• понеделник, 23 декември 2024

Кина го испраќа својот најмлад екипаж астронаути во Вселената

Кина го испраќа својот најмлад екипаж астронаути во Вселената

Пекинг, 25 октомври 2023 (МИА) - Кина ќе го испрати најмладиот екипаж астронаути во Вселената - на својата вселенска станица Тијангонг. Мисијата „Шенжу-17“ треба да полета утре, четврток, во 3:14 часот по средноевропско  време, од космодромот „Џиукван“ во пустината Гоби на северозападот од земјата. Астронаутското трио го сочинуваат командантот Танг Хонгбо (48), Танг Шенџие (33) и Џијанг Ксинлин (35).

„Ова е екипажот на астронаутите со најмладата просечна возраст досега, откако Кина почна со вселенските мисии со екипаж“, се вели во соопштението на кинеската Влада.

Имено, Кина го испрати својот прв човек во вселената дури во 2003 година. Азискиот гигант вложува милијарди во својата вселенска програма предводена од војската, благодарение на што успеа во голема мера да ги достигне Американците и Русите.

Кинеските астронаути гарантираат смени на екипажот и долгорочно присуство на Кина во Вселената. Целта првично е одржување на вселенската станица и истражувачко-научна работа, како и постепено проширување на нејзините можности.

Кина беше делумно охрабрена да изгради своја вселенска станица поради фактот што САД одби да ѝ дозволи на таа земја да учествува во работата на Меѓународната вселенска станица. Азиската држава беше исклучена 2011 година, кога Вашингтон ѝ забрани на НАСА да соработува со неа. Но, и покрај тоа, далекуисточниот гигант стави до знаење дека сака да остане во трката за освојувањето на вселенското пространство. си/паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан