Медиуми: Кина испорача напредни противвоздушни системи на Иран
- Иран доби противвоздушни ракетни системи (SAM) од Кина, како дел од напорите за обнова на одбранбените капацитети по неодамнешниот 12-дневен конфликт со Израел, пренесува Middle East Eye повикувајќи се на регионални извори.
Техеран, 8 јули 2025 (МИА) – Иран доби противвоздушни ракетни системи (SAM) од Кина, како дел од напорите за обнова на одбранбените капацитети по неодамнешниот 12-дневен конфликт со Израел, пренесува Middle East Eye повикувајќи се на регионални извори.
Испораките пристигнале по договореното примирје од 24 јуни. Еден од изворите изјави дека Иран ги плаќа системите со нафта, а речиси 90 отсто од иранскиот извоз на сурова нафта оди кон Кина, според податоците на Американската агенција за енергетска информација.
Вашингтон е информиран за растечката соработка, а арапските сојузници на САД изразиле загриженост за јакнењето на иранската воздушна одбрана. Според аналитичарите, овој потег претставува зајакнување на односите меѓу Пекинг и Техеран, во период кога Западот бележи одредена дистанца на Кина и Русија од Иран поради израелските напади.
Израел во последниот конфликт постигна воздушна доминација, уништи ирански балистички позиции и изврши целни напади врз генерали и научници. Сепак, Иран продолжи да возвраќа со балистички ракети кон израелски цели во Тел Авив и Хаифа.
Иран и порано набавуваше кинески ракети – како HY-2 Silkworm во 1980-тите, а според извештаи од 2010 година и HQ-9. Се претпоставува дека денес користи и руски С-300, како и домашни системи како Хордaд и Бавар-373, со ограничени способности против американските авиони F-35 што ги користи Израел. ссм/
фото: архива