• недела, 30 јуни 2024
МИА Општински пул

6 јуни 2024 

Скопје - Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ - Скопје се соочува со енормно зголемено количество градинарски отпад, што се одложува на јавни површини во скопската општина Карпош. Најчесто, во непосредна близина на контејнерите со зафатнина од 1,1 кубен метар и 3,2 кубни метри, што резултира со секојдневно создавање диви депонии, што директно влијаат врз загадувањето на животната околина во општината, се наведува во денешното соопштение на претпријатието.

Само во текот на мај, екипите на претпријатието отстраниле вкупно 150 кубни метри отпад од диви депонии на територијата на општина Карпош, составени претежно од градинарски отпад.

Комуналниот отпад од колективните домувања, што жителите на оваа скопска општина го одлагаат во контејнерите поставени на јавни површини, се собира и транспортира без никаков застој, во согласност со динамиката утврдена со Оперативниот план за одржување на јавната чистота на подрачјето на Градот Скопје и Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад од подрачјето на градот Скопје, пишува во соопштението.

Струга - Седумдесет и два фото напонски панели со јачина од по 550 W се поставени на покривот на ЈЗУ Специјализирана болница за нефрологија - Струга во рамки на проектот „Реконструкција на ЈЗУ Нефрологија Струга и креирање на услови за здравствен туризам во ЈЗПР“, што го реализира Центарот за развој на Југозападен плански регион.

Покрај соларни панели, како што информира Центарот за развој на Југозападен планси регион, поставен е и инвертер со снага од 40kW. Вредноста на проектот изнесува 1,4 милиони денари.

Со ова активност ќе се овозможи намалување на трошоците за електрична енергија во здравствената институција, а истовремено и намалување на загадувањето на животната средина, посочува Центарот за развој на Југозападен планси плански регион.

Вевчани - Општина Вевчани објави јавен повик за формирање иницијативен одбор за конституирање локално собрание за млади со цел да се консултираат младите и да се застапат нивните интереси во креирањето на Локалниот младински совет.

Според Јавниот повик, иницијативниот одбор треба да е составен од пет членови, чија функција е да го формираат Локалното собрание за млади.

Улога и задачи на иницијативниот одбор се: поддршка на Општината во креирањето или ревидирањето на актите и одлуките кои го уредуваат формирањето и работата на Локален младински совет, распишување повик за конститутивното локално собрание на млади во согласност со статутот на Општината по принципот на јавност и транспарентност и соработка со Општината при организација и одржување на конститутивното локално собрание за млади, стои во повикот.

Скопје - Поради дефект на водоводната мрежа на патот кон Матка, без вода од 13:00 часот се дел од корисниците од Глумово, соопшти Водовод и канализација - Скопје.

Водоснабдувањето ќе биде прекинато до санирањето на дефектот.

Скопје - Детската градинка ,,Гоце Делчев” од општина Илинден со завршна приредба испрати уште една генерација во прво одделение. Со драмска претстава, песна и игра идните првачиња, кои од септември ќе седнат во училишните клупи, се поздравија со своите воспитувачки.

Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски кој присуствуваше на завршната приредба, упатува голема благодарност за вложениот труд на сите воспитувачи и вработени во оваа институција, а на идните првачиња им посакува успеси во училишните клупи.

Со прекрасна сценографија и костимографија дечињата ја поведоа многубројната публика низ чудесно музичко патување, со што изнудија големи аплаузи од публиката.

Скопје - Со концерт на хрватскиот уметник, пијанист и композитор Звјездан Ружиќ во Куршумли Ан, на 21 јуни ќе биде отворено 45 издание на фестивалот Скопско лето. 

Звјездан Ружиќ доаѓа во Скопје со својот уникатен проект „Пијанотрон“.

- „Пијанотрон“ е комбинација од пијано, мелотрон и педали на кои Звјездан свири со нозете. Накратко - Звјездан е човек - оркестар! Иако Звјездан е академски џез пијанист, тој го опишува Пианотрон како филмска музика, украсена со влијанија од џезот, класичната, поп, рок и етно музиката. Звјездан има соработувано со многу големи уметници, како што се: „2Cellos“, „Harlem Gospel Choir“, Јосипа Лисац, Масимо Савиќ, Нели Андреева, Лука Паљетка и многу други. Со неговата музика има настапувано низ целиот свет: од Америка, низ Европа, одржа две големи турнеи во Кина, а со „2Cellos“ одржа голема турнеја во Јапонија, Австралија и Нов Зеланд, се наведува во соопштението од организаторите на Скопско лето.

Неговите авторски албуми се наградени со прт награди за дискографија „Порин“ (познато како хрватско Греми), а Хрватскиот музички сојуз шест пати му ја додели наградата „Статус“ за најдобар џез пијанист во Хрватска.

Делчево - Водоснабдувањето во Делчево ќе биде нормализирано до крајот на денот, информираа од Јавното комунално претпријатие „Брегалница" Делчево. Прекинот на водоснабдувањето кој беше најавен, како што велат, е поради градежни зафати на доводниот цевковод во село Тработивиште.

-Градежните работи опфаќаат реконструкција на целиот јазол со замена на сите стари вентили и фасонски елементи и изградба на нова разделна шахта на доводниот цевковод кај село Тработивиште, како и инсталирање на електронско броило за протокот на количината на вода кон Делчево како дел од SKADA системот, информираа од претпријатието.

Во текот на вчерашниот ден бил извршен ископ и демонтажа на старите дотраени  вентили.

Скопје - По повод Светскиот ден на животната средина 60 дечиња ученици од ООУ Кочо Рацин на едукативна работилница имаа можност да се вклучат низ игра запознавајќи ја природата и нејзината биолошка разновидност.

Во Ботаничката градина која е дел од низата проекти на Град Скопје за подигнување на нови зелени површини, кои се реализираат со цел унапредување на животната средина, дечињата самостојно работеа на проект на разубавување и раззеленување на градината со нови садници.

Едукативната работилница се реализира во рамките на фестивалот за детска креативност Трамболини, организиран од Детскиот културен центар Карпош со поддршка од Град Скопје.

Штип - Интензивно се работи на поврзување на над 20 домаќинства и 10 индустриски објекти на фекалната канализација во штипската населба Долна Железничка, истакна на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов. Паралелно со овој проект се подготвуваат и пристапни улици за асфалтирање во населбата Каленица. Вкупната инвестиција за реализација на овие инфраструктурни проекти изнесува 4,5 милиони денари, средства обезбедени од буџетот на Општина Штип.

-Веднаш потоа ќе се асфалтира и на единствената сервисна улица, која ја опфаќа населбата Железничка. Освен асфалтирање на оваа улица ќе се врши и нејзино обележување и поставување на сообраќајна сигнализација. Она што сакам да го споделам е дека се случува еден проблем којшто го потенцираат жителите на Долна Железничка, а тоа е влегувањето на патнички и товарни возила низ населбата, користејќи ја единствената улица, за да се исклучат и директно да се поврзат со магистралниот пат кој води до ТИР зоната, вели Јорданов.

Штип - Во Дом на млади во Штип вечерва ќе се пеат песните на Тоше Проески, а средствата од билетите ќе бидат донирани за лекување на младата штипјанка Сибела Омерова. Организаторот денеска во рамките на овој хуманитарен концерт организира и крводарителска акција во чест на Тоше Проески под мотото „Биди хуман како Тоше“.

Крводарителската акција започна во 10 часот и ќе трае до 16 часот. Докторката во Трансфузиологија-Штип, Моника Стоилева упати апел до сите граѓани да се вклучат во акцијата со цел да се спаси нечиј човечки живот.

-Денеска во Дом на млади, во чест на Тоше Проески се организирани многу активност, од кој и крводарителската акција, бидејќи тој беше голем хуманитарец. Крводарителската акција започна во 10 и ќе трае до 16:00 часот. Ги повикуваме сите дарители да ни се придружат за да го одбележиме овој ден, вели Стоилева.

Скопје - Во Општина Чаир денеска почна изградба на училишен затворен базен. Изградбата на базенот ќе чини околу 600 илјади евра.

Базенот се простира на површина 620 квадратен метри и е армирано-бетонски основи, челична фасада и покрив. Длабочината на базенот ќе биде од 80 сантиметри до 1,30 метри.

Училишниот базен на Чаир ќе може да се користи во летни и зимски услови и ќе биде со најсовремени стандарди.

Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу истакна дека иако со компанијата имаат договор да го завршат за 1,5 година, тој  очекува да биде готов во ноември.

 

 

Остани поврзан