• петок, 05 декември 2025
МИА Општински пул

28 ноември 2025

Ресен - Државниот завод за ревизија (ДЗР) изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Јавна здравствена установа Здравствен дом Ресен на сметката на основен буџет за 2024 година.
Од ДЗР информираа дека изразиле мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеност на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2024 година.

-Со извршената ревизија на финансиските извештаи на Здравствениот дом за 2024 година во делот на евиденциите на постојаните средства со кои располага Здравствениот дом утврдени се состојби кои влијаат на реалноста и објективноста на Билансот на состојба. Тие се однесуваат на неусогласеност помеѓу сметководствената и материјалната евиденција и невоспоставена сметководствена евиденција на средства добиени по пат на донација, во делот на евиденциите на залихите со кои располага Здравствениот дом утврдивме дека не е воспоставена сметководствена и материјална евиденција на вакцини за имунизација на населението и лекови и потрошен материјал за третман на дијабетес кои во име и за сметка на Здравствениот дом ги набавува Министерството за здравство, дел од објектите со кои располага Здравствениот дом имаат статус на бесправно изградени објекти, во делот на набавка на тестови и материјали за лабораториски испитувања утврдивме несоодветна примена на Законот за јавните набавки, соопштија од ДЗР.

Скопје - Водата во ООУ „Димо Хаџи Димов“ во Општина Карпош е санитарно исправна и може непречено да се употребува, информира ЈП „Водовод и канализација“-Скопје по резултатите од извршениот вонреден мониторинг на 26 ноември врз основа на пријава од основното училиште.

Од скопски „Водовод“ посочуваат дека Секторот за санитарна контрола земала 4 примероци од две локации (училница и кујна) од кои две за физичко-хемиска анализа и две за микробиолошка анализа.

-Од добиените резултати сите примероци физичко-хемиски и микробиолошки одговараат на Правилникот за барање за безбедност и квалитет на водата за пиење (Службен весник на РМ бр.183/18), при што констатираме дека водата во ООУ Димо Хаџи Димов во општина Карпош е санитарно исправна и истата може непречено да се употребува, потенцираат од  ЈП „Водовод и канализација“-Скопје.

Кочани - Ротари клубот од Скопје донираше ново пијанино марка „Петроф“ за учениците од ОМУ „Ристо Јуруков“ од Кочани. Донацијата е реализирана со посредство на Ротари клубот Кочани - Виница, а целта е да се подржат талентираните ученици што го посетуваат кочанското основно музичко училиште. 

За возврат, учениците за гостите приредија мини концерт. На сцената беа изведени класични композиции на пијано, флејта и виолина, како и музички нумери со традиционални инструменти.

Донација, според директорката на ОМУ „Ристо Јуруков“, Марија Лазарова,  е уште еден чекор кон создавање подобри услови за работа во училиштето, како и поттик за  талентираните  за  нивно понатамошно музичко образование. 

Скопје - Без вода денеска од 10:30 часот се дел од корисниците лоцирани на булевар „Трета македонска бригада“, на потегот од Универзитетот „Американ колеџ“ - Скопје до компанијата „Еуроимпекс“. 

Како што информира ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради изведување водоводен приклучок за автосервис Флојд на булевар „Трета македонска бригада“ без број. 

Делчево - Во Делчево синоќа беше одбележана 11-годишнината од прогласувањето на орото „Копачката“ за национално културно наследство, со исклучителен интерес и за негово впишување во светското културно наследство на УНЕСКО. На настанот присуствува градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, советници, гости од Фестивалот „Јаков од Камена Река“, како и претставничката на македонската заедница во Загреб и МКД „Охридски бисер“, Ивана Брезовац.

Претседателката на Здружението „Фолклорна група Копачка“, Перса Стојановска, истакна дека ФГ „Копачка“ од с. Драмче е најстарата фолклорна група во државата и единствен носител–практичар на македонското фолклорно добро – истоименото оро, впишано во Репрезентативната листа на нематеријални културни наследства на човештвото на УНЕСКО.

Кочани - Градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов и претседателот на Советот на Општина Кочани, Александар Андов остварија средба со младиот борач и носител на бронзен медал од Балканското првенство, Даријан Павлев, како и со претставници од раководството на Борачкиот клуб „Спартак“.

На средбата беа потенцирани значајните резултати што Павлев ги постигна во последниот период, особено успехот на меѓународна сцена, на  Балканијадата во борење - слободен стил 2025, со што достојно го претстави Кочани и БК „Спартак“. Градоначалникот Грозданов му честиташе за овој важен спортски успех и го охрабри да продолжи со напорна работа и спортска дисциплина.

Претставниците на некогашниот клубски европски вице-шампион, говореа за тековните активности, плановите за развој на младите борачи, како и за потребите на БК „Спартак“ за подобрување на условите за тренинг и понатамошен спортски напредок. Грозданов изрази подготвеност Општина Кочани да ги разгледа можностите за поддршка на клубот, со цел да се создадат подобри услови за младите таленти и развој на борењето во градот.

Битола - Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството (АПРЗ) со седиште во Битола во рамки на националната кампања „Македонско најдобро“, одржа серија едукативни средби со земјоделските производители во руралните средини.

Стручни лица на АПРЗ во местата на живеење, на земјоделците им ги презентираа целите на кампањата, бенефициите од вклучувањето и користењето на платформата „Македонско најдобро“.

-Едукативните средби се одржаа и ќе се одржуваат во сите региони низ земјава и притоа за сите земјоделци беше извршена едукација и практична обука за регистрација и користење на платформата. Во Преспанско-пелагонискиот регион, директни средби се одржаа во битолските села Кукуречани, Лопатица, Гермијан и Живојно во Прилепско беа посетени Новоселани, Заполжани, Мраморани и Дупјачани, во Ресенско едукативни средби се одржаа во селата Бела Црква и Курбиново, како и во други населени места, информираа од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството со седиште во Битола.

Скопје - Без вода во моментов е Старата чаршија поради уличен дефект на улицата „Леблеџиска“, соопштија од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ - Скопје.

Оттаму потенцираа дека водоснабдувањето ќе биде прекинато до завршување со санација на дефектот.

Скопје - Без вода за пиење во моментов е дел од село Љубанци, информираат од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ - Скопје.

Како што појаснуваат, причината е уличен дефект. Водоснабдувањето ќе биде прекинато до завршување со санација на дефектот.

Тетово - По повод 180 години од смртта на македонскиот просветител Кирил Пејчиновиќ (1771-1845), на прагот на 225 години од неговото раѓање, како и три години од неговото прогласување за светец од страна на Македонската православна црква во 2022 година како Свети Кирил Лешочки, се одржа панел-дискусија за неговото духовното наследство и влијание врз современиот македонски идентитет.

Панел дискусијата се одржа во тетовското село Лешок во кругот на манастирскиот комплекс каде се наоѓа вечниот дом на Кирил Пејчиновиќ, како и културно-духовниот центар што го носи името на просветителот.

„Гласот на Вечноста“ беше насловена панел-дискусијата, организираната од Глобалната Македонска Фондација „Вечна“, а која со поздравна и пригодна реч ја отвори митрополитот на Тетовско-гостиварската епархија, г. Јосиф. Архиерејот рече дека нема посоодветно место од манастирскиот комплекс за одржување дискусијата за духовното наследство на Свети Кирил Лешочки-Пејчиновиќ во современиот македонски индентитет.

 

 

Остани поврзан