• сабота, 27 јули 2024

Египет ќе ја поддржи тужбата за геноцид против Израел пред Меѓународниот суд на правдата

Египет ќе ја поддржи тужбата за геноцид против Израел пред Меѓународниот суд на правдата

Каиро, 12 мај 2024 (МИА) - Египет соопшти дека ќе ја поддржи тужбата за геноцид поднесена од Јужна Африка против Израел пред Меѓународниот суд на правдата, како знак на незадоволството на Каиро поради израелската воена операција во јужниот град Рафа во Газа, кој граничи со Египет, пренесува ДПА.

Египетското Министерство за надворешни работи во соопштението наведува дека овој чекор се презема „со оглед на влошувањето на интензитетот и обемот“ на израелските напади врз цивилите во Газа и „продолжувањето на систематските практики“ против Палестинците, вклучително директно таргетирање на цивили и уништување на инфраструктурата.

Египет беше првата арапска земја која потпиша мировен договор со Израел во 1979 година, но воената кампања во Газа ги разгоре антиизраелските чувства во најнаселената земја во арапскиот свет.

На почетокот од изминатата неделата, Израел ја презеде контролата над граничниот премин Рафах со Египет од страната на Газа, операција која ја запре испораката на хуманитарна помош преку виталниот премин во густо населениот појас.

Каиро, исто така, е загрижен дека големиот израелски напад во Рафа, преполн со бегалци од борбите во Газа, би можел да предизвика масовен егзодус на египетскиот Синајски полуостров.

Израел го смета Рафа за последно упориште на палестинската исламистичка група Хамас, која уби стотици цивили во Израел во октомври минатата година.

Египетската државна телевизија Ал Кахера њуз, цитирајќи извор на високо ниво, објави дека Каиро одбил да се координира со Израел околу влезот на помошта во Газа преку преминот Рафах поради „неприфатливата израелска ескалација“.са/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан