Ѓорѓиевски најавува инвестиции во дигитална опрема и одржливи енергетски решенија во средните училишта
- Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, присуствуваше на одбележување на патрониот празник на ООУ „Кузман Шапкарев“ во Драчево, кое, како што истакна на свеченоста, претставува значаен дел од образовниот и општествениот живот во општината, место во кое поминале многубројни генерации ученици, кои таму ги стекнале своите знаења, вредности и трајни пријателства.
Скопје, 17 март 2026 (МИА) - Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најавува нов инвестициски циклус насочен кон сите средни училишта, кој ќе овозможи современи услови за образование преку воведување дигитална опрема и одржливи енергетски решенија - информира прес-службата на Град Скопје.
Од таму денеска соопштија дека Ѓорѓиевски присуствувал на одбележување на патрониот празник на ООУ „Кузман Шапкарев“ во Драчево, кое, како што истакнал на свеченоста, претставува значаен дел од образовниот и општествениот живот во општината, место во кое поминале многубројни генерации ученици, кои таму ги стекнале своите знаења, вредности и трајни пријателства.
Потсетил дека во периодот кога ја извршувал функцијата градоначалник на општина Кисела Вода биле реализирани значајни инвестиции токму во ова училиште, кое годинава одбележува 55 години постоење, како и во сите училишта на територијата на општината. Во тој период биле реконструирани и модернизирани училници, доградени нови простории, поставени фотоволтаични системи, како и обезбедени бесплатни ранци и училиштен прибор за секое прваче.
Дополнително, биле воведени паметни уреди и пречистувачи на воздухот, со цел создавање подобри услови за учениците и наставниот кадар.
- Ѓорѓиевски нагласи дека со истата посветеност продолжува и во својата сегашна функција како градоначалник на град Скопје најавувајќи нов инвестициски циклус насочен кон сите средни училишта, кој ќе овозможи современи услови за образование преку воведување дигитална опрема и одржливи енергетски решенија - се вели во соопштението. лв/дма/
Фото: Град Скопје