• сабота, 11 мај 2024

Мелони: Договорот со Албанија може да биде пример за другите земји

Мелони: Договорот со Албанија може да биде пример за другите земји

Тирана, 17 ноември 2023 (МИА) -  Договорот постигнат на почетокот на месецов меѓу Италија и Албанија за изградба на центри за мигранти кои доаѓаат на брегот по море може да послужи како план за другите земји од ЕУ, изјавила денеска италијанската премиерка Џорџа Мелони.

- Што се однесува до нашиот договор со Албанија, мислам дека тоа е многу иновативен и многу паметен договор, што со голем интерес го чекаат другите европски партнери. Мислам дека ова може да биде пример што можат да го следат и другите земји, особено ако работи добро, изјавила Мелони за време на посетата на Хрватска, јави euronews.al.

Мелони и албанскиот премиер Еди Рама на 6 ноември објавија нова шема со цел Италија да се обиде да го намали бројот на мигранти со изградба на два прифатни центри во Албанија, кои треба да бидат отворени следната пролет.

Планот веднаш беше критикуван од експерти и активисти за човекови права, оценувајќи дека ги крши човековите права.

Еврокомесарката за внатрешни работи и миграција, Илва Јохансон, пред два дена кажа дека италијанско-албанскиот договор за прифатните кампови не го прекршил правото на ЕУ.

Група од 29 организации фокусирани, меѓу другото, на човековите права, со отворено писмо се обратија до албанската Влада со барање земјата да се повлече од договорот со Италија за бегалците, истовремено изразувајќи загриженост дека договорот води до кршење на човековите права и незаконски затвор.

Но, албанската Влада веќе го усвои Договорот и тој е доставен до Парламентот за ратификација. вт/сд/



Остани поврзан