• недела, 22 декември 2024

Маринакис: Каналите за комуникација со Турција функционираат на дипломатско ниво

Маринакис: Каналите за комуникација со Турција функционираат на дипломатско ниво

Атина, 24 јули 2024 (МИА) – Се чини дека каналите за комуникација функционираат на дипломатско ниво, бродот ги заврши истражувањата и сè е во ред, рече портпаролот на грчката Влада, Павлос Маринакис во однос на одлуката на Турција да испрати воени бродови вон грчките територијални води кај островот Касос, поради истражувањата на италијанскиот брод „Ievoli Relume“ за поставување подводен кабел за електрична интерконекција меѓу Крит и Кипар, по што Грција одговорила со свои бродови од воената морнарица и крајбрежната служба, јави дописничката на МИА од Атина.

Во интервјуто за грчката телевизијата „Опен“, Маринакис објасни дека италијанскиот брод завршил со истражувањата што започнаа вчера пред 12 часот и траеја до 4 часот утрово, бродот го поминал целото растојание во грчката Ексклузивна економска зона меѓу островите Касос и Карпатос, турскиот брод се повлекол 1,5 наутички милји, а целиот процес заврши без никакви проблеми. 

-Станува збор за планиран процес, беше финализиран и се почитуваше целиот дипломатски протокол и протоколот за заштита на бродови. Присуството на овие бродови не беше во нашите територијални води, но и покрај тоа на самото место се упатија два грчки брода за да може сè да се изврши како што треба. Она што сакам да го кажам и многу пати го имам споменато е дека ние многу веруваме во одржувањето на оваа фаза на дијалог, која има многу значајни придобивки и за двете земји, рече Маринакис. 

Како примери за подобрената соработка со Турција ги посочи „успешното справување со миграцијата, сведувањето на нула на прекршувањата на воздушниот простор, легалните турски туристи, а не нелегални мигранти“. ср/рп/

Остани поврзан