• петок, 21 јуни 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 13 јуни 2024 (МИА) - Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР поднесе кривична пријава против З.Л., самостоен инспектор во Регионален центар за гранични работи Југ, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „несовесно работење во службата“ и „посебни случаи на фалсификување исправи“.

Во својство на претседател на комисија за утврдување на дисциплинска одговорност на РЦ Југ и РЦ Запад, пријавениот во два наврата пропуштил во законски предвиден рок да спроведе дисциплински постапки против една вработена, при што на одлуката со која се прекинува постапката за утврдување на дисциплинска одговорност против вработената го фалсификувал потписот на заменик член на комисијата.

Одделот за внатрешна контрола ќе поднесе предлог за поведување постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и пријавениот ќе биде отстранет од своето работно место до завршување на постапката.

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Р.А.(25) од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.

При контрола на патничкo возило „ситроен“, кое го управувал пријавениот, извршена на улицата „Магистрален пат“ во Кичево на 18.10.2023, полициските службеници пронашле и одзеле марихуана и метална дробилка со остатоци од марихуана.  

На 12.06.2024 во СВР Битола, од Итна медицинска помош Битола било пријавено дека во Клиничка болница Битола со тешки телесни повреди го пренеле Г.Ј.(26) од с.Браилово, Прилепско.

Според пријавеното, тој се здобил со повредите при извршување работни задачи во приватна фирма во Битола. Увид на местото извршила екипа на СВР Битола и за настанот бил известен трудов инспектор.

На 12.06.2024 во 14.00 часот во СВР Тетово, од Клиничка болница Тетово било пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен С.Н.(64) од Делчево.

Според пријавеното, тој се здобил со повредите при извршување градежни работи за градежна фирма од Скопје на патот во изградба кој води од с.Требош кон главниот пат Тетово - с.Јажинце. Увид на местото извршила екипа од СВР Тетово во присуство на одговорно лице од фирмата и трудова инспекција.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против М.Ф.(44) од Косово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.

На 04.06.2024 во Скопје, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што бил пронајден и одземен  амфетамин.

На 12.06.2024 во 12.00 часот во СВР Тетово, 28-годишник од тетовско село пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 1.350 евра. Според пријавеното, на 25.05.2024 на социјална мрежа тој се договорил со лицето да купи работна машина - багер од него, по што на 10 и 11.06.2024 ги уплатил парите.

Како што е пријавено, пред да го пријави настанот се слушнал со лицето кое му кажало дека машината е на царинска испостава во Тетово, а откако отишол таму бил известен дека таков предмет нема, по што лицето веќе не било достапно и сфатил дека бил измамен. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 12.06.2024 во 12.13 часот во СВР Скопје, од Итна медицинска помош било пријавено дека во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје со тешки телесни повреди бил пренесен Д.С.(67).

Според пријавеното, тој се здобил со повредите при извршување градежни работи на објект во изградба во населба Драчево. Увид бил извршен и за настанот биле известени јавен обвинител и трудов инспектор.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против М.И.(45) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“ и „овозможување употреба на  наркотични дроги“.

На 07.06.2024 во Скопје, полициски службеници извршиле преглед на патничко возило во кое сопатник бил пријавениот, при што биле пронајдени и одземени хероин и кокаин.

Денеска (13.06.2024) во 03.50 часот, полициски службеници од Полициската станица Центар го привеле лицето М.Ц.(23) од Скопје затоа што околу 03.00 пред угостителски објкет на подрачјето на Центар го нарушил јавниот ред и мир и агресивно се однесувал кон полициски службеници кои вршеле службени дејствија.

По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.  

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Ј.Ф.(30) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.

На 04.06.2024 во Скопје, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што пронашле и одзеле кокаин.

На 12.06.2024 во 19.00 часот во СВР Скопје, 40-годишна жена од Скопје пријавила дека на подрачјето на Центар била физички нападната од нејзиниот сопруг Р.Б.(41) од Скопје со кого е во бракоразводна постапка.

По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.  

На 12.06.2024 во 20.00 часот во СВР Скопје, 23-годишна жена од Скопје пријавила дека во семејниот дом во скопско село, нејзиниот сопруг М.А.(24) физички ги нападнал неа и нивната малолетна ќерка.

По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Т.А.(21) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.

На 06.06.2024 во Скопје, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана.

На 12.06.2024 во 22.15 часот во СВР Скопје, Ј.Д.(46) од Скопје пријавил дека околу 20.35 часот на подрачјето на општина Аеродром во Скопје неговиот малолетен син бил физички нападнат од тројца малолетници.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 12.06.2024 во 23.00 часот во СВР Скопје, С.С.(35) од Скопје пријавил дека на подрачјето на Гази Баба, поради нерасчистени должничко-доверителски односи, тој и неговата сопруга Ј.С.(32) од Скопје биле физички нападнати од Д.Т..

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР Штип поднесе кривична пријава против С.В.(19) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.

На 09.12.2023, пријавениот бил затекнат при продажба на марихуана на три лица, додека на 20.03.2024 полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана, семки од растението канабис и две дигитални ваги.

На 12.06.2024 во 18.50 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Драчево,  по претходна расправија поради нерасчистени должничко-доверителски односи, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу В.С.(46) и С.М.(34), двајцата од Скопје.

Притоа С.М. се обидел да употреби остар и гумен предмет. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

СВР Штип поднесе кривична пријава против М.Ј.(29) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „овозможување употреба на наркотични дрога“.

На 27.01.2024, полициски службеници извршиле преглед на патничко возило, управувано од пријавениот, во кое било затекнато уште едно лице на кое тој му овозможил да користи марихуана.

На 12.06.2024 во 16.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Бит-пазар, по претходно недоразбирање, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Х.К.(61) и М.П.(40), двајцата од Скопје, при што Х.К. употребил и метален предмет.

По целосно расчистување на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 12.06.2024 во 11.15 часот во СВР Скопје, М.Н.(41) од Скопје пријавил дека од работното место на подрачјето на општина Аеродром се оддалечиле шест лица од Непал, со привремен престој во Скопје, а кои биле вработени во неговата фирма.

Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Виница поднесе кривична пријава против С.Д.(35) од Кочани и Џ.Д.(34), Ш.Д.(37) и П.Д.(57), сите од Виница, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“.

На 17.05.2024 во Виница, пријавените физички ја нападнале М.Р.(31) пред нејзините малолетни деца.

На 12.06.2024 во 14.15 часот во СВР Скопје, Л.Џ.(36) од Скопје пријавил дека од работното место во Тетово се оддалечиле четири лица од Непал, со привремен престој во Скопје, кои биле вработени во компанија од Тетово, подружница Скопје, каде што тој е управител.

Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицата. хс/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан