќе се придржува до неа.

Голоб изјавата ја даде по повод налогот за апсење од Меѓународниот кривичен суд за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, поранешниот израелски министер за одбрана Јоав Галант и воениот шеф на Хамас Мухамед Деиф, јави словенечката СТА.

„Словенија ја почитува одлуката на МКС за налози за апсење за наводни воени злосторства и злосторства против човештвото и целосно ќе се придржува до неа“, рече Голоб.

Брисел - Поранешниот бугарски главен јавен обвинител Иван Гешев поднесе тужба против државата Бугарија пред Европскиот суд за човекови права, поради неговото разрешување од функцијата, кое, според него, било „незаконско и неосновано“. 

Тужбата на Гешев е прифатена во Судот, која пред евентуално да почне постапка по случајот треба да утврди дали во текот на процесот во Бугарија било повредено неговото право на правично судење. 

Гешев во тужбата дополнително тврди и дека бил нарушен неговиот приватен и семеен живот, затоа што против него се водела јавна кампања што „ги нарушила неговиот авторитет и углед и му создала пречки за одржување на нормални лични и професионални односи“. 

Берлин - Германија почна поинтензивно да работи на подготовките за можни кризни ситуации, вклучително и сценарија на војна кои директно ќе ја зафатат земјата.

Според весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЗ), Бундесверот развил стратешки документ наречен „Операционен план на Германија“, во кој се детализирани улогата на економијата и клучните инфраструктурни сектори во случај на вооружен конфликт.

Еден од клучните елементи на овој план е соработката со приватниот сектор за обезбедување снабдување и одржување на функционалноста на клучните сектори во случај на криза.

Астана - Претседателот на Казахстан, кој е сојузник на Русија, денеска нареди да се преземат „итни мерки“ за заштита на цивилната и воената инфраструктура на неговата земја поради „ескалацијата во Украина“.

„Шефот на државата Касам-Жомарт Токаев му наложи на премиерот, претседателската администрација, шефовите на сите безбедносни сили (армијата, специјалните служби, полицијата, обвинителството) и локалните лидери да преземат итни мерки за заштита на главните цивилни и воени локации. Мерките се поврзани со ескалацијата на ситуацијата околу Украина“, објави на Фејсбук портпаролот на претседателот, Берик Вали.

Портпаролот потсети дека Казахстан редовно ги повикува Москва и Киев да преговараат за крај на војната „меѓу два словенски народи“.

Вашингтон - Ескалацијата на конфликтот во Украина, вклучително и вмешувањето на севернокорејски војници, целосно е во рацете на Русија, изјавија синоќа во Белата куќа.
 
- Русија ескалираше на секој чекор, изјави портпаролката Карин Жан-Пјер, додавајќи дека САД ја предупредиле Москва дека е неприфатливо вовлекување на „други земји“ во украинскиот конфликт.
 
Според западни и украински разузнавачки служби, Русија вклучила во конфликтот најмалку 10.000 севернокорејски војници, дел од кои се распоредени во Курската област на Русија за зајакнување на нејзините позиции. 

Вашингтон - Во Пентагон синоќа потврдија дека Русија лансирала експериментална балистичка ракета со среден дострел кон територијата на Украина и дека САД биле известени кратко време пред стартот на оружјето.

Според портпаролката Сабрина Синг, оружјето е модификација на руската интерконтинентална балистичка ракета РС-26 „Рубеж“ способна да носи нуклеарни боеви глави.
 
- Соединетите Американски Држави беа известени кратко време пред лансирањето преку каналите за намалување на нуклеарниот ризик, изјави Синг.

Бразилија - Федералната влада на Бразил јавно му се извини на црното население за ропството на црнците и последиците од тие дела, со порака дека борбата против расната дискриминација во земјата треба да продолжи, објави lnginnorthernbc.ca .

 „Унијата јавно се извинува за ропството на црнците, како и за неговите последици. Признава дека е неопходно да се вложат напори за борба против расната дискриминација и промовирање на еманципацијата на црниот бразилски народ. Конечно, таа е посветена на зајакнување на фокусот за креирање јавни политики за оваа намена“, се наведува во пораката што во главниот град Бразилија ја прочита државниот обвинител Хорхе Месијас.

Остани поврзан