• петок, 18 октомври 2024
МИА Флеш

  18 октомври 2024

 

 

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски најави нови германски инвестиции, а најголемата, како што истакна, ќе биде ветерен парк кај Куманово, Ранковце, Крива Паланка и Старо Нагоричане, вредна преку 400 милиони евра. До крајот на годината, според премиерот, две германски компании ќе почнат да вложуваат, едната, веќе присутна во земјава, ќе гради нов производен погон, а другата ќе стартува сосема нова гринфилд инвестиција.

Скопје – Премиерот Христијан Мицкоски не очекува да има турбуленции и позначителни потреси на пазарот со електрична енергија во земјава и покрај најавите на некои европски земји дека очекуваат проблеми во текот на зимава.

-Што се однесува до турбуленции на пазарот на електрична енергија во Европа, јас бев меѓу првите уште летоска којшто зборуваше дека како ќе доаѓа зимата, така ќе има потреби да се влече енергија од пазарот во Европа од страна на Украина, бидејќи за жал таму поради руската агресија е целосно уништен електроенергетскиот систем на државата. Сето ова ќе влијае во насока на зголемување на цените на електричната енергија на берзите, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по поставувањето камен-темелник на новото основно училиште „Крсте Мисирков“ во скопската населба Ченто.

Скопје - Шокантно е тоа што успеав да го прочитам и ако е навистина така, мислам дека државниот јавен обвинител треба да излезе пред јавноста и да ја објасни вистината, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски во врска со обвинувањата на обвинителите од вишото Јавно обвинителство дека државниот обвинител Љупчо Коцевски им вршел притисок во еден судски предмет.

Според премиерот, има многу работи за кои ЈО треба да даде одговор.

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска се сретнал со амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер.

На средбата, како што информираа од МНРНТ, било изразено заемно задоволство од развојот на одличните билатерални односи меѓу двете земји, кои се одликуваат со редовен политички дијалог и интензивна размена на посети на високо ниво во изминатиот период.

Скопје - Претседателката на Врховниот суд на Република Северна Македонија, Беса Адеми и министерот за правда, Игор Филков, остварија протоколарна средба.

На средбата, како што соопшти Врховниот суд, се дискутирало за повеќе прашања од областа на правосудството, со посебен акцент на спроведувањето на реформскиот процес, примената на законите и подзаконските акти и потребата од измени на нормативните решенија во согласност со заложбите за унапредување на правосудниот систем.

Скопје – Истрагата за запаленото возило „цитроен“ ги однело до пик-ап возилото „кангу“ и Политичката партија „Десна“, на Љупчо Палевски, изјави началник на единица за насилен криминал во СВР Скопје, кој сведочеше на денешното рочиште за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, во Основниот кривичен суд Скопје. 

Сведокот Дејан Димовски, кој во тоа време работел како началник на единица за насилен криминал во СВР Скопје, рече дека барале налог за претрес, но бидејќи се работи за политичка партија, доста доцна влегле. 

Скопје - Комисијата за етички и правни прашања при Лекарската комора нема законски ингеренции да ја преиспитува работата на Комисијата за стручен надзор формирана од страна на Министерството за здравство, ниту самоиницијативно да утврдува мерки, особено затоа што не располага со медицинската документација врз основа на која извештајот е изготвен. Најголем дел од пропустите нотирани во извештајот се системски пропусти во овие здравствени установи, за кои Комората нема директна надлежност, но изразува голема загриженост, затоа што сериозно го засегаат работењето на здравствените установи и квалитетот на  здравствените услуги. Ова го соопшти денеска Лекарската комора на Северна Македонија за случајот со лекувањето и третманот на починатото дете Р.С.

Скопје - Управата за јавни приходи ги повикува даночните обврзници навреме да ги поднесат ДДВ-04 пријавите за изминатиот даночен период. Крајниот рок за поднесување е 25-ти октомври.

- Оваа обврска важи и за оние даночни обврзници кои во соодветниот период немаат реализирано оданочив промет, велат од УЈП.

Како што денеска соопштија од УЈП, до моментов поднесени се само 6.607 од очекуваните 40.975 ДДВ пријави, што укажува на значителен број обврзници кои сè уште не ја исполниле својата обврска.

Скопје - Приближно 100 килограми небезбедно месо и подготовки од месо нештетно уништија инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) во вторникот во Куманово, при спроведени вонредни надзори во ресторани, месарници и маркети.

За утврдените недоследности - продажба на замрзната чорба, ставање во промет на замрзнати подготвени подготовки од месо ( плескавици, ражнич), продажба на месо и подготовки од месо без декларација, како и за измината важност на санитарни книшки на вработени кај оператори со храна и непоседување на комплетна документација, изречени се мерки опомена и парични казни во висина од 100 до 1000 евра во денарска противвредност, зависно од тежината на прекршокот и големината на операторот со храна.

Вевчани - Општина Вевчани повторно се пласира во групата на 100 најуспешни дестинации во светот во конкуренција од над 200 апликанти, кои развиваат и практикуваат одржлив туризам на повисоко ниво.

Годинава, како што појасни градоначалникот Спасе Кочовски, се разгледувале 15 критериуми, а во следната фаза ќе бидат земени во предвид уште 15 нови, за искачување на повисоко ниво.

Струмица - „Струмица безбеден град“, нова населба во „Турско маало“ трета фаза и реконструкција на Домот на култура во населеното место Банско, се трите приоритетни проектни иницијативи кои добија најмногу бодови од учесниците на годинашниот Буџетски форум во Општина Струмица, кој синоќа заврши со одржувањето на втората сесија во просториите на Младинскиот центар.

Виница - Општина Виница го почна проектот за изградба и реконструкција на поголем број улици во градот и населените места во општината, за што ќе инвестира 45 милиони денари што ги обезбеди од сопствениот буџет.

Од Општината истакнуваат дека се работи за рекордна инвестиција со која значително ќе се подобри сообраќајната инфраструктура и ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот.

Дебар - Во посета на Бигорскиот манастир беше Неговото Преосвештенство Епископ Липљански г. Доситеј, викар на Патријархот српски г. г. Порфириј.

- Во отсуство на Старецот на Обителта, преосвештениот епископ Антаниски г. Партениј, со негов благослов, ценетиот архиереј и неговата придружба беа достоинствено пречекани од манастирскиот економ Архимандрит Доситеј и од присутните браќа во Манастирот, информираа од Бигорскиот манастир.

Скопје - За време на викендот нè очекува променливо облачно време. Утре ќе има услови за слаб локален дожд, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи. Во недела утринските температури ќе се движат во интервал од -1 до 9 степени, а дневната ќе достигне до 23 степени.

Струмица - Вечер во Струмица, во Центарот за култура „Антон Панов“, ќе биде отворена изложбата на графики од Трајче Блажевски на која авторот ќе се претстави со триесетина уметнички дела - графики изработени во периодот 2017-2024 година.

-Да се патува по 45-годишната творечка траекторија на д-р Трајче Блажевски претставува деликатна и многу сложена авантура. Неговата обемна био-библиографија на извесен начин, сама по себе, априори претставува доволна индикација дека станува збор за еден од најактивните и најзначајни македонски графичари кој повеќе се презентирал на интернационалната отколку на домашната ликовна сцена, ќе напише ликовната критичарка Конча Пиркоска во каталогот за изложбата на Блажевски.

Сараево - Католичкиот училишен центар Свети Павле во Зеница беше евакуиран откако управата на училиштето добила закана за поставена бомба, со што се прошири оваа појава надвор од главниот град на БиХ, Сараево.

Портпаролот на МВР на Зеничко-добојскиот кантон, Самир Валентиќ, потврди дека информацијата за поставена бомба пристигнала нешто после осум часот.

Белград - Четири лица се повредени во експлозијата што се случи утринава во фабриката на наменската индустрија „Слобода“ во Чачак, во артилерискиот погон, јави дописникот на МИА од Белград.

Едно лице е тешко повредено и е згрижено во болницата во Чачак, а три други лица се здобиле со полесни повреди. Од болницата во Чачак соопштија дека на итна помош е примен 36-годишен маж со изгореници на лицето и вратот и повреда на десната рака и дека е сместен на одделението за интензивна нега.

Белград- Производителот на „Бакина тајна“ денеска ги извести потрошувачите дека од српскиот пазар повлекува две серии на благ ајвар од 550 грама, јави дописникот на МИА од Белград.

-Бакина Тајна Ајвар 550 гр благ, серија 6610290724, со рок на употреба до 29.07.2026 година и Бакина Тајна ајвар 550 гр благ, серија 6610300724, со рок на употреба до 30.07.2026 година, се повлекува од продажба поради можност за присуство на туѓо тело, кои на пазарот ги пласира компанијата Atlantic Brands d.o.o., се наведува во соопштенеито објавено на нивната веб-страница.

Љубљана - Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, во интервју за 24ur по седницата на Советот на ЕЦБ истакна дека Словенија може да биде пример за економска стабилност и иновативност.

- Словенија, иако мала, се истакнува како пример за успешна економска политика во еврозоната. Нејзиниот глас се слуша на европската сцена и брзо се прилагодува на глобалните промени, што ѝ овозможува конкурентност во динамичната европска економија, рече Лагард.

Таа го изрази своето задоволство од напредокот во намалувањето на инфлацијата и посочи дека целта е стабилна инфлација од 2 отсто.

Вашингтон - Американскиот министер за одбрана, Лојд Остин, по веста дека Израел го убил лидерот на Хамас, Јахја Синвар, изјави дека неговата смрт е извонредна можност за воспоставување траен прекин на огнот во Газа.

- Смртта на Синвар е извонредна можност за воспоставување траен прекин на огнот и крај на овој страшен војна, рече Остин, додавајќи дека тоа исто така овозможува итна хуманитарна помош за луѓето во Газа.

Киев - Шефот на украинската Главна управа за разузнавање, Кирило Буданов, потврди дека околу 11.000 севернокорејски војници во моментов се на обука на истокот на Русија.

Според него, тие ќе бидат подготвени да учествуваат во воените дејствија против Украина од 1 ноември.

Шефот на ГУР напомена и дека овие војници треба да бидат подготвени за борба со употреба на руска опрема и муниција.

Кишињев - Граѓаните на Молдавија ќе гласаат в недела на претседателските избори и на референдум за ЕУ, што доаѓа во клучен момент на конфликтот меѓу Русија и Западот за иднината на оваа сиромашна земја на југоистокот од Европа, која има помалку од три милиони жители.

Додека војната во Украина беснее, Молдавија го забрза своето настојување да се оддалечи од орбитата на Москва и започна долг процес на пристапување кон ЕУ, наведуваат локалните медиуми.

Берлин - Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок ја потврди посветеноста на нејзината земја да ја поддржи Молдавија на нејзиниот пат кон членство во Европската унија, јави ДПА.

Молдавија се подготвува за претседателски избори и референдум за членство во ЕУ в недела.

-Народот на Молдавија одлучува за својата иднина. Убедена сум дека оваа иднина е навистина во Европа, рече Бербок.

Москва - Руската агенција за безбедност на храна одби да даде дозвола за увоз на овошје и зеленчук од Казахстан, а аналитичарите велат дека вистинската причина е одбивањето на властите во земјата да се приклучат на БРИКС.

Иако агенцијата соопшти дека одлуката е донесена поради „одбивањето на релевантните власти од Казахстан да обезбедат фитосанитарна безбедност“, овој потег е направен само неколку дена откако властите во Астана одбија да се приклучат на БРИКС.

Бејрут - Либанскиот премиер Наџиб Микати денеска изјави дека го отфрла иранското мешање во либанските работи, откако претседателот на иранскиот парламент Мохамад Бејкер Галибаф изјави дека Техеран е подготвен да преговара со Франција за спроведување на резолуцијата на ОН поврзана со јужен Либан.

Резолуцијата 1701 на ОН, усвоена во 2006 година, повикува граничната област на јужен Либан да биде ослободена од оружје или трупи различни од оние на либанската држава, со цел да се зачува мирот на границата со Израел.

Ријад - Во сабота од 18 часот последен пат ќе гледаме натпревар помеѓу Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал. Одиграа 60 официјални натпревари, Новак води со 31-29, а сега ќе се сретнат на егзибициски дуел во Ријад, во меч за третото место, откако и двајцата загубија во полуфиналето.

Ѓоковиќ одигра драматичен меч со Синер, но четврти пат во низа загуби од Италијанецот - сега со 6:2, 6:7, 6:4.

Во второто полуфинале Карлос Алкараз го победи својот модел Надал со 6:3, 6:3. 
По ова, на Надал му останува уште еден турнир во кариерата – Дејвис купот со Шпанија во ноември.

Тагови

Остани поврзан