• понеделник, 14 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

МИА Општински пул

МИА Општински пул

28 март 2025

Валандово/Босилово - Општините Валандово и Босилово ги повикуваат граѓаните кои претрпеле штети на своите земјоделски посеви од голомразицата, која го зафати атарите на двете општини на 18,19 и 20 март, дека можат да поднесат барање за претрпена штета.

Како штои се наведува во двете соопштенија штетата се однесува на овоштарници и на градинарски култури, а граѓаните со потребни документи можат да пријават во седиштата на општините, односно до општинските комисии за проценка на штети од елементарни и други непогоди.

За да ја пријават штетата земјоделците треба да поднесат важечки имотен лист, лична карта и трансакциска сметка и тоа треба да го направат најдоцна до 1 април.

Следната недела се очекува комисиите за проценка на штетите да излезат на терен и да ја утврдат фактичката состојба.

Крива Паланка - Извештајот од испитаните примероци на водата во Крива Река земени еден ден по хаваријата во рудникот „Тораница“ покажува дека концентрацијата на олово е зголемена за десет пати повеќе од дозволеното, а за неколку стотици пати на цијанид, фосфор и азот,  информираше денеска градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски. Тој најави дека општината ќе бара кривична одговорност за загадувањето по повеќе основи, истакнувајќи дека ќе ги преземе сите активности во нејзина надлежност за што побрза санација од хаваријата, а ќе побара помош и од централната власт.

Митовски на прес-конференција презентираше извештај на акредитираната лабораторија „Технолаб“ од Скопје од земени примероци од водата во Крива Река, според кој, како што рече, водата еден ден по хаваријата во рудникот Тораница е сериозо загадена и претставува опасност за животот и здравјето на луѓето.

Штип - Советниците на денешната седница на Советот на Општина Штип одлучија од буџетот да се донираат еден милион денари на настраданите од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Советниците одлуката ја донеса едногласно, а средствата ќе се уплатат на донаторската сметка на Црвен Крст. Седницата започна со едноминутен молк во чест на настраданите од пожарот.

Градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов изјави дека заеднички институциите треба да работат во вакви моменти со цел да се надминат проблемите и да се реши случлајот конкретно со таканаречаната дискотека на смртта.

Куманово - Вонредниот инспекциски надзор извршен во училиштата во Куманово по трагедијата во Кочани, покажал дека училиштата ги исполнуваат пропишаните услови согласно, Законот за заштита и спасување. И претходно се вршеле контроли низ училишните објекти. Во општината има 21 правен субјект и вкупно 49 училишни објекти.

-Направен е и вонреден инспекциски надзор и констатирано е дека основните и средни училишта на територијата на Општина Куманово ги исполнуваат условите. Секое училишта има правилник за заштита од пожари и експлозии, правила за елементарни непогоди, има интерни акти како акциски план за евакуација. Во тек се симулација на вежби за евакуација кои училиштата ги спроведуваат во соработка со Отсекот за превенција при СВР Куманово, изјави раководителот на Секторот за образование во општина Куманово, Александар Јовановиќ.

Неготино - „Да се соочиме со предизвиците и стигматизацијата", е насловена тркалезната маса што денеска се реализира во Неготино,  посветена на семејства и организации на лица со попреченост, наспроти социјалните работници и институции од социјалната заштита. Тркалезната маса е настан во рамки на истоимениот проект, на Цивика мобилитас, што е финансиран од Владата на Швајцарија, а го спроведуваат Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), НИРАС од Данска и ФЦГ Шведска.

-Во рамки на овој проект, отпочнавме дебата во Вардарскиот плански регион, но и во целото наше општество, ги соочуваме проблемите и предизвиците на лицата со попреченост од една страна со медицинската фела, социјалните работници и други општествени чинители од друга страна, особено во процесот на прифат и третман на лицата со попреченост во медицинските установи и други институционални установи во нашето општество. Во нашето општество веќе ги отворивме темите кои за некои граѓани и институции се едно големо табу, но за значен број наши сограѓани и организации се вистински предизвик да се справат со проблемите и пречките на животниот пат во секојдневието на своето работење и живеење, истакнаа организаторите на настанот.

Дебар – Надминат е проблемот, со кој на Македонците од Мала Преспа, со албански лични карти, им се попречуваше влез на македонска територија на граничниот премин Стење-Горица, кај Ресен.

-По три дена, од денеска протокот на патници на овој граничен премин се одвива нормално, без никаков проблем, како што беше претходно. Голема благодарност до македонските власти кои ги прифатија нашите реакции, кои беа во интерес на Македонците, кои секојдневно влегуваат во Македонија и се враќаат назад, како сезонски работници, во ресенскиот регион, од што и обезбедуваат егзистениција за своите семејства, изјави за МИА, Васил Стерјовски, претседател на Македонска алијанса за европска интеграција.

Скопје - Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски денеска во изјава за медиумите информира дека во неговата општина само една зграда е онака како што бара законот. Соопшти дека два ноќни клубови одбиваат да соработуваат со инспекторите.

-Морам да кажам дека овој пат одѕивот е многу голем. Досега се отповикале 330 влезови на згради. Општина Карпош има 820 згради и околу 1500 влезови. Досега одговориле 330 и уште 259 се јавиле на нашите телефони за дополнителни инструкции. Има 41 противпожарен апарат. Во 18 станови има исто така противпожарни апарати, има апарати за СО2 за гасење на пожар од електрична инсталација, има еден специјален систем за гасење пожари и панични светла итн. Само една зграда во Карпош е онака како што треба, како што бара законот, а тоа е зградата на Адора. За жал, за другите не можеме истото да го кажеме, рече Јакимовски.

Градоначалникот на Карпош соопшти дека оваа иста акција ја направиле и во 2022 година, каде од 1500 влезови, тогаш одговориле само 150, односно 10 отсто.

Струга - Значително намалување на несаканите ефекти од традиционалната хемодијализа и поквалитетен третман добија пациентите со бубрежна инсуфициенција во Специјалната болница за нефрологија во Струга со набавката на трите нови апарати за хемодијафилтрација, истакна директорот на Болницата, Јетмир Зиба.

Хемодијафилтрацијата, појасни тој, обезбедува поцелосно отстранување на токсините, подобрување на хемодинамичката стабилност, помалку несакани ефекти, подобра заштита на кардиоваскуларниот систем и намалување на хроничното воспаление.

- Овој голем напредок во нефролошките услуги на болницата е доказ за нашата посветеност да обезбедиме модерни и ефикасни третмани за пациентите во Северна Македонија. Благодарение на оваа донација, заедно со целосно реновираниот објект за „холидеј дијализа“, пациентите во нашата болница ќе имаат можност да добијат поквалитетен и побезбеден третман, со што ќе се зголеми нивниот животен век и благосостојба. Оваа инвестиција во модерна технологија претставува значаен чекор кон подобрување на јавното здравство и третманот на бубрежните заболувања, рече Зиба.

Скопје -  Управата за финансиска полиција во допис до медиумите демантира дека не постапувала по пријавите на вработени од приватната болница Оне хоспитал-Тетово, а како постапка наведува тоа што пријавата до нив доставиле допис до Трудов инспекторат.

Кај нив на електронска пошта на 1 јули 2024 година доставени биле три претставки, во кои е наведенодека Општата Болница „ОНЕ ХОСПИТАЛ“– Тетово, нема исплатено парични средства по основ на личен доход за месец 12/2023, 01/2024, 02/2024, 03/2024, 04/2024, регрес за годишен одмор, К-15 и додаток за ноќен труд, како и дека надоместокот по основ на дежурство од месец август 2023 година воопшто не се исплаќа.

Во истите претставки било наведено дека не се исплатени парични средства за прекувремена работа и дека на вработените не им е овозможено целосно користење на деновите од годишен одмор.

Скопје - Јавниот превоз ќе сообраќа по неделен возен ред за време на продолжениот викенд поради верскиот празник Рамазан Бајрам, соопшти денеска ЈСП „Скопје“.

Билетарниците и центрите за персонализација утре ќе работат со вообичаено работно време. В недела дежурни ќе бидат билетарниците и центрите за персонализација кај Транспортен центар и кај Зелен пазар. 

В понеделник дежурни ќе бидат билетарниците и центрите за персонализација кај Транспортен центар, Зелен пазар, Автокоманда (Дирекција на ЈСП „Скопје“) и во Ѓорче Петров.

Скопје - Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, заедно со амбасадорот на Франција, Кристоф ле Риголер, дипломатски претставници од Република Грција, Кралство Белгија, Канада, Република Романија, Република Бугарија и Швајцарија, ученици, наставници и гости, го одбележаа месецот на Франкофонијата преку настанот „Ден на франкофонските култури“, кој се одржа во ООУ „Киро Глигоров“.

Преку интерактивни штандови, учениците од неколку основни училишта ја доближија културната разновидност на франкофонските земји, покажувајќи дека јазикот и културата се мостови што нѐ поврзуваат. Овој настан е доказ за посветеноста на Општина Центар кон образованието и меѓународната соработка.

Остани поврзан