
26 март 2025
Скопје - Тим од НАТО - Алијансата предводен од високиот политички експерт и известител за нашата држава Стјуарт Ендрјус денеска и утре ќе учествува на билатералните одбранбени разговори со Алијансата. Разговорите, како што информираат од Министерството за одбрана, се посветени на плановите за развој на одбранбените способности согласно НАТО целите на способности, вклучувајќи ги и одбранбените планови, финансиите и човечките ресурси во одбраната.
Тимот експерти од Министерството за одбрана, предводен од државниот секретар Елизабета Чуповска Ристова ќе информира за споделувањето на товарот кое ги вклучува и инвестициите во одбраната.
Скопје - Министерот за здравство Арбен Таравари денеска изјави дека во владината коалиција е се во ред, додека за односите во ВРЕДИ, од каде доаѓа тој, рече дека состојбата е релативно стабилна.
-Ова е ирелевантно за темата која што ја разговараме денеска, меѓукоалициски разговори, тоа се веќе политички теми. Јас мислам дека денеска повеќе сум фокусиран на темата здравство. Во Коалицијата ВЛЕН состојбата е релативно стабилна и во владината коалиција се е во ред, рече Таравари на прес конференција во Министерството за здравство.
Скопје - Дарко Стојанов е првиот пациент кој се врати од лекување од Белград, кој беше повреден во трагедијата во Кочани. Тој вчера беше пречекан од министерот за здравство Арбен Таравари, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и директорот на ЈЗУ Клиника за Токсикологија – Скопје, Андон Чибишев.
Чибишев вчера кажа дека вратениот пациент од Србија е во сосема подобрена општа клиничка состојба и оти ќе се направат уште неколку клинички иследувања за да бидат сигурни дека може да го пуштат дома.
Скопје - Во моментов во државата се лекуваат 23 пациенти кои беа повредени во пожарот во Кочани, повеќе од 20 се пуштени на домашно лекување. Во Клиничкиот центар се само четворица, двајца на Клиниката за пластична хирургија, двајца на Токсикологија, девет пациенти се во Градската болница „8 Септември“ од кои еден е за испис и во Систина се лекуваат четворица пациенти. Бројот на пациенти кои се лекуваат во странство сега е 113, информира денеска на прес-конференција министерот за здравство Арбен Травари.
Таравари кажа дека пациентите кои се сместени во Систина се во стабилна состојба и дека во наредните денови ќе информираат кога ќе бидат пуштени дома. Пациентите, пак, кои се лекуваат во странство почнуваат постепено да се враќаат дома.
Скопје - Претреси во домот, возилото и два угостителски објекти на сопственикот на дискотеката „Пулс“, како и во Државен пазарен инспекторат - Канцеларија Кочани, се извршени вчера во рамки на истрагата за трагичниот пожар во Кочани. Како што информира МВР, при претресите одземени се лап топ компјутери, повеќе мобилни уреди, документација и други предмети.
-На 25.03.2025 од страна на полициски службеници извршени се претреси во домот на Д.Ј., неговото возило „инсигниа“ и два угостителски објекти, како и во Државен пазарен инспекторат - Канцеларија Кочани. Во домот на Д.Ј. пронајдени и одземени се лап топ компјутери, повеќе мобилни уреди, документација и други предмети. Одредени предмети се одземени и од возилото и од угостителските објекти, а пронајдена и одземена е и финансиска документација, информираат од МВР.
Скопје - По спроведената анкета за задоволство на корисниците за 2024 година, средната оценка од задоволството на сите компании корисници на ТИРЗ изнесува 4.48 од максимум 5.00.
Како што информира денеска Дирекцијата за технолошко-индустриски зони (ТИРЗ), ова претставува позитивен тренд и раст во однос на 2023 година, кога просечната оценка изнесуваше 4.42, што укажува на континуирани подобрувања во квалитетот на услугите и поддршката што ја нуди Дирекцијата за ТИРЗ.
Скопје - Одлуката на Зоран Љутков, министер за култура и туризам да го назначи Мустафа Имери за директор на Македонската филхармонија е уште една потврда дека во оваа земја не се почитуваат законите, дека продолжуваат да се спроведуваат конкурси на нетранспарентен и незаконски начин и дека партиска книшка и договор се единствена валидна референца за добивање раководни позиции, реагираат од Синдикатот на Македонската филхармонија.
Љутков, додаваат оттаму, денеска донел политичка, наместо правно издржана одлука и наместо да го дисфалификува, тој решил на незаконски начин да го назначи за директор кандитатот кој на конкурсот не ги доставил сите потребни документи и со тоа ги прекршил условите припишани во Законот за култура и во самиот конкурс.
Белград - Министерот за надворешни работи на Србија, во технички мандат Марко Ѓуриќ денеска изјави дека Србија е безбедна земја, а Белград е безбеден град за странците без разлика на идеолошки, верски или други ставови, јави МИА од Белград.
Според него, сликите на немири и насилство на улиците и во институциите испраќаат вознемирувачка порака до светот и се опасни за имиџот на државата.
Ѓуриќ за белградски медиуми изјави дека Србија е во извесен вид политичка заложничка ситуација, во која дел од општеството се обидува да ја наметне својата политичка волја на остатокот од општеството, користејќи вонинституционални методи и преминувајќи ја границата на она што е вообичаена демократска практика.
Белград - Околу 20.000 наставници и не-наставен кадар во Србија се без плати или целосна исплата на плата за февруари поради протести и блокада на наставата. За две недели за солидарна поддршка за тие вработени, српски граѓани и компании уплатиле 76.290.000,00 динари на наменската сметка на Фондацијата „Алек Кавчиќ“, а во 2.166 исплати работниците во образованието добиле речиси 35 милиони динари, соопшти денеска фондацијата, јави МИА од Белград.
Според препораката на белградскиот средношколски форум, на вработените во образовниот систем на кои им се намалени платите за 25.000 и повеќе динари, ќе им бидат исплатени 18.700 динари од сметката на Фондацијата, а за намалувања помали од 25.000 динари ќе се исплаќаат 9.350 динари.
„Околу 20.000 наставници и ненаставниот кадар во образовните институции останаа без плати или не им беа исплатени целосните плати за февруари 2025 година. Се проценува дека треба заеднички да се соберат околу 100.000.000 динари помош за делумно да се намали разликата во неисплатените плати на наставниците“, велат од Фондацијата Алек.
Брисел - Иднината на Србија е во ЕУ, порачаа претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во објави на Икс по нивната синоќешна, како што оценија, „важна средба“ со српскиот претседател Александар Вучиќ во Брисел.
Кошта во својата објава наведе дека на работната вечера се разговарало за „потребата за унапредување на реформите поврзани со ЕУ“.
Белград - Потпретседателот на Владата на Република Србија во технички мандат, Александар Вулин изјави дека делегација на експерти од руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) ќе дојде наскоро во Србија за да утврди дали на протестот на 15 март во Белград било употребено звучно оружје, јави дописникот на МИА од Белград.
Вулин наведе дека мандатот на ФСБ е да утврди дали било користено звучно оружје, ако е така - на кој начин.
„Тоа оружје не беше употребено, но тие треба да ни кажат што се случило. Немаме што да криеме, нема причина да не му покажеме на целиот свет, и западните и источните разузнавачки служби, да дојдат, да се уверат и да ја завршат оваа приказна“, посочи Вулин.
Тирана - Албанскиот претседател Бајрам Бегај вчера пристигна во официјална посета на Австрија, на покана на неговиот австриски колега Александар Ван дер Белен.
Двајцата претседатели синоќа во Виена имаа тет-а-тет средба, по што им се придружија и нивните делегации.
Атина - Слогани против Турција, но и дека Кипар е грчки, извикувале студентите од грчката Академија за офицери во воената морнарица на вчерашната воена парада во Атина, нешто што според грчките медиуми предизвикало реакција од надлежните и се очекува да се покрене дисциплинска истрага, јави дописничката на МИА од Атина.
Видеото со извиците беше објавено на социјалните мрежи, а е снимено на атинска улица, откако студентите ја поминале официјалната ложа и парадираат пред граѓаните.
Брисел - Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер) денеска именуваше тринаесет судии во Општиот суд при Судот на правдата на Европската Унија.
Двајца од нив – Италијанецот Франческо Бестањо и Хрватката Тања Павелин се нови судии, додека Инга Реине и Петерис Зилгалвис од Летонија, Саулиус Лукас Каледа од Литванија, Тамара Перишин од Хрватска, Ерве Касањабер и Лорен Тришо од Франција, Давид Петрлик и Петра Шкварилова-Пелзл од Чешка и Улф Оберг од Шведска се реизбрани за нов мандат.
Москва - Русија денеска осуди 23 заробени украински војници за тероризам, а тоа судење Киев го нарече наместено и додаде дека е кршење на меѓународното право.
Меѓу обвинетите има 14 сегашни или поранешни борци од бригадата „Азов“, која Русија ја означи како терористичка група, како и девет жени и еден маж кои работеле како готвачи или помошен персонал, според руските медиуми и активисти за човекови права.
Копенхаген - Данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен денеска ја поздрави одлуката на САД да ја сменат планираната посета на Гренланд.
Данската премиерка Мете Фредериксен рече дека планираната посета на Уша Венс, сопругата на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, и нејзиното присуство на популарната трка со санки на Гренланд, претставува „неприфатлив притисок“ врз Гренланд.
Париз - Францускиот претседател Емануел Макрон ќе го прими украинскиот претседател Володимир Зеленски вечерва пред самитот на земји кои се подготвени да помогнат во гарантирањето на евентуалниот мировен договор меѓу Украина и Русија.
Франција и Велика Британија ја предводат иницијативата за формирање на таканаречена „коалиција на подготвените“, која би била составена од земји подготвени да обезбедат безбедносни гаранции во случај на прекин на огнот меѓу Русија и Украина.
Њујорк - Кредитната рејтинг агенција Мудис во својот најнов извештај предупредува на влошените финансиски изгледи за САД.
- Потенцијалното негативно влијание врз кредитниот рејтинг од постојано високите царини, нефинансираните намалувања на даноците и значителните ризици за економијата ги влошија изгледите дека значајните предности на САД ќе продолжат да го неутрализираат растечкиот буџетски дефицит, наведува Мудис.
Токио - Палестинци повредени во судирите во Појасот Газа денеска пристигнуваат во Јапонија на лекување, објави јапонскиот министер за одбрана, Ген Накатани.
Ова е прво пристигнување на ранети Палестинци во Јапонија од почетокот на големите израелски напади врз енклавата во октомври 2023 година, пишуваат јапонските медииуми.
Вашингтон - Компанијата „Боинг“ денеска соопшти дека го зголемила производството на клучната компонента за ракетата-пресретнувач на одбранбениот ракетен систем „Патриот“ за да ја задоволи зголемената побарувачка од САД и нивните сојузници.
Осумнаесет земји, вклучително и Украина, ги користат тие пресретнувачи ПАЦ-3, кои се покажаа ефикасни против заканите од руските хиперсонични ракети „Кинжал“.
Рамала - Палестинското движење Фатах, кое управува со окупираниот Западен Брег, го повика денеска својот ривал, милитантната група Хамас, да ја предаде власта во Појасот Газа.
Портпаролот на Фатах во Газа, Мунтер ал-Хајек, го повика Хамас да се откаже од власта, велејќи дека нивното владеење во енклавата го загрозува палестинското прашање.
Копенхаген - Данска ќе воведе задолжителен воен рок за жените една година порано од првично планираното - од 1 јули 2025 година, потврди министерот за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
Досега жените во данската армија можеа да учествуваат само на доброволна основа, додека мажите се обврзани да служат доколку се извлечени преку еден вид лотариски систем, што се користи во случај на недостиг на волонтери.