• недела, 22 декември 2024

Шекеринска: Ќе ми биде привилегија да служам како заменик генерален секретар на НАТО под раководството на Руте

Шекеринска: Ќе ми биде привилегија да служам како заменик генерален секретар на НАТО под раководството на Руте

Скопје, 19 ноември 2024 (МИА) - Поранешната министерка за одбрана Радмила Шекеринска денеска на социјалната платформа Х напиша дека ќе и биде привилегија да служи како заменик генерален секретар на НАТО под раководството на генералниот секретар на НАТО Марк Руте.

- Ќе ми биде привилегија да служам како заменик генерален секретар на НАТО под раководството на Руте. Посветена сум на работата со сите сојузници кон уште посилна и побезбедна Алијанса, напиша Шекеринска.

Воената алијанса денеска објави дека поранешната македонска министерка за одбрана Радмила Шекеринска ќе стане нов заменик генерален секретар на НАТО.

- Среќен сум што можам да го објавам именувањето на Радмила Шекеринска за следен заменик генерален секретар. Таа вистински верува во НАТО, знае каква работа е потребна за приклучување во НАТО и што значи да се биде полноправна членка. Со нетрпение очекувам да работам со неа штом ја презема оваа витална улога, наведе Руте во соопштението објавено на веб страницата на Алијансата.

Честитки до Шекеринска упати американската амбасадорка Ангела Агелер, која на социјалните мрежи истакна дека назначувањето на Шекеринска на оваа позиција е вистински доказ за нејзината експертиза и искуство. И бугарскиот претседател Румен Радев и честиташе на Шекеринска порачувајќи дека очекува нејзиното назначување да придонесе кон зајакнувањето на колективната безбедност и сигурност на Алијансата. Честитка упати и албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Игли Хасани, кој во својата објава на социјалните мрежи напиша дека посакува соработка во зајакнувањето на заедничката посветеност на мирот и стабилноста.

И Советот на Амбасадори на Република Северна Македонија денеска го поздрави именувањето на Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО. Од Советот соопштија оти веруваат дека таа успешно ќе ги извршува задачите и ќе придонесе кон зајакнување на Алијансата, преку работа на унапредување на единственото на овој најсилен одбранбен сојуз во светот.

Со ова назначување, Шекеринска стана највисокиот функционер во Алијансата досега што доаѓа од регионот на Западен Балкан, но и од земја надвор од Европската Унија.

Таа беше министерка за одбрана од 2017 до 2022 година и одигра важна улога во процесот на пристапување на земјава во НАТО во 2020 година.

Министерството за одбрана беше нејзината последна функција во Владата предводена од СДСМ. Шекеринска сега е потпретседател на Партијата на европските социјалисти. Таа се повлече од македонската политичка сцена, во декември 2021 година, откако СДСМ ги изгуби локалните избори.

Шекеринска треба да ја преземе функцијата заменик генерален секретар на НАТО до крајот на годинава. бт/бак/

Фото: МИА Архива, принтскрин

 

 

 

 



Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан