• сабота, 23 ноември 2024

„Мал Битолски Монмартр“ повторно во  Бигорски 

„Мал Битолски Монмартр“ повторно во  Бигорски 

Дебар, 29 мај 2024 (МИА) - Бигорски манастир, по вторпат,  беше средиште на еден несекојдневен културно-уметнички настан – детската ликовна колонија „Мал Битолски Монмартр“.

Истата беше организирана од  претседателката на оваа меѓународна детска ликовна колонија, Елена Хаџи-Антоновска и претседателот на УО на Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ – Битола, Славчо Неделковски.

- Стотина млади ликовни уметници од 20 земји во светот, со  своите штафели, четки и палети и пред сè, со својот уметнички талент и младешки творечки дух,  го красеа манастирското двориште, пренесувајќи ги на сликарско платно архитектонските и природните убавини на манастирот, секој преку својата лична естетска перцепција, информираа од манастирот.

Додаваат дека најнапред младите уметници биле гостољубиво пречекани и благословени  од епископот Антаниски г. Партениј, игумен на манастирот, кој на официјалниот прием ги поздравил ценетите гости со срдечна љубов.

Организаторите на настанот срдечно му се заблагодариле на епископ г. Партениј, за дадениот благослов и за великодушното гостољубие и по тој повод, од името на сите учесници, му подариле три икони: Пресвета Богородица со Богомладенецот Исус, Свети Јован Крстител и Свети Партениј Ламсакиски, изработени од школата на Православната богословија „Венјамин Костачи“, Романија (Православна Црква на Романија). Тие, исто така,  му ги подариле и делата од минатогодишната, прва одржана, колонија.

- Во продолжение, младите уметнички души веднаш се фатија за четките, за на свој начин да ја доживеат и пренесат убавината на Бигорското светилиште. На крајот од денот на учесниците им беа доделени пофалници, а како најдобри цртежи беа избрани четири дела и тоа на учесници од Португалија, Кина, Чешка и Србија, посочуваат од манастирот.

Нагласуваат дека децата направиле навистина голем потфат, бидејќи во краток временски интервал од 8 до 10 работни часа, морале да почнат од нула и да завршат целосно еден цртеж. 

-Жирито беше во состав на: Теодолинда Паскоал од Португалија, Вселоводив Романков од Русија, Марија Дима од Романија и Детското ликовно студио од Битола. Во знак на благодарност за искажаната поддршка и соработка, „Малиот Битолски Монмартр“ му додели на епископот Антаниски и игумен Бигорски г. Партениј свечена Плакета за придонес во сликарската уметност, посочуваат од Бигорски манастир.

Освен од нашата земја учесници биле деца од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Индија, Израел, Јапонија, Кина, Малезија, Полска, Португалија, Романија, Србија, Словачка, Турција, Франција, Хрватска, Чешка, Црна Гора.

Првиот ваков настан беше организиран во мај минатата година. вт/дма/


Фото: Бигорски манастир

 

 

Остани поврзан