Левица: Владата со државни пари ќе одбележува јубилеј на ансамблот на „Илирида“
- СООПШТЕНИЕ: На собраниската седница на која се најде и Програмата за одбележување на јубилејни настани, пратениците од Левица Реџеп Исмаил и Јована Мојсоска остро се спротиставија на истата актуелизирајќи дека во неа се наоѓаат одбележувања на јубилеи на спорни, сепаратистички и анти-македонски здруженија.

Скопје, 11 март 2025
На собраниската седница на која се најде и Програмата за одбележување на јубилејни настани, пратениците од Левица Реџеп Исмаил и Јована Мојсоска остро се спротиставија на истата актуелизирајќи дека во неа се наоѓаат одбележувања на јубилеи на спорни, сепаратистички и анти-македонски здруженија. Пратеникот Реџеп Исмаил, имаше излагање на кое посочи дека доколку се изгласа ваквата Програма би се нарушила репутацијата на Собранието и дека таа е во колизија со Меѓународните документи донесени со одлука на ООН:
„Во точка 99, е одредено дека се слави јубилеј од ансамблот „Илирида“. Прво би сакал да подвлечам дека ова несреќно избрано име на овој ансамбл би требало да сноси одговорност за неговата регистрација во Централниот регистар на РМ. Нагласувам дека ова здружение, и по неговата функција и по симболот што го носи - апсолутно не исполнува ниту еден од критериумите за одбележување на јубилејни годишни и значајни настани“ - потенцираше пратеникот од Левица, Исмаил.
Иако тој побара вака спорно срочената Програма за одбележување на јубилејни настани да се врати на корекција, исфрлајќи ги, како што ги нарече Исмаил „анти-АСНОМските јубилеи“- владејачкото мнозинство ја изгласа Програмата не земајќи ги предвид забелешките.
На ова реагираше и пратеничкат од Левица, Јована Мојсоска, која на својот фејсбук профил напиша:
„На денешната собраниска седница, владејачкото мнозинство си ја изгласа Програмата за одбележување јубилејни настани, меѓу кое е и 10 години од основањето на Ансамблот ,,Илирида"!
Откако пратеникот Хактан проблематизираше дека здружение кое де факто промовира сепаратизам не треба ни да постои (камо ли да му одбележуваме јубилеј) - пратениците од ДПМНЕ искажаа такви небулози, што навистина не знам дали толку појма немаат од историја или не знаат како да си го одбранат коленичењето пред ВРЕДИ.
Како вмровските пратеници да не се запознаени дека во 1992 година се одржа референдум под платформата Илирида, организиран од тогашните албански партии, кои го бојкотираа референдумот во 1991 г. Организаторите на референдумот бараа промена на Уставот, каде ќе се инкорпорира албанската автономија, Автономна Република Илирида. Исто така, беше предложен додатен дел на Уставот, со наслов: Автономна Република Илирида, која беше одредена како автономна политичка територијална и демократска заедница.
Односно, движењето Илирида предвидува формирање на бинационална држава со две федерални единици - албанска и македонска. И замислете, за комитите од ВМРО, Илирида воопшто не е спорна!
Мој совет до вмровските пратеници е повеќе да читаат историја, за да не завршат повторно на погрешната страна (како во Втора светска војна)“ - напиша Мојсоска објавувајќи слика од референдумското прашање за Илирида: ,,Дали сте за политичко-територијална автономија на Албанците во Македонија“.
ПП Левица
__________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.