• недела, 22 декември 2024

Северна Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана (ДПЛ) 

Северна Македонија и ЕУ потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана (ДПЛ) 

Брисел, 19 ноември 2024 (МИА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска во Брисел потпишаа Договор за партнерство за безбедност и одбрана меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија.   

На церемонијата на потпишувањето на Договорот, Муцунски нагласи дека тој претставува историска пресвртница во односите меѓу земјава и Европската Унија. 

- Со гордост можам да објавам дека ние сме првата земја од Западниот Балкан што потпиша партнерство за безбедност и одбрана. Тоа е нашата нова робусна рамка за дијалог и соработка за критичните прашања за безбедноста и концептот ова партнерство ја симболизира нашата заедничка посветеност за одржување на мирот, стабилност и безбедност во нашиот регион и пошироко, истакна Муцунски. 

Според него, ова партнерство ги нагласува силните врски меѓу нашата земја и Европската унија, изградена врз заеднички вредности на доверба и заедничка визија за побезбедна и попросперитетна иднина. 

- Со овој договор, заедно со Европската Унија, ќе работиме рака под рака за да одговориме на современите безбедносни предизвици, вклучително и кибер заканите, хибридната војна и отпорноста на критичната инфраструктура, рече Муцунски. 

Според него, со зајакнување на соработката со ЕУ, земјава има за цел да ги заштити своите граѓани, да ја зајакне националната безбедност и да придонесе за колективната одбрана на Европа. 

- Ова партнерство, исто така, ја одразува нашата континуирана усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и нашите чекори кон европската интеграција. Тоа го нагласува напредокот што го постигнавме како држава во зајакнувањето на демократските институции, модернизацијата на нашите одбранбени капацитети и покажаната подготвеност да ги поддржиме регионалните и глобалните безбедносни напори, рече Муцунски. 

Тој изрази благодарност до Европската унија за искажаната доверба и посветеност на ова партнерство, потенцирајќи дека е тоа заеднички важен чекор кон посилна и пообединета Европа подготвена да одговори на предизвиците на нашето време. 

- Како министер за надворешни работи дозволете ми да ја потврдам посветеноста на мојата држава за продлабочување на ова партнерство и унапредување на нашите заеднички цели за мир, безбедност и соработка, додаде Муцунски. 

Борел, од своја страна, пак истакна дека ова партнерство означува пресвртница во стратешката соработка на ЕУ не само со Северна Македонија, туку и со целиот Западен Балкан. 

- Ова не е само декор, туку опиплив чекор напред кон побезбедна и поинтегрирана Европа, а овие денови знаеме што значи побезбедна Европа. Овој договор ја нагласува нашата заедничка посветеност за унапредување на соработката и придвижување на вратите за постепена интеграција на Северна Македонија дури и пред полноправното членство во Европската Унија. Тоа го нарекуваме чекор по чекор постепена интеграција, рече Борел. 

Тој потсети дека земјава е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што, како што оцени, претставува силна демонстрација на посветеноста на заедничките вредности и заедничката европска иднина, како и дека дава свој континуиран придонес во мисиите и операциите на Унијата, како АЛТЕА, што претставува јасен сигнал за ангажман со Европската Унија во областа на безбедноста и одбраната. 

Борел нагласи дека при неговата последна посета на Скопје имал чест да се сретне со македонските храбри војници кои служат во мисиите на Европската Унија ширум светот. 

- Искрено го цениме значењето на вашиот придонес. ЕУ оддава признание на вашата соработка со обезбедувањето ресурси преку Европскиот мировен механизам со цел подобра опременост на вашите вооружени сили. Цврсто ја нагласувам посветеноста на Европската Унија да продолжи да го поддржува Западниот Балкан во областа на заедничката надворешна и безбедносна политика и да и дава дополнителна поддршка на Северна Македонија да чекори напред кон Европската Унија, додаде Борел.  

Договорот за партнерство меѓу земјава и ЕУ ќе придонесе за зајакнување на отпорноста и ќе овозможи заедничко справување со безбедносните предизвици, како хибридните закани, зајакнување на кибер безбедноста, борбата против тероризмот и надворешните аспекти на интегрирано гранично управување, спроведување на мисии и операции и поефикасна соработка во други области од сферата на безбедноста и одбраната. Партнерството воедно претставува значаен чекор во продлабочувањето на практичната соработка меѓу земјава и Европската Унија. 

- Партнерството воспоставува платформа за зајакнат дијалог и соработка за безбедносни и одбранбени прашања, што ја одразува решеноста на двете страни да работат заедно за да се справат со заедничките безбедносни предизвици во сè посложена глобална средина, соопшти Европската служба за надворешни работи. 

Во соопштението се посочува дека актуелната неиспровоцирана и неоправдана агресивна војна на Русија против Украина ја истакнува критичната важност на единството и блиската соработка на ЕУ и со нејзините најблиски партнери.  

- Северна Македонија е кандидат за членство во Европската Унија и важен и почитуван партнер на ЕУ во областа на безбедноста и одбраната. Како таква, таа е исто така активна трета земја учесник во заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ, се додава во соопштението. 

Според ЕЕАС, потписот на Договорот за партнерството за безбедност и одбрана ќе биде од корист за граѓаните и на ЕУ и на земјава преку промовирање на мирот, стабилноста и безбедноста. 

- Областите за соработка во рамките на Партнерството за безбедност и одбрана редовно ќе се ревидираат за да се следи напредокот и да се осигури дека Партнерството ќе остане цврсто и најдобро се справува со предизвиците што се создаваат, посочува ЕЕАС. 

Во соопштението се потсетува и на одлуката на ЕУ од септември 2024 година за обезбедување поддршка од 13 милиони евра во рамките на Европскиот мировен фонд за Армијата на Република Северна Македонија, кој се оценува како важна пресвртница во заедничката безбедносна и одбранбена соработка.  

Оваа, заедно со одлуката на Унијата од март 2023 година за зајакнување на капацитетите на вооружените сили на земјава преку подобрување и надградба на опремата на нејзиниот лесен пешадиски баталјон, според ЕЕАС, ја одразуваат благодарноста на ЕУ за целосното усогласување на Северна Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, што е нејзин многу јасен стратешки избор за иднина во блокот. 

- ЕУ и Северна Македонија стојат обединети во нивната решеност да ја продлабочат соработката во решавањето на итните прашања поврзани со безбедноста и одбраната и да истражуваат нови патишта за заедничка акција. Ова партнерство претставува значаен чекор напред во нивната заедничка заложба за побезбедна и поотпорна Европа. 

Пред потпишувањето на Договорот, на прес-конференција по завршувањето на Советот за надворешни работи, Борел истакна оти овој документ е доказ дека ЕУ е повеќе од само економска унијата, туку и дека е политичка унија со одговорности во сите делови на политичкиот живот, вклучително и безбедноста и одбраната.  

- Без безбедност не е можно ништо да се прави. Затоа да работиме напорно со цел да осигураме дека Европејците ќе уживаат во безбедноста. Тоа е многу ретка ситуација во светот денес, бидејќи живееме во многу понебезбеден свет отколку пред пет години, нагласи Борел.  

Северна Македонија е прва земја од регионот на Западниот Балкан што воспоставува вакво партнерство со ЕУ. Во следниот период се очекува ЕУ ваков договор да потпише и со Албанија, откако претходно слични спогодби склучи и со Јапонија, Јужна Кореја, Канада, Норвешка и Молдавија, како инструменти што дополнително ја потврдуваат посветеноста на Унијата за јакнење на европската безбедносна архитектура. сп/бак/

Фото: Скриншот

Остани поврзан