Тркалезна маса во Охрид за борба против семејното и родово базираното насилство
- Отсекот за превенција при СВР - Охрид вчера организираше тркалезна маса на тема „Родово базирано насилство и семејно насилство“, со учество на повеќе институции и организации.
Охрид, 17 март 2026 (МИА) - Отсекот за превенција при СВР - Охрид вчера организираше тркалезна маса на тема „Родово базирано насилство и семејно насилство“, со учество на повеќе институции и организации.
На настанот присуствуваа претставници од Основен суд Охрид, Јавно обвинителство Охрид, Центар за социјални работи Охрид, локалната самоуправа, образовни установи, како и на невладини и младински организации.
Целта на средбата беше зајакнување на меѓуинституционалната соработка во сузбивањето на семејното и родово базираното насилство, поефикасна заштита на жртвите, рано препознавање на појавните форми на насилство, како и подобрување на механизмите за пријавување и интервенција. Дополнително, беше истакната потребата од подигање на јавната свест и зајакнување на довербата во институциите.
Според податоците на СВР - Охрид, во периодот јануари – март 2026 година биле пријавени 18 случаи на семејно насилство, наспроти седум случаи во истиот период минатата година.
Во текот на оваа година поднесени се десет кривични пријави против исто толку сторители, додека во првите три месеци од 2025 година биле поднесени четири пријави против четворица сторители. Пријавите се однесуваат на кривични дела „телесна повреда“ и „загрозување на сигурноста“. аб/дма/
Фото: СВР - Охрид