• понеделник, 13 мај 2024

Киев: Украина и Полска се договорија за акциски план за деблокирање на заедничката граница

Киев: Украина и Полска се договорија за акциски план за деблокирање на заедничката граница

Киев, 23 декември 2023 (МИА) - Министерството за обнова на Украина, заедно со новото раководство на Министерството за инфраструктура на Полска, договорија акционен план за деблокирање на украинско-полската граница.

Украинското Министерство за општински, територијален и инфраструктурен развој на „Фејсбук“ објави дека вчера се одржала средба на замениците министри во ова министерство, Сергеј Деркач и Јуриј Васков, со новоименуваниот заменик министер на полското Министерство за инфраструктура Павел Ганчарц.

„Клучниот резултат од средбата е договорот за општите позиции за деблокирање на границите. Страните постигнаа меѓусебно разбирање во однос на компромисните решенија и нивната имплементација. Следната фаза ќе биде почеток на преговорите на ниво на Министерството за инфраструктура на Полска со демонстрантите“, се вели во соопштението на украинското министерство.

Во соопштението се посочува дека не било разговарано за прашањето за измени на актуелниот договор за либерализација на товарниот превоз.

Полското издание „Виртуелна Полска“ објави дека и полските власти информираат за уште еден пробив во решавањето на проблемот со блокирање на границата.

„Се надевам дека по денешниот состанок министерот Дариуш Климчак ќе се сретне со комитетот на демонстрантите на границата и овој проблем ќе биде решен до Божиќ“, изјави синоќа полскиот заменик министер за инфраструктура Павел Ганчарц.

Според него, сега се преговара за конечните детали кои ќе доведат до конечен договор. Министерот за инфраструктура на Полска, Дариуш Климчак одржува директен контакт со демонстрантите, изјави неговиот заменик. 

Полските превозници започнаа протест на неопределено време на 6 ноември. Меѓу главните барања до украинската влада е враќањето на практиката на дозволи за украинските превозници, која беше укината со договорот со ЕУ од 30 јуни 2024 година. На 23 ноември и полските земјоделци се приклучија на акцијата. Како резултат на тоа, на границата со Полска се формираа огромни редици камиони, кои бројат повеќе од две и пол илјади возила, со возачи кои се соочуваат со исклучително тешки околности. Досега најамалку тројца украински возачи починале додека чекале во оваа редица.

фото: ЕПА архива

Остани поврзан