Куртулмуш за МИА: Максимално ќе ги искористиме сите можности кои ги нуди парламентарната дипломатија
- Парламентарната дипломатија е многу значајна. Соработката меѓу парламентите на Турција и Северна Македонија ќе продолжи со разговори меѓу групите за пријателство најнапред во Скопје, а потоа и во Истанбул и во Анкара. Ќе се обидеме да ги искористиме максимално сите можности кои ги нуди парламентарната дипломатија во иднина, најавува во интервју за МИА претседателот на големото Национално собрание на Турција Нуман Куртулмуш.
Скопје, 23 декември 2024 (МИА) - Парламентарната дипломатија е многу значајна. Соработката меѓу парламентите на Турција и Северна Македонија ќе продолжи со разговори меѓу групите за пријателство најнапред во Скопје, а потоа и во Истанбул и во Анкара. Ќе се обидеме да ги искористиме максимално сите можности кои ги нуди парламентарната дипломатија во иднина, најавува во интервју за МИА претседателот на големото Национално собрание на Турција Нуман Куртулмуш.
Посочува на пријателските и блиски односи помеѓу Северна Македонија и Турција и вели овие односи ќе се рефлектираат и помеѓу двете собранија.
-Почитуваниот претседател на Собранието на Република Северна Македонија Африм Гаши откако беше избран и стапи на должност првата официјална посета ја реализираше во Анкара, што за нас беше многу значајно и тогаш ветив дека во најскоро време ќе реализирам и возвратна посета. Неговата посета беше во октомври, а еве ние успеавме веќе во декември да ја реализираме возвратната посета. Помеѓу блиските односи меѓу двете влади сакаме да ги рефлектираме и во најдобри и најблиски можни помеѓу двете собранија. Сметаме дека парламентарната дипломатија е многу значајна и во иднина почнувајќи од средбите на билатералните групи за пријателство помеѓу двата парламента, првата посета ќе биде во Скопје, а потоа ќе ја имаме можноста да ги нагостиме во Истанбул и во Анкара. Сметаме дека е многу значајно. Ќе се обидеме да ги искористиме максимално сите можности што ги нуди парламентарната дипломатија во иднина, рече Куртулмуш.
Во контекст на евроинтегративниот процес и ветото со кое како држава се соочуваме, вели дека Турција е против спроведување на двојни аршини и злонамерни пристапи и оти целосно го поддржуваме евроинтегративниот процес на Северна Македонија.
-Секако ние се спротиставуваме на предрасуди во евроинтегративниот процес и во преговорите за полноправно членство во ЕУ генерално за сите земји. А што се однесува конкретно во случајот со Северна Македонија сметам дека заслужува како и многу други земји, па дури и како земји – членки, да биде дел од Европската унија. Во пристапниот процес сме против спроведување на двојни аршини, против злонамерни пристапи, целосно го поддржуваме евроинтегративниот процес на Северна Македонија и се надеваме дека во најскоро можен рок Македонија ќе биде полноправна членка на ЕУ, вели претседателот на турскиот Парламент.
Трговската размена помеѓу Турција и Северна Македонија е приближно една милијарда долари, а најмногу благодарение на турските инвестиции во земјава. Но, според Куртулмуш реална цел е трговскиот обрт меѓу Северна Македонија и Турција да достигне две милијарди долари.
-Како што истакнавте и Вие, помеѓу двете земји постојат блиски односи кои се рефлектираат и во самата економска соработка. Кога сме кај билатералниот трговски обем помеѓу нашите две земји, трговскиот обем се движи приближно до една милијарда долари и сметаме дека е недоволно. Сметаме дека билатералниот обрт од две милијарди долари е реална цел која може да се достигне и знам дека и кај двете страни има воља да се развива обостраната трговија. Знаеме дека во земјава има голем број турски инвеститори кои според моите познавања и информации кои ги имам нудат вработување за над 10.000 граѓани на оваа земја, истакна Куртулмуш.
Турските компании, додава тој, се присутни и во инфраструктурните проекти, но го нагласува и фактот дека во октомври во земјава е отворена регионална канцеларија на компанијата од одбранбената индустрија „Аселсан“.
-Секако дека во оваа прилика би сакал да го поттцртам фактот дека во одбранбената индустрија имаме развој на билатералната соработка, фактот дека турската државна компанија од одбранбената индустрија „Аселсан“ отвори канцеларија во Скопје, која не е одговорна само за Северна Македонија, туку и за целиот балкански регион. Мислам дека е многу значајна во насока на продлабочување на нашата соработка, рече претседателот на турскиот Парламент.
Во однос на соработката во туризмот, вели Куртулмуш, Северна Македонија има исклучително место за турските туристи особено Скопје и многу други градови, кои како што посочи, се многу слични како старите османлиски градови како Бурса, Маниса и Амасија.
-Земјата и градот имаат огромни историски и културни богатства и со тоа земјата и градот стануваат туристичка атракција која привлекува се поголем број на туристи. Сметам дека билатералната економска соработка ќе продолжи да се развива и во иднина, истакна претседател на големото Национално собрание на Турција Нуман Куртулмуш.
Во однос на глобалните движења, истакнува Куртулмуш, светот и без конфликтите, војните и превривањата се соочува со тежок период особено имајќи ги предвид климатските промени кои предизвикуваат глад, суша и природни катастрофи во разни делови на земјината топка. Од друга страна, вели тој, ги чуствуваме и последиците од обидите за формирање на нов мултиполарен свет што ќе создаде нови тензии.
-Тоа мислам дека ќе има влијание во создавање на нови тензии кои ќе причинат тешки процеси, кои нема да бидат лесно управувани. Од аспект на Туркије, можам да кажам дека ние се наоѓаме во еден регион каде што се присутни скоро сите проблеми кои предмалку ги спомнав и секако мислам дека тука треба да го потцртаме фактот - геноцидот кој Израел го врши врз населението на Газа, на Палестина. Затоа кога ќе ги земеме предвид сите овие глобални случувања ние како Туркије сметаме дека е потребен нов пристап, кој секако мора да биде хуманоцентричен, кој човечкото битие ќе го смета еднакво и ќе ги смета еднакво сите луѓе без притоа да се направи некаква разлика. Секако сувереноста на сите држави треба да биде подеднакво почитувана. Тука не треба да има привилегирани, некои помалку привелигирани, некои да бидат на повисоко, некои да бидат на пониско ниво, рече Куртулмуш.
Претседателот на големото Национално собрание на Турција Нуман Куртулмуш престојува во официјална посета на нашата земја, во рамките на која денеска ќе го посети Тетово. Куртулмуш во саботата беше пречекан од претседателот на Собранието Африм Гаши, а имаше средби и со премиерот Христијан Мицкоски и со претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Тој исто така присуствуваше и на настанот по повод одбележувањето на 21 декември - Ден на турската настава. Вчера Куртулмуш се обрати на конференција на Меѓународниот балкански универзитет во Скопје и ја посети Старата скопска чаршија.
Во интервјуто за МИА Претседателот на големото Национално собрание на Турција оценува дека средбите со државниот врв биле многу плодни и конструктивни.
Елизабета Велјановска Најдеска
Фото: Дарко Попов
Видео и монтажа: Аслан Бишко и Борис Куноски