• вторник, 14 мај 2024

Катарските власти „згрозени“ од оценките на Нетанјаху за посредувањето во преговорите Израел-Хамас

Катарските власти „згрозени“ од оценките на Нетанјаху за посредувањето во преговорите Израел-Хамас

Доха, 25 јануари 2024 (МИА) - Катарските власти нагласија дека се „згрозени“ од коментарите на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој ги критикуваше напорите за посредување на земјата кои ги отежнуваат и онака тешките преговори насочени кон прекин на непријателствата во замена за ослободување на заложниците.

На состанокот со семејствата на заложниците кои ги држи Хамас, Нетанјаху рече дека улогата на Катар во посредувањето е „проблематична“.

Катар, клучен посредник со длабоки врски со палестинската милитантна група и домаќин на некои од нејзините прогонети лидери, рече дека забелешките на Нетанјаху се „неодговорни и деструктивни“.

Во изјавата што ја објави израелската телевизија Канал 12 во вторникот, Нетанјаху им рече на семејствата на заложниците дека намерно не му се заблагодарил на Катар за посредувањето, тврдејќи дека земјата можела да изврши поголем притисок врз исламската милитантна група Хамас.

-Катар, според мене, во основа не се разликува од Обединетите нации. Во основа не се разликува од Црвениот крст, а на некој начин е попроблематичен, рече тој. Израел гледа на овие организации со сомнеж, сметајќи ги за пристрасни и недоволно корисни за ослободување на заложниците, рече Нетанјаху.

Тој кажа и дека изразил гнев кон САД поради обновата на воената база во Катар. Нетанјаху додава дека им рекол на Американците да извршат притисок врз Катар да изврши притисок врз Хамас.

Катар помогна да се обезбеди еднонеделно примирје во ноември со кое беа ослободени повеќе од 100 заложници. Тој е вклучен и во напорите да се постигне нов договор за да се вратат дома околу 130 заложници кои се уште се во заробеништво.

Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Катар, Мајед ал-Ансари, на „Х“ објави дека неговата влада е „згрозена“ од изјавите на Нетанјаху, но дека тие „не се изненадувачки“.

-Доколку се утврди дека се вистинити пријавените забелешки, израелскиот премиер само би го попречувал и поткопувал процесот на посредување, од причини кои се чини дека му служат на неговата политичка кариера, наместо да дава приоритет на спасување невини животи, вклучително и израелски заложници, напиша ал-Ансари на „Х“.

Катар работи со Египет на нов договор кој би можел да ослободи повеќе заложници. Претставникот на Белата куќа за Блискиот Исток, Брет Мекгурк беше во Доха во средата, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Кирби. Посетата дојде еден ден откако Мекгурк се сретна со официјални лица во Египет со надеж дека ќе посредува за привремено примирје меѓу Израел и Хамас.

Но, официјалните лица велат дека јазот меѓу двете страни останува голем, а расправијата меѓу Нетанјаху и Катар може да ги попречи разговорите. Откако последниот прекин на огнот заврши кон крајот на ноември, борбите во Газа се интензивираа. мс/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан