• петок, 15 ноември 2024

Голем интерес на Албанците во Грција за говорот на Рама во Атина

Голем интерес на Албанците во Грција за говорот на Рама во Атина

Атина, 12 мај 2024 (МИА) – Со аплаузи и овации, со албански знамиња во и вон салата, Албанците кои живеат во Грција го пречекаа албанскиот премиер Еди Рама во Атина, кој во спортска сала во атинска населба денеска одржа собир и говор на кој според процените, присуствуваа над 6.000 лица, јави дописничката на МИА од Атина.

Посетата на Рама во Атина е приватна, во рамките на неговата турнеја во неколку европски земји со цел да се сретне и да им се обрати на неговите сонародници, а според грчките медиуми за безбедноста на албанскиот премиер, ангажирани беа над 1.000 полицајци.

Собирот во затворената спортска сала беше закажан за претпладнево во 11 часот, но граѓаните уште рано утрово започнаа да пристигнуваат, а интересот кај Албанците кои живеат во Грција беше огромен.

Коментираа дека е особено важен фактот што Рама е првиот албански премиер што ја посетува Атина за да се сретне со дијаспората.

Со оглед на тоа дека салата е со ограничен капацитет, надвор беше поставен и видеобим, за следење на говорот на Рама за оние кои немаа можност да влезат внатре.

Албанскиот премиер пристигна во придружба на сопругата и министри од неовата Влада, а на говорот му претходеше интонирање на албанската химна, како и музички дел со албански пејач.

Според грчките медиуми, Рама порачал дека во Атина не дошол за да провоцира.

За приватната посета и собирот, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во вчерашното интервју за грчката телевизија Алфа рече дека „Грција е демократска земја, која уставно го гарантира правото на одржување собири и очигледно никој никогаш не би му забранил на странски лидер да дојде, да оствари приватна посета за да им се обрати на неговите сонародници“.

-Мислам дека темата доби малку повеќе публицитет отколку што навистина заслужува. Ако ме прашувате дали времето на оваа посета, неколку недели пред европските избори и со отворените прашања за грчкото национално малцинство во Албанија, е вистинскиот, ќе ви кажам дека не е баш најсоодветното време. Но, како и да е, да не му даваме и поголема важност, рече Мицотакис. 

Посетата на Рама на Атина е во период кога односите меѓу Грција и Албанија се заладени поради случајот со осудениот градоначалник на Химара Фреди Белери, кој иако е во затвор во Албанија е еден од 42-та кандидати за пратеници во Европскиот Парламент од редовите на грчката владејачка партија Нова демократија. ср/са/

 

Остани поврзан