• сабота, 23 ноември 2024

Откриен идентитетот на избеганиот затвореник во Франција, „Мува“ побегнал по убиството на двајца затворски чувари

Откриен идентитетот на избеганиот затвореник во Франција, „Мува“ побегнал по убиството на двајца затворски чувари

Париз, 14 мај 2024 (МИА) - Во Франција се убиени двајца затворски чувари, а тројца се повредени  додека превезувале затвореник, за кој се открива дека се вика Мохамед Амра и е роден во 1994 година.

Чуварите се нападнати во француската општина Инкарвил во департманот Ер од непознати мажи.

Затвореникот Амра побегнал со напаѓачите, а по нив е започната потрага, вклучително и хеликоптери. Амра се враќал од судот во Руан каде бил сослушан од истражниот судија, во случајот за обид за убиство за кој е обвинет.

Францускиот весник „Фигаро“ наведува дека затвореникот го има прекарот „Мува“ и неколку кривични пресуди, вклучително и обид за убиство, пренесува Би-Би-Си.

На француската јавност и се обрати и премиерот Габриел Атал, кој вети дека „Франција никогаш нема да потклекне пред насилството и ќе остане обединета“.

„Ви кажувам, сторителите ќе платат“, рече Атал.

Францускиот министер за правда Ерик Дупон-Морети објави дека итно се упатува кон кризната единица на министерството. Тој рече дека двајцата повредени полицајци се во критична состојба.

„Апсолутно ќе се направи се за да се откријат сторителите на ова грозоморно злосторство“, изјави Морети за телевизијата БФМ.

Министерот за внатрешни работи Жералд Дарманен, пак, денеска соопшти дека е започната голема потрага по непознати напаѓачи, кои утринава убиле најмалку двајца затворски чувари и раниле уште тројца додека превезувале затвореник меѓу Руан и Евро.

„Се користат сите средства за да се пронајдат овие криминалци. Неколку стотици полицајци и жандарми се мобилизирани по мои инструкции“, напиша Дарманен на платформата Х. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан