• сабота, 21 декември 2024
МИА Општински пул

3 декември 2024 

Македонска Каменица - Градоначалникот на Македонска Каменица, Димчо Атанасовски денеска по повод 3. Декември - Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, организираше прием за претставници на Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост (ЦПЛИП) „Порака“ од Македонска Каменица.

Во рамки на приемот со претседателката и членови претставници од Центарот беа разменети мислења, идеи и искуства кои ќе придонесат за унапредување на правата и условите за живот на лицата со посебни потреби во Македонска Каменица.

-Приемот е во чест на нашите сограѓани кои со својата упорност, истрајност и сила се вистинска инспирација за сите нас. Македонска Каменица се стреми да биде средина каде секој граѓанин ќе се чувствува прифатено, поддржано и рамноправно. Особено сме горди што Општина Македонска Каменица, покрај изградбата на Дневниот центар како модерен и современ објект, обезбеди и специјализирано превозно средство за потребите на центарот, со што дополнително се подобрува пристапноста и квалитетот на услугите, истакна Атанасовски.

Прилеп - Со богата приредба и насмеани лица, корисниците на Дневниот центар „Ѕуница“ во Прилеп го одбележаа 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

Дневниот центарт „Ѕуница“ дневно згрижува 15 корисници од различни возрасти и е меѓу првите отворен во земјава пред 22 години.

-Во текот на сите овие години во нашиот Дневен центар сме згрижувале вклупно 50 корисници. Дел од нив се вклучени во образовниот процес и ним им е обезбеден образовен асистент, на дел од корисниците им е обезбеден и личен асистент, оние кои се работно оспособени, се вработени, а дел се вклучени во Дневниот центар, изјави Снежана Јошевска, социјален работник и координатор на Центарот.

Во Центарот се корисници од 7 до 37 години, поделени се во групи и има простор за сите. Со нив работи комплетен тим стручни лица.

Скопје - Во рамки на тековните напори за борба против загадувањето на воздухот и подобрување на урбаните зелени површини, оваа недела, на Град Скопје му се испорачуваат 956 дрвја од 16 различни видови, преку проектот „ЕУ за чист воздух“ финансиран од Европската унија. Оваа иницијатива, која ја спроведува УНОПС, претставува значаен чекор кон создавање поздраво опкружување и зајакнување на отпорноста на градот на климатските предизвици.

Разновидноста на видовите гарантира биодиверзитет и придонесува за одржлив урбан екосистем. Дрвјата, внимателно избрани поради нивната адаптабилност на локалната средина и способноста за подобрување на квалитетот на воздухот преку филтрирање на загадувачите и намалување на CO₂, ќе бидат засадени во новиот парк во Карпош од страна на Јавното претпријатие  „Паркови и зеленило“ во текот на оваа седмица. Оваа иницијатива за садење ги поддржува општите цели на градот за намалување на загадувањето на воздухот, ублажување на ефектите од урбаните топлотни острови, подобрување на микро-климата, намалување на бучавата, регулирање на хидролошките циклуси и обезбедување поголем пристап до зелени површини за жителите.

Скопје - На Меѓународниот ден на лицата со попреченост - 3 Декември, градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски отвори сензорна соба во рамки на ООУ „Рајко Жинзифов“ во Драчево, наменета за поддршка на децата со попреченост и нивно целосно интегрирање во образовниот процес.

-3 Декември е ден кој не потсетува на обврската како заедница да градиме општество на еднакви можности. Но, во Кисела Вода оваа заложба не е ограничена само на еден ден. Нашата посветеност на инклузијата е видлива во секој проект и активност што ја реализираме. Со гордост можам да кажам дека Кисела Вода е лидер во промовирањето и заштитата на правата на лицата со посебни потреби. Сензорните соби, каква што отвораме денес и во ООУ „Рајко Жинзифов“ во Драчево, овозможуваат мултисензорно искуство за децата, со што се поттикнува нивниот когнитивен, емоционален и физички развој. Оваа соба е само дел од заложбите на општината, која веќе има отворено вакви простории во останатите училишта на својата територија, изјави Ѓорѓиевски.

Општина Кисела Вода информира дека е потпишан Меморандум со Институтот за специјална едукација и рехабилитација и во рамки на оваа соработка ќе има стручна пракса со студентите и наставниот кадар од институтот во сензорните соби во оваа локална самоуправа.  Со тоа, како што се наведува, ќе им овозможиме на родителите поддршка и згрижување на децата со атипичен развој воннаставата и во попладневните часови.

Скопје - По повод 3 декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Општина Ѓорче Петров организираше отворен ден на час по физичко и здравствено образование под мотото „Заиграј со нас“, каде што учествуваа деца со типичен и атипичен развој.

Низ низа активности кои вклучуваат стимулација на физичкиот развој, социо-емоционалниот развој, ориентација, координација, прецизност, брзина, рамнотежа и визуелна интеграција, уште еднаш покажавме дека сите деца, без разлика на нивните способности, заслужуваат поддршка и можност за напредок.

-Овој ден не потсетува дека интеграцијата на лицата со попреченост во сите аспекти на животот – политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот, не е само наша обврска, туку и наша заедничка придобивка. Секој ден е можност за поддршка, но 3 декември е денот за гласност и посветеност – рече градоначалникот Александар Стојкоски кој се обрати пред присутните во спортската сала „Христо Батанџиев“.

Како општина, додаде Стојкоски, секогаш стоиме на страната на инклузијата.

Куманово - Заменик министерот за економија Марјан Ристески, заменичката постојана претставничка на УНДП Анна Чернишова, в.д. заменичката директорка на АВРСМ Весна Пешова, заедно со претставници од Агенцијата за вработување Куманово, денеска посетија две компании, кафе бар и студио за тетовирање во Куманово основани од лица со попреченост. Наредната година ќе се одвојат повеќе средства за АВРСМ за креирање на мерки кои ќе бидат уште подостапни за лицата со попреченост, најавија надлежните од министерството. Заменик министерот Ристески, рече дека ова е една од најактивните мерки која ја искористиле лица со попреченост и очекува зголемување на бројката на корисници наредните години. Досега на ниво на земјава ја искористиле 300 корисници.

Моментално министерството за економија во координација со АВРСМ и Агенцијата за развој на претприемништвото на Македонија работиме на нови активни мерки, на нов оперативен план кои ќе бидат поефективни, поекспедитивни, подостапни, потранспарентни во однос на користењето на сите граѓани во Македонија, посебно за лицата со попреченост. Од наредната година ќе има дополнителни околу шест милиони евра во буџетот на Агенцијата за вработување, мислам дека тие мерки ќе бидат доста практични и добро анализирани и спроведени, изјави заменик министерот за економија.

Делчево - По повод Светскиот ден на лицата со посебни потреби, денеска Националната установа Центар за култура ,,Никола Јонков Вапцаров" од Делчево ја реализираше традиционалната Ликовна работилница. 

На работилницата која се реализира во соработка со Ликовното Атеље ,,Белогаски" учество зедоа деца од Дневниот центар за лица со посебни потреби, кои заедно со ученици од делчевските деветолетки и гимназијата заеднички изработија ликовни творби.

-И оваа година го одбележуваме денот со оваа работилница од проектот. Заедно со девата со посебни потреби членови на атељето цртаат заедно. Има голема дружба, а на крај цртежите ќе бидат подарени на Дневниот центар, истакна Александар Белогаски, вработен во Центарот за култура.

Директорот на установа Љупчо Петровски додаде дека станува збор за традииционален настан кој опфаќа соработка на повеќе институции 

Делчево - По повод Светскиот ден на лицата со посебни потреби, денеска Националната установа Центар за култура ,,Никола Јонков Вапцаров" од Делчево ја реализираше традиционалната Ликовна работилница. 

На работилницата која се реализира во соработка со Ликовното Атеље ,,Белогаски" учество зедоа деца од Дневниот центар за лица со посебни потреби, кои заедно со ученици од делчевските деветолетки и гимназијата заеднички изработија ликовни творби.

-И оваа година го одбележуваме денот со оваа работилница од проектот. Заедно со девата со посебни потреби членови на атељето цртаат заедно. Има голема дружба, а на крај цртежите ќе бидат подарени на Дневниот центар, истакна Александар Белогаски, вработен во Центарот за култура.

Директорот на установа Љупчо Петровски додаде дека станува збор за традииционален настан кој опфаќа соработка на повеќе институции 

Струмица - Со три панел дискусии и презентација на комуникациска стратегија денеска во Струмица беше одбележан денот на Југоисточниот плански регион, кој годинава бележи 16 години од постоењето.

Во дискусијата беше истакнато дека постоењето на Центарот за развој на овој региион ги оправдал очекувањата, а доказ за тоа се многуте реализирани проекти од најразлични области со кои директно се подобрува квалитетот на живеењето на граѓаните.

-Наша оценка е дека се надминати очекувањата и во иднина ќе направиме уште повеќе напори да покажаме што подобри резултати. На денот на Регионот избравме да презентираме едно видео за целиот регион, да ги нагласиме убавините и предностите кои ги има Југоисточниот регион и во иднина ова видео да ни служи како реклама за Регионот, рече директорот на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Ѓоко Камчев.

Струмица - Градежниот работник Б.Б. (21) од село Орашац, кумановско, починал откако паднал од зграда во изградба на булевар „Гевгелија“ во истоимениот град.

Според информацијата од СВР Струмица, настанот бил пријавен во Полициската станица во Гевгелија.

-Б.Б. бил пренесен во болницата во Гевгелија, од каде поради сериозноста на повредите бил препратен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде што починал, стои во полициската информација.

За настанот бил запознаен јавен обвинител од ОЈО Гевгелија, а увид на местото извршиле инспектор од Државен инспекторат за труд и екипа на ОВР Гевгелија

Куманово - Националната установа Музеј Куманово вечерва со почеток во 19.30 часот во Уметничката Галерија ја организира изложбата „Сеќавања на делата на археолозите Блажо Ѓеорѓиевски, Ленка Трајковска и Јовица Станковски“, соопштија денеска надлежните од установата.

Станува збор за изложба на фотографии кои се поврзани со животот и работата на три истакнати музејски работници, археолозите Блажо Ѓеорѓиевски, Ленка Трајковска и Јовица Станковски, кои биле дел од вработените во кумановскиот музеј, сега Национална установа Музеј-Куманово. Изложбата е дел од прославата на музејот за 60 години функционирање.

Изложбата ќе биде поставена во уметничка галерија во Куманово до 13-ти овој месец. Во главната сала ќе бидат изложени постерите – форекс таблите, во следнта сала ќе има материјали од тип на книги, каталози, тернски дневници сл., поврзани со личностите од изложбата и во последнта сала ќе има презентација на фотографии поврзани со Јубилејот 60 години од постоење и работа на НУ Музеј-Куамново.

Штип - Оставката на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева е политички фолклор, бидејќи на истекување на неколку дена од нејзиниот мандат е всушност политички маневар, вели државниот секретар во Министерството за правда, Дејанчо Ефтимов, кој денеска одговараше на новинарско прашање како ја коментира оставката на Дамева пред да почне и третата стручна дебата за во штипскиот Апелациски суд за Предлог законско решение за изменување и дополнување на Законот за Судски совет.

-Во однос на ова можам само да констатирам дека потегот, којшто го направи е добар во насока дека конечно се одважија да истите бидат пример. Сите оние коишто се инволвирани и во највисоките судски инстанци и во правосудниот систем ќе сносат одговорност доколку не постапуваат согласно позитивните законски прописи, односно ако истата постапуваше со темпото, динамиката којашто сакаше да ја воспостави врз основа на заклучок од колегиум да го продолжи мандатот истата ќе навлезеше во прекршување на позитивните законски прописи, конкретно на Кривичниот законик од член 353, со тоа што истата ќе правеше кривично дело и истата ќе имаше индивидуална одговорност, вели Ефтимов.

Штип – Реализирана е третата стручна средба во штипскиот Апелационен суд за Предлог законското решение за изменување и дополнување на законот за Судски совет. Државниот секретар во Министерството за правда, Дејанчо Ефтимов кој денеска присуствуваше на расправата во Апелациониот суд во Штип вели целта е да се сумираат сите мислења и предлози, за да се регулира судскиот систем.

Изборот на членови на Судски совет е една од темите кои се дискутираа на денешната стручна средба, а кога ќе се сумираат крајните мислења и предлози ќе се формираат измените и дополнувањата на законот.

-На оваа дебата се сумираат сите мислења, предлози токму од оние кои најдиректно се засегнати од имплементација на законот кој ја регулира нивната работа. Судскиот совет целта за која е основан е всушност независност и стручност на целокупниот систем. Тоа е телото кое ги регулира сите текови во однос на судските постапки. Токму од овде тргнуваме со стручни дебати во сите апелациони подрачја и со стручната јавност за да можеме да изготвиме едно сеопфатно решение кое ќе биде имплеметирано и ќе допринесе да бидат надминати сите аномалии, вели Ефтимов.

Гостивар – Во Министерството за социјална политика, демографија и млади, во тек се контроли за да се утврди дали имало злоупотреба на доделувањето на услугата „туѓа нега“. Ова го кажа министерот Фатмир Лимани при неговата посета на Гостивар, одговорајќи на новинарско прашање дали се планира покачување на гарантирана минимална помош со оглед на тоа дека трошоците растат.

- Ќе треба да отвориме очи од две дванаесет на овие што исцрпуваат средства, како на пример, овие што се даватели на услуги на трето лице. Бројката се зголемува со секој циклус на избори за најмалку една илјада. Таков е примерот со Тетово. Последните три години, ако бројката била пет илјади, сега е седум илјади и петстотини корисници. За „туѓа неа“ во Скопје, од 9.000 имаме 13.700, близу 14.000 корисници, а ова само со тек на изборни циклуси, рече Лимани.

Тој посочи дека за оваа услуга на месечно ниво се издвојуваат по 6 милиони евра. Лимани изрази и сомнеж за злоупотреби и напомна дека веќе се вршат проверки на документацијата.

Неготино – Амбасадорот на Јапонија Казуја Оцука денеска беше во работна посета на Неготино, информираа од кабинетот на неготинскиот градоначалник Горан Стојанов.

– На средбата присуствуваше и директорот на ЈЗУ Здравствен дом Неготино Љупчо Пасинечки. Амбасадорот беше запознат со реализираните проекти и активности со кои како локална самоуправа се придонесува за создавање подобри услови за живеење на сите граѓани на општината, се искажа и благодарност до Амбасадата на Јапонија и јапонскиот народ за финансиската поддршка преку која се реализирани два значајни проекти во општината, во вредност од околу 100.000 евра, соопштија од кабинетот на Стојанов.

Во вториот дел од работната посета престојувале во Здравствен дом Неготино, каде што амбасадата на Јапонија донирала дигитален рендген апарат за подобрување на опременоста на институцијата и подобрување на дијагностичките можности.

 

Остани поврзан