• четврток, 04 декември 2025
МИА Општински пул

24 ноември 2025 

Пробиштип – Наплатата на данокот на имотот во Општина Пробиштип за 2025 година изнесува 75 отсто или во буџетот на општината од планираните 5.815.628 денари до денеска наплатени се 4.635.016 денари.

Градоначалникот на Општина Пробиштип, Тони Тоневски најави дигитализација и зголемена транспарентност во даночното работење на општината и какошто вели работи кои многу бргу ќе бидат достапни и видливи за сите граѓани. Инаку за поголема пристапност на граѓаните до општинските услуги канцеларијата на Даночното одделение на Општина Пробиштип, која претходно беше лоцирана на тртиот кат, од денес е преместена на приземје – во првата канцеларија веднаш по влезот во општинската зграда.

-Оваа промена е направена со јасна цел, да обезбедиме поголема пристапност, полесно добивање на услуги и побрза, поефикасна комуникација со сите граѓани. Паралелно, започнуваме со имплементација на конкретни активности за дигитализација и зголемена транспарентност во даночното работење на општината. Секогаш работиме во служба на подобри, поблиски и поефикасни услуги за граѓаните, вели Тоневски.

Куманово - Секторот за даноци и такси при Општина Куманово, денеска ги повика граѓаните и правните лица да ги платат даноците за 2025 година, бидејќи наскоро ќе почне дистрибуцијата на решенија на опомени за неплатени даноци и такси како и решенија за присилна наплата за неплатена комунална такса за претходната година.

-Секторот за даноци и такси изврши генерирање на опомени за неплатени даноци по основ данок на имот за правни и физички лица за 2025 година како и неплатена комунална такса за 2025 година, а исто така изврши генерирање на решенија за присилна наплата за неплатена такса за 2024 година. Решенијата веќе се генерирани и ќе почне нивната достава до граѓаните. Ги повикуваме граѓаните да се намират својата обврска, да си го платат данокот и со тоа да не се генерира следната фаза тоа се решенија за присилна наплата, изјави раководителката на Секторот, Фросина Краљевска.

Секторот генерираше 1 468 решенија за присилна наплата за комунална такса. Оттаму велат дека се информирани дека одредени фирми се затворени, но велат дека сè додека ги добиваат информациите од Централниот регистар, ќе мора да генерираат решенија. Комуналната такса, во Куманово изнесува 6000 денари.

Прилеп - Откупот на тутунот сѐ уште не е интензивиран. Дури осум од десетте компании сѐ уште не го почнале откупот на тутунот. На теренот се само Прилепскиот комбинат и малата компанија „Кавекс“ од Неготино. Ниту од Сојузот на земјоделски здруженија не знаат зошто откупувачите молчат и тактизираат.

Од Министерството за земјоделство потврдуваат дека за утре во Министерството е закажан состанок со компаниите за откупот на тутунот.

-Досега никоја од компаниите не известиле кога ќе почнат со откупот, ниту знаеме зошто молчат и тактизираат. Тутунарите почнуваат да се прашуваат што се случува, се создава притисок, неизвесност, вели Кире Ристески, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија.

Откупувачите ги користат законските можности со кои имаат рок до 15 декември да ги отвортат пунктовите. Токму ова иницира да се бара во законските измени прецизен датум за почеток на откупната кампања.

Куманово - Нападнат е овчар додека ги напасувал овците во липковското село Матејче, соопшти денеска кумановската полиција.

- Вчера во 01:30 часот полициски службеници од СВР Куманово го лишија од слобода О.О.(52) од село Матејче, липковско, затоа што физички го нападнал А.С.(36) додека ги пасел овците, соопшти полицијата.

Тој бил приведен во полициска станица и по целосното документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава. 

Охрид – Полицијата утрово лиши од слобода 16-годишник од Охрид, поради сомнение дека на 12 овој месец извршил обљуба на 12-годишно девојче од Охрид.

Според полициското соопштение, друг малолетник го снимал чинот на обљубата.

До видео-материјалот дошол 14-годишник од Охрид, кој го уценувал девојчето да биде со него, заканувајќи се дека во спротивно ќе го објавел видеото.

СВР - Охрид презема мерки за пронаоѓање и на овој малолетник.

Врз малолетничката е извршен медицински преглед, а полициски службеници и претставници на Центарот за социјални работи Охрид, во присуство на родител, извршија службен разговор.

По целосно документирање на настанот, во консултација со јавен обвинител, против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Битола - Општина Битола потпиша Договор за соработка во проект за инклузија на деца Роми во детските градинки, кој ќе го реализира со поддршка на Министерството за социјална политика, демографија и млади, Општина Битола, а во функција на ЈОУДГ „Естреја Овадија Мара“-Битола.

Од Општина Битола информираа дека Договорот го потпишаа министерот Фатмир Лимани, градоначалникот Тони Коњановски и директорката на ЈОУДГ „Естреја Овадија Мара“ Весна Лозановска со кој во учебната 2025/2026 година, ЈОУДГ „Естреја Овадија Мара“ од Битола се обврзува да изведува воспитно - згрижувачка дејност во воспитни групи за 20 деца Роми на возраст од 3-6 години, кои се во социјален ризик, согласно препораката од Владата, во рамките на проектот „Инклузија на деца Роми во јавните општински установи- детски градинки".

Тетово - Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами денес му ја предаде одлуката за назначување на функцијата заменик градоначалник на Алби Ќамили, кој беше носител на листата со кандидати за советници. Ќамили е 27 годишен - дипломиран политиколог и моментално магистрира уставно право.

-Алби Ќамили е еден од  важните активисти на младината во Тетово, кој во минатото придонесуваше за промените кои се случија во Тетово, исто така имајќи предвид дека јас сум ангажиран и надвор од функцијата градоначалник, во политичкиот дел, тоа ќе придонесе да активностите во рамките на општина Тетово да немат застој и службата која ја правиме на нашите граѓани да биде беспрекорна. Во тој поглед, сигурен сум Алби Ќамили ќе биде еден важна поддршка и силна поддршка за реализацијата на сите проекти за доброто на граѓаните, истакна Касами.

Тој рече и дека со оваа одлука, сака да испрати порака дека како градоначалник ги цени младите и ги охрабрува да преземат одговорност и да придонесат за подобро и поразвиено Тетово.

Куманово - Куманово нема да ангажира приватна компанија за расчистување на улиците од снег, сите активности ќе ги извршува јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“, соопшти денеска претседателката на советот, Ивана Ѓорѓиевска.

Предлог точката ќе ја разгледуваат советниците на наредната седница на советот, кои ќе одлучуваат да одвојат дополнителни средства на претпријатието за оваа намена во вредност од пет милиони денари. Со претходно одобрените средства, целокупната програма за зимско одржување на сообраќајниците ќе изнесува 13 милиони денари.

– Се проширува програмата со дополнителни дваесет улици во Куманово. „Чистота и зеленило“ се спремни и имаат набавено сол, средства за одмрзнување, во оптек се три камиона кои претходно беа доделени на трајно користење од страна на Општина Куманово, претседателката на советот, Ивана Ѓорѓиевска.

Пехчево - Во Пехчево денес се одржа јавна консултативна сесија со граѓаните во организација на Општина Пехчево, како дел од процесот за планирање на општинскиот буџет за 2026 година. Целта на средбата е активно вклучување на граѓаните во дефинирање на приоритетите и проектите кои општината ќе ги реализира во наредниот период.

Од име на градоначалникот Александар Китански присутните ги поздрави Елица Јовевска од Општина Пехчево, која истакна дека јавната вклученост е важен сегмент во креирањето развојни политики на локално ниво.

-Се надеваме на конструктивни и креативни предлози кои ќе најдат место во програмите и буџетот за 2026 година. Денес ќе биде презентирано што е реализирано во изминатата година за да не се повторуваат проекти кои се завршени или моментално се во реализација, изјави Јовевска.

Битола - УКЛО-Битола денеска почна тридневен студентски Хакатон посветен на мултидисциплинарните предизвици на тројната транзиција: социо-економски, зелени и дигитални предизвици.

Според ректорот на УКЛО, Игор Неделковски, првиот Хакатон што се одржува во рамки на Алијанса КОЛОРС, овозможи учество на домашни и студенти од странство и тоа дополнителен квалитет во студентскиот натпревар што ќе се случува во Битола.

-Студентите ќе креираат иновативни софтверски решенија поврзани со тројната транзиција на регионот, место во кое порано или подоцна ќе почне процесот на праведна транзиција. Овој процес не се реализира веднаш и затоа нашиот Универзитет меѓу првите работи на конкретни предлози. Понудените решенија од студентите ќе се понудат на државата, бизнисот или невладиниот сектор како бесплатни алатки кои придонесле за тројната транзиција, односно за економските, зелените или еколошките и дигиталните предизвици, посочи ректорот Неделковски.

На прес - конференција во Студентскиот информативен центар (СИЦ) на УКЛО-Битола, раководителот професор д-р Мимоза Богданоска Јовановска, истакна дека сите предлог решенија на студентските тимови ќе бидат дизајнирани со трите носечки компоненти на годинешниот Хакатон.

 

Остани поврзан