• четврток, 04 декември 2025
МИА Општински пул

 28 ноември 2025

Битола - Секторот за внатрешни работи Битола информира дека при контрола на патниот сообраќај, во претпладневните часови затекнале возач кому биле измерени 2,86 промили алкохол во крвта.

Од секторот за односи со јавност при СВР Битола посочуваат дека вчера во 10 часот, полициски службеници од СВР Битола  на улицата „8 Септември“ во Битола го лишија од слобода Б.Т. (50) од Битола.

При контрола на патниот сообраќај, полициските службеници запреле патничко возило „голф” со битолски регистарски ознаки, кое го управувал Б.Т., и по преземени мерки било констатирано дека е под дејство на алкохол, односно измерени му биле 2,86 промили алкохол во крвта. Тој е задржан во полициска станица и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена пријава за „безобѕирно управување со моторно возило”.

Штип – Педест и две годишна турска државјанка, мајка на еден од обвинетите за убиството на 25-годишниот Енес Оздемери вчера нападнала полициска службеничка, која била дел од обезбедување на првото судско рочиште.

Министерството за внатрешни работи (МВР) ја потврдува информацијата и открива и детали, дека вчера на 27.11.2025 во 12:35 часот во Штип, полициски службеници од СВР Штип ја лишија од слобода 52-годишната  А.К. од Р. Турција, која во моментот престојува во Штип, поради тоа што физички нападнала полициска службеничка, која била работно ангажирана за физичко обезбедување за време на судски процес кој што се одвивал во Апелационен суд Штип.

Гевгелија - Општина Гевгелија и Инспекторатот за животна средина при Општина Гевгелија, ги известуваат сите граѓани дека е неопходно строго да се внимава на видот на материјалите кои се користат за затоплување во дoмашните печки и котли, стои во известувањето до јавноста.

-Потсетуваме дека согорувањето отпад - како пластика, гума, текстил, отпадно масло, стар мебел (лакирани и обоени отпадоци од дрво и мебел), стиропор, како и други недозволени материјали - претставува сериозен ризик по здравјето на луѓето и животната средина. Горењето недозволени материјали предизвикува појава на токсични гасови и густ чад, кои ја загадуваат атмосферата и го нарушуваат квалитетот на воздухот, се наведува во известувањето.

Се додава дека Општина Гевгелија ќе преземе засилени контроли и законски мерки против сите физички и правни лица кои согоруваат отпад во домашни или индустриски уреди за греење, каде следуваат и соодветни казни според прекршокот. 

Василево - Градоначалникот на Општина Василево, Славе Андонов, ги започна средбите со граѓаните по населените места за планирање и креирање на буџетот на Општина Василево за 2026 година.

Првата средба се одржа во селото Нова Маала, а в понеделник, на 1 декември, планирана е средба со жителите на Радичево. Во среда, на 3 декември, планирана е, пак, средба со жителите на Пиперево.

-Во Општина Василево, процесот на планирање на буџетот е целосно отворен, ги слушаме вашите идеи, предлози и приоритети, затоа што најдобро знаете што е најпотребно во вашата улица, маало и населено место. Нашата цел е секој денар да биде мудро вложен-во инфраструктура, образование, комунални услуги, развој и подобар живот за сите. Одговорноста кон граѓаните е наша највисока обврска. Заедно го градиме Василево модерен, уреден и уште подобар дом за сите, се наведува во пренесената изјава на градоначалникот Андонов.

Кочани - По обилните врнежи од дожд неделава, поради зголемен водостој на реките и наплив на вода во каналската мрежа, селата Горни Подлог и Долни Подлог беа под закана од поплава поради излевање на водите од околните канали.

Директорот на КЈП „Водовод“ Дејан Анакиев во координација со екипи од Општина Кочани излегоа на терен, интервенираа со механизација и спречија излевање и поплавување на селата Горни и Долни  Подлог, информираат од Општината.

Екипите остануваат во мобилна состојба, бидејќи водостојот на вештачките акумулации расте – браните „Гратче“ и „Калиманци“ се на прелив, се наведува во соопштението доставено до медиумите.

Тетово - Четири куќи со 17 жители од тетовското планинско село Шипковица се во ризик од ерозија која се појави ноќта помеѓу средата и четвртокот. 

Во текот на вчерашниот по пријавата до Центарот за управување со кризи, во селото дошле претставници на Општина Тетово, ЦУК, СВР Тетово и Градежен инспекторат од Општина Тетово, кои им дале насоки на месното население да го напуштат живеалиштето поради опасност од појавување на нови свлечишта.

- Паднала оваа огромна земја од горе. Ние сме сега со ризик не можеме да седиме внатре во куќите. Во опасност се и куќите, зошто може да падне земјата и да ги повлече надолу. Јас се разбудив ноќта, прво 1.20 часот некаде имаше прва ерозија, па околу 3.15 часот повторно, пак се слушна, изјави Мумин Велија.

Во ова планинско село кое се наоѓа на скалесто-ридест предел на повеќе места веќе се изградени потпорни ѕидови во насока на превенција од свлечишта. Мештаните сега очекуваат тоа да се направи и во овој дел од селото.

- Рекоа дека ќе прават ѕид од Кризниот штаб, разговараа со градоначалник, рекле ќе го направат ѕидот. Дај Боже да го направат, ќе нè спасат сите, вели Мумин Велија.

Штип – На шеталиштето „Ванчо Прќе“ во Штип денеска се поставуваат дрвените куќички, кои ќе бидат дел од Новогодишниот базар, кој почнува на почетокот на декември. Во овие дрвени куќички на шеталиштето ќе се продаваат храна, пијалоци, новогодишни украси и сувенири. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов најави дека во декември и јануари ќе има богата програма за Новогодишните и Божиќни празници, за што на шеталиштето ќе се постави и бина.

-Ќе има богата забавна, културна, уметничка програма со која ќе се анимираат најмладите, возрасните, жителите на нашиот град, но верувам дека вниманието ќе биде свртено кон нас. Штипјани заслужуваат предновогодишните и божиќни празници да добијат една позитивна атмосфера, да се почувствуваат посреќно, позадоволно и поубаво во сопствениот град, вели Јорданов.

Крива Паланка - Градоначалникот Сашко Митовски денеска свечено ги врачи договорите за стипендирање и поддршка на младите таленти од градот, ученици средношколци и студенти од Крива Паланка, како и стипендии за спортисти од индивидуални и екипни спортови од основните училишта на подрачјето на општина Крива Паланка и средните училишта од државава за 2025/2026 година.

-Оваа година Општина Крива Паланка стипендира вкупно 36 ученици и студенти од градот, од кои 13 стипендисти се нови потписници на договори за стипендии, а останатите се стипендисти кои ја продолжуваат стипендијата од претходната година согласно условите предвидени во договорот. Стипендиите се доделуваат девет месеци во годината, а изнесуваат 3 000 денари месечно. Исто така Општината врз основа на распишаниот конкурс за субвенциониран превоз и согласно склучениот Меморандум за соработка со АДПТУ „Пролетер“, додели и субвенција за 8 студенти кои студираат на државните универзитети, субвенционирањето е на два повратни месечни билети за тековната студиска година, информира службата за комуникација со јавноста на Општина Крива Паланка.

Кочани - Во ОВР Кочани, вчера во 12:00 часот, е пријавено дека во Кочани настанал пожар во куќа, сопственост на А.М.(50) од Кочани, информира СВР Штип.

При гасењето на огнот, 43-годишната О.С. вдишала чад и се здобила со изгореница на раката, додека нејзината 17-годишна ќерка вдишала чад, по што двете биле пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за укажување на лекарска помош.

Од екипа на Територијалната противпожарна единица Кочани пожарот бил изгаснат.

Извршен е увид на местото на настанот, велат од СВР Штип.

Скопје - Триесет контејнери за текстилен отпад ќе бидат поставени на различни локации низ oпштина Кисела Вода, со што на граѓаните ќе им се овозможи правилно одлагање на употребената облека и домашниот текстил, како и активно вклучување во процесите на селектирање и рециклирање, соопшти Општина Кисела Вода. 

Ова било овозможено со денешното потпишување на договорот меѓу градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска и Фаик Мифтари, управител на лиценцираната компанија ЕКО-ТЕКС ГРУП ДОО Скопје. Со воспоставената соработка се создава јасно дефиниран и одржлив систем за соодветно постапување со текстилен отпад, негово собирање, селектирање и рециклирање, во согласност со важечкото законодавство и највисоките еколошки стандарди.

Скопје - Десет четвртоодделенци од ООУ „Лазо Трповски“ Магдалена Ќурчинска, Андреа Славковска, Ирис Граоркоска, Петрит Адеми, Нора Муфтарова, Јован Симовски, Филипе Георг Вучков, Ана Тренчовска, Лукас Трајковски и Мила Синадинова, предводени од одделенската наставничка Ирена Грегориќ и предметниот наставник Стефан Симовски со свои ликовни творби учествуваа на 28. Меѓународен ликовен натпревар „Пријатели на мирот 2025“ во Васек, Њујорк, САД во возрасна категорија од 8-10 години.

Заедно со нив вкупно 26 второодделенци од ООУ „Христијан Тодоровски –Карпош“ Бисера Лешоска, Ена Радевска, Јован Салтамарски, Клара Јовановиќ, Марија Меди Ќумева, Михаела Содиќ, Мила Хајредини, Мила Петревска, Никола Николов, Никола Содиќ, Симон Ѓоргиовски, Вредран Маневски, Алек Давчевски, Александра Ефнушева, Анабела Ефнушева, Ана Перковска,Бисера Ивановска, Дамјан Џулиуш Ѓеразов, Марко Марковски, Михаил Милановиќ, Надија Мишевска, Нина Малинковска, Петар Васиљковиќ, Веда Велкова и Ведран Спанџевски предводени од наставничките Владанка Д Миче, Благица Топалова, Маја Јанковска Цакиќ и Катерина Јаневска Дочинска во возрасната категорија од 5 до 7 години со свои ликовни творби исто така учествуваа на натпреварот.

Годинава со свои ликовни творби на овој меѓународен натпревар учествуваа повеќе од 4000 деца од 100 земји.

Остани поврзан