• сабота, 21 декември 2024
МИА Радио флеш

19 ноември 2024

Штип - Министерството за образование и наука досега има направено ревизија на 15 институти, а во моментов се прави ревизија на уште пет, информира денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска при посетата на Гимназијата „Славчо Стојменски“ во Штип.

-Има дополнително два, за кои деновиве треба да заврши процедурата, и да бидат затворени. На десетина институти им дадовме рок од три месеци да ги поправат нерегуларностите, коишто се најдени. Но, според извештаите кои ги читав многу малку од нив ќе можат да го направат тоа. За жал морам да кажам дека веројатно следи затварање и на поголем број на институти, кои се нефукционални, не го почитуваат законот, односно не ги исполнуваат условите, изјави Јаневска.

Скопје - Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и WOBA (Women on Boards Adria) потпишаа Меморандум за соработка, со кој се потврдува посветеноста за јакнење на улогата на жените во раководните позиции и создавање инклузивно општество.

И покрај тоа што жените сочинуваат половина од населението во Македонија, нивното учество на лидерски позиции останува предизвик. Овој меморандум е важен чекор кон подобрување на родовата рамнотежа и унапредување на можностите за жените, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Штип - Во буџетот за 2025 година има околу 30 милиони евра или 18 отсто повеќе средства за студентскиот стандард во споредба со оваа година, соопшти денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска при посетата на штипската Гимназија „Славчо Стојменски“. Забележа дека нема дилема за покачување на оваа ставка во буџетот и планирано е зголемувањето на средствата за студентскиот оброк.

-Но, се уште разговараме со студентите, затоа што тие имаат некоја поинаква идеја. Сметаат дека за 140 денари можат да добијат во одредени маркети, одредени ресторани комплетен оброк, а дека би можело да се прошири опсегот, на пример и студенти кои работат „парт тајм“, а се уште непостигнале одредена сума на средства би можеле и тие. Значи до крајот на годината, тоа ние ќе го дефинираме и веднаш ќе се знае во јануари, дали ќе добијат 160 денари студентски оброк или ќе биде проширен опсегот, изјави Јаневска.

Скопје - Независноста на Народната банка е клучна за задржувањето на високиот кредибилитет којшто го ужива во јавноста, како и за спроведувањето на политиките за одржување на ценовната и финансиската стабилност. Народната банка постојано се стреми кон сè повисоко ниво на транспарентност во сите сегменти од своето работење, со цел да ја задржи високата доверба. Ова, како што информираат од Народната банка, било посочено на средбата помеѓу гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и Михалис Рокас, амбасадорот на Европската Унија во земјава, при што беше нагласено дека монетарната политика е високо усогласена со европската регулатива, што е наведено и во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјата.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска истакнала дека централната банка и натаму води претпазлива монетарна политика со цел да се осигури ценовната стабилност. Народната банка дополнително ќе ја зајакнува и отпорноста на банкарскиот систем преку мерки и регулаторни барања и ќе ги унапредува сопствените институционални капацитети за подобро справување со светските трендови и предизвици.

Вашингтон - Претседателот на САД Џо Бајден објави синоќа за „историска“ обврска за доделување четири милијарди долари во фондот на Светската банка за помош на најсиромашните земји во светот.

Трансферот се случува на два месеци пред Доналд Трамп да ја преземе функцијата кој со себе носи политики за екстремно намалување на буџетот на САД.

Москва - Рускиот претседател Владимир Путин потпиша декрет со кој нуклеарното оружје останува последната линија на одбраната.Во новата уредба „Основи на геополитиката во областа на нуклеарното задржување“ се прецизирани параметрите под кои може да се користи ова оружје, пренесоа руските медиуми.

„Државната политика во областа на нуклеарното ограничување е од одбранбена природа, насочена кон одржување на потенцијалот на нуклеарните сили на ниво доволно за да се обезбеди нуклеарно ограничување и да се гарантира заштитата на суверенитетот и територијалниот интегритет на државата“, се наведува во документот.

Њујорк - Три лица се убиени во напад со нож на Менхетен, а полицијата уапсила осомничен кој, според властите, ги извршил нападите без очигледна причина.

Рамон Ривера, 51-годишен бездомник, вчера е обвинет за три убиства, соопшти њујоршката полиција, пренесува Еј-Би-Си Њуз. Првата жртва, 36-годишниот Анхел Лата Ленди, бил убиен околу осум часот наутро додека работел на градилиште. Два часа подоцна, 68-годишен маж  починал од повеќе убоди. Идентитетот на втората жртва не е соопштен. Третата жртва, 36-годишна жена, имала повеќе убодни рани во градите и раката и била пренесена во болница, каде подоцна починала.

Каиро - Египетскиот министер за надворешни работи, Бадер Абделати, го повика следниот новоизбран претседател на САД Доналд Трамп, меѓу неговите приоритети да го стави завршувањето на конфликтите во Појасот Газа и Либан и ја истакна потребата за „брз план“ со ОН за да почне обновата на палестинската енклава.

Во интервју за „Нешнел“ (The National), дипломатот ветеран изјави дека палестинската власт треба да управува со Газа и го потврди ставот дека Каиро нема да толерира израелско присуство во коридорот Филаделфија.

Бејрут - Американскиот посредник за Блискиот Исток Амос Хохштајн рано утрово пристигна во Бејрут во обид да го финализира договорот за прекин на огнот што ќе стави крај на тековната војна меѓу Израел и Хезболах, изјави владин извор, пренесе ДПА.

Според изворот, американскиот дипломат околу пладне треба да се сретне со претседателот на Претставничкиот дом Набих Бери, кој го претставува Хезболах во преговорите.

Приштина - Германскиот амбасадор во Косово, Јорн Роде објави дека, во согласност со германските закони, политичките партии од Косово веќе немаат право да водат изборна кампања на германска територија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во објава на својата страница на „Х“, Роде ги пренесе  одредбите од специфичен правилник, според кој, германските власти не даваат дозвола политички партии од друга држава да одржуваат митинзи на германска територија во периодот од три месеци од датумот на изборите.

Белград - Републички опозициски и покраински пратеници, заедно со опозициските градски советници, утринава пред осум часот почнаа да ја блокираат зградата во која се наоѓаат судот и обвинителството во Нови Сад, со цел да побараат ослободување на политичарите и активистите кои беа затворени за време и по протестот за паѓањето на настрешница во Нови Сад, јави дописникот на МИА од Белград.

Пред судот е полицијата во опрема за разбивање демонстрации, со штитови и шлемови, и има туркање меѓу насобраните и полицајците на влезот во зградата каде што се наоѓаат судот и обвинителството. Пред зградата се легитимираат луѓето и се пуштаат само вработените. На вработените кои бараат да им се дозволи да работат, пратениците им велат дека не сакаат, бидејќи не си ја вршат работата и не ги апсат одговорните.

Брисел - Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денеска изјави дека прекинот на двата оптички комуникациски кабли под Балтичкото Море е резултат на саботажа.

- Никој не верува дека овие кабли се исечени случајно, рече Писториус во Брисел, додавајќи дека се чини дека станува збор за саботажа, иако засега нема докази.

Брисел - Шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ на вчерашното заседание на Советот за надворешни работи (ФАК) со Брисел не постигнаа консензус околу предлогот на високиот претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел за прекин на политичкиот дијалог меѓу блокот и Израел во рамки на Договорот за асоцијација. 

На средбата Борел на министрите им ја презентираше ажурираната правната оценка за почитувањето на човековите права и меѓународното право од страна на Израел, по што, како што соопшти Европскиот совет се дебатираше за предлогот на високиот претставник за прекине политичкиот дијалог со Израел. 

Киев - Бројот на загинати во вчерашниот руски напад на пристаништето Одеса, на југот на Украина, се искачи на најмалку 10 загинати и 43 ранети, соопштија украинските спасувачки служби.

Регионалниот гувернер Олег Кипер изјави дека меѓу загинатите има седум полицајци, еден член на медицински персонал и двајца граѓани.

Брисел - Најдобро е земјите кои обезбедуваат оружје за Украина да не поставуваат ограничувања за тоа како силите на Киев можат да го користат, изјави генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, при пристигнувањето на состанокот на министрите за одбрана на ЕУ во Брисел.

„Секој сојузник донесува одлуки за ова прашање независно“, додаде тој.

Остани поврзан