• недела, 05 мај 2024

Маричиќ: На 8 мај ќе имаме силен СДСМ, кој ќе се спротивстави на националистичкиот и популистички виор што ни се заканува

Маричиќ: На 8 мај ќе имаме силен СДСМ, кој ќе се спротивстави на националистичкиот и популистички виор што ни се заканува

Скопје, 26 април 2024 (МИА) - Ги прифаќаме резултатите какви што се и ги разбираме како многу сриозна порака за ставот на граѓаните кон СДСМ. И порано како партија сме биле пред слични предизвици и секогаш сме наоѓале сила да се консолидираме. На 8 мај, СДСМ силно ќе се спротивстави на националистичкиот и популистички виор што и се заканува на земјава, изјави денеска вицепремиерот Бојан Маричиќ, кој е и секретар за меѓународна соработка на СДСМ.

- Свесни сме за сите разочарувања на граѓаните поврзани и со евроинтеграции и со тоа што во повеќе точки ЕУ не беше целосно праведна кон нас и во однос на однесувањето на нашиот најголем коалиционен партнер ДУИ, и тоа го имаме прифатено како забелешка и борбата против криминалот и корупцијата и се она што им пречи на граѓаните. Но, мислам дека е јасно дека на 8 мај ќе треба да имаме силен СДСМ, посилен од ова што го видовме во првиот круг, затоа што без тоа на Северна Македонија и се заканува еден огромен националистички и популистички виор кој што не знаеме каде може да не однесе. Имавме шанса 11 години да го почуствуваме тој виор, имавме шанса во овие седум години на оваа владина коалиција да направиме многу достигнувања, да направиме и многу грешки, изјави Маричиќ.

СДСМ, како што истакна Маричиќ, не се бори за опстанок на власт и по секоја цена да ја формира следната влада, туку се бори за принципите и политиките во кои веруваме и од кои нема отстапување - демократија, слобода, социјални политики, социјална правда.

- Убеден сум дека ако продолжиме со искрената и отворена комуникација, ако ги лоцираме и политиките но и луѓето кои со своето однесување ни нанесоа огромна политичка штета, и ако успееме, а јас сум сигурен дека ќе успееме да изнајдеме сила со тоа да се справиме, убеден сум дека на 8 мај ќе направиме резултат со кој што СДСМ ќе биде горд во овој контекст. Многу работа не очекува и по 8 мај и како партија и како институции, нагласи Маричиќ, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата со молдавската колешка Кристина Герасимов.

Тој посочи и на националистичката и популистичка реторика која ја има во кампањата.

- Во контекст на европските интеграции гледате дека ВМРО-ДПМНЕ избегнува да зборува за европските интеграции. Претежно се крева една националистичка реторика. За жал тоа беше прифатено од ДУИ дури и иницирано, но граѓаните не можат да видат среќа од таа реторика, туку само набој кој ќе не донесе во една тешка ситуација по изборите. Сигурен сум дека во остатокот од кампањата ќе допреме до секој граѓанин, до секој наш член и поддржувач за да ги увериме дека колку е посилен СДСМ од овој прв круг, толку е подобро тоа за државата со јасно уверување дека ниту една од оние крупни грешки за кои сме политички санкционирани нема да ги повториме. Тоа не е едноставен процес, но на повеќето граѓани им е јасно дека СДСМ е политичката сила која може да ја продолжи приказната за европска Македонија, приказната дека одиме кон вистинскиот пат и дека треба да преговараме во наредните четири години со ЕУ, а не со Бугарија, вели Маричиќ.

Прашан дали ова значи дека исклучува во иднина коалицирање со ДУИ, Маричиќ не одговори директно, но наведе дека нивната агенда не е националистичка, туку за европска Македонија, за уважување на сите граѓани во оваа држава.

- Делбите и тензиите бевме убедени дека се дел од минатото и сакаме да бидат дел од минатото, порача Маричиќ. вг/бак/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан