• вторник, 14 мај 2024

Крводарителска акција во Велес, собрани 60 крвни единици

Крводарителска акција во Велес, собрани 60 крвни единици

Велес, 3 декември 2023 (МИА) - Во акција за доброволно дарување на крв што четвртта година во декември ја организира Здружението на граѓани „Велес Бајкинг“ денеска во просторија на театарот во Велес беа собрани 60 крвни единици. Акцијата е изведена во соработка со Општинската организација на Црвен крст и Институтот за трансфузиона медицина од Скопје чија медицинска екипа ја предводеше д-р Горан Андонов кој во информација за МИА, акцијата  ја оцени како мошне успешна  и  им се заблагодари на велешките доброволни дарители на крв за хуманоста.

-Морам да истакнам дека во Велес сите акции за доброволно дарување крв се успешни. ЗГ „Велес Бајкинг“ ја организира секој декември успешно веќе четвртта година. Им искажувам благодарност и ним и на сите велешки крводарители. Тие се херои во  денешното време по својата искажана хуманост на дело, потенцира д-р Андонов.

Воедно потсетува дека освен на акции велешани се хумани и самоиницијативно дарувааат крв секој понеделник и четврток во службата на Институтот за трансфузиона медицина која е сместена на влезот на велешката Општа болница.

Зоран Јаневски претседател на ЗГ „Велес Бајкин“ кое успешно работи десет години за МИА, информира дека освен  нивни членови роднини и пријатели на здружението што е за пофалба им се приклучиле и бројни граѓани кои се одзвале на нивниот повик да даруваат крв. Тој на сите им се заблагодарува за хуманоста што се вклучија во  денешна доброволна акција.

-Целта на оваа акција за доброволно дарување на крв како и на сите наши акции што ги организирае во текот на годината да ја покажеме својата хуманост за оние на кои им е потребна.Воедно целта на оваа акција е да ги мотивираме  и сите граѓани да ни се приклучат и да даруваат на крв, а со даруваната крв да спасат нечиј живот во опасност, потенцира Јаневски. ад/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан