Интервентна опрема за Доброволното противпожарно друштво од Кочани донираше Ротари клубот Ново Место од Словенија
- Доброволното противпожарно друштво (ДПД) од Кочани денеска доби комплети со интервентна опрема за своите членови што ги донираше Ротари клубот Ново Место од Република Словенија.
Кочани, 15 април 2023 (МИА) – Доброволното противпожарно друштво (ДПД) од Кочани денеска доби комплети со интервентна опрема за своите членови што ги донираше Ротари клубот Ново Место од Република Словенија.
Донацијата е дел од соработката меѓу словенечките ротаријанци и членовите на Ротари клубот Кочани – Виница, чија инцијатива е прифатена и реализирана, со што дополнително ќе се опремат поголем дел од педесетината пожарникари волонтери.
-Иако сум роден во Словенија, моето потекло е од Кочанско и кога ги видовме снимките од овдешните катастрофални пожари минатото и претходното лето, решивме да им помогнеме на волонтерите. Знаеме дека доброволните друштва имаат проблеми со финансирањето и обезбедувањето опрема, тие се ангажираат со срце и затоа им е потребна поддршка. Дојдовме лично со поголема група од Словенија, да ги посетиме и да видиме што уште им е неопходно за нивните интервенции. Така ќе можеме повторно да се организираме и да обезбедиме нова донација, истакна Гоце Тасев, претседател на Ротари клубот Ново Место.
Доброволните пожарникари од Кочани за гостите од Словенија приредија свечен пречек, со велигденска трпеза од домашни специјалитети што сами ги подготвија.
- Големо е нашето задоволство што нашите словенечки пријатели денеска лично нè посетија и ни ја донираа опремата, во која има комплети со работна облека, шлемови, чизми, ракавици, маски и апарати за дишење во опасни услови, алати и уреди за лична заштита на пожарникарите. Донацијата е добредојдена токму пред почетокот на летната сезона во која, според досегашното искуство, има зголемен број повици за излегување на терен, особено за гаснење пожари. Би сакале опремата многу повеќе да ја користиме за вежби и обука на нашите членови, отколку за вистински интервенции, истакна Златко Илијев, претседател на ДПД – Кочани.
Покрај обезбедувањето опрема за лична заштита при интервенции, од Доброволното противпожарно друштво најавија дека очекуваат наскоро да добијат уште едно возило, со што ќе го прошират возниот парк и ќе ја зголемат мобилноста на терен. та/цр
Фото: МИА