• петок, 05 декември 2025
МИА Општински пул

3 декември 2025

Кочани -  Фудбалската федерација на Македонија ќе биде инвеститор на проект за реконструкција на просторот под трибините на Градскиот стадион „Никола Мантов“,  додека Општина Кочани ќе обезбеди комплетна проектна документација. Планирано е со специјализирана машина да се изврши и обновување на подлогата на фудбалскиот терен.

Ова е резултат од средбата на градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, со претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ. Средбата е остварена на иницијатива на претседателот на Советот на Општината и селектор на женската фудбалска федерација на Македонија, Александар Андов.

-Со ова,  Омерагиќ и ФФМ ја потврдуваат силната поддршка за Кочани во врска со развојот на спортската инфраструктура во градот и општината, сметаат во Локалната самоуправа.

Македонска Каменица - Во Македонска Каменица денеска ќе има привремен прекин во водоснабдувањето поради дефект на главната водоводна линија на улица „Каменичка“, информираат од Јавното претпријатие „Камена Река“.

Без вода ќе останат корисниците на улиците „Илинденска“, „Македонска“, „Осоговска“, „Руенска“, „Езерска“, „Самоилова“, „Рударска“, „Александар Македонски“, „Долна Река Каменичка“, „Гоце Делчев“, како и жителите на приградската населба Сарафска маала.

Прекинот ќе започне во 08:00 часот и ќе трае сè додека екипите не го санираат дефектот. Од претпријатието информираат дека техничките служби веќе се на терен и работат на негово отстранување.

Од ЈП „Камена Река“ се заблагодаруваат на граѓаните за трпението и разбирањето за време на прекинот во водоснабдувањето.

Скопје - Општина Аеродром изрече парична глоба од 1.000 евра за правно лице и 300 евра за управителот на истата фирма поради прекршување на Законот за јавна чистота. Санкциите следат по извршена контрола, при што инспекциските служби утврдија дека од градилиште во непосредна близина на ПС Аеродром во Ново Лисиче во сообраќај се вклучувале возила со валкани гуми, со што директно се нарушува чистотата на животната средина и се прекршуваат законските одредби.

Општина Аеродром потсетува дека ваквите прекршоци се недозволиви и дека ќе се санкционираат строго и без исклучок.

-Во наредниот период, Општина Аеродром, покрај редовните, најавува и засилени контроли на сите активни градилишта. Контролите ќе бидат насочени кон тоа дали се почитуваат сите мерки за заштита на животната средина, дали се преземаат обврските за спречување на загадување, дали се одржува јавната чистота на градилиштата и дали се избегнува узурпација на јавните површини при градежните активности, се вели во соопштението од Општина Аеродром.

Од Општната упатуваат апел до сите правни и физички лица да ги почитуваат законите и прописите, затоа што, како што велат, само така можеме заеднички да обезбедиме чиста, здрава и безбедна средина за сите жители.

Општина Аеродром останува посветена на редот, хигиената и квалитетот на живот во урбаната заедница.

 

Остани поврзан